Ретвитни Оброк е граѓанска иницијатива, која сака да ја крене свеста за гладот во нашиот град, воедно да анимира готвачи, да рециклира храна и да ја пренесе идејата дека секој оброк е важен, под мотото: „Од граѓаните за граѓаните“. Во насока на ширење на добрата идеја и хуманата работа, решивме да поразговараме на оваа тема со Викторија Мирческа, една од девојките кои се дел од иницијативата, да ни раскаже повеќе за проектот.
Како почна сѐ, како изгледаше процесот од идеја до реализација?
Целата иницијатива е започната пред околу година и пол на твитер, преку еден твит во кој две другарки и иницијаторки на целата идеја, пишуваат колку би било фино храната што ја сликаме и објавуваме на социјалните мрежи да ја споделуваме и во реалниот живот со оние што ја немаат. Зошто наместо да ја фрламе храната која ни останува, да не ја дадеме на некој што воопшто нема?
Така почнаа прво тие од дома да подготвуваат по неколку сендвичи и да ги носат и делат на бездомниците низ Центар. Како што се ширеше (ретвиташе) твитот, така се ширеше и идејата, па многумина ја прифатија и се приклучија кон ваквиот гест. Секој од дома подготвуваше по неколку оброци и ги носеше пред платото на Мајка Тереза во центарот на Скопје. Таму се запознаваа со Тони и Весна кои се дел од хуманото здружение „Вистински дела на љубезност“ и кои уште од пред 3 години на бездомните и социјално загрозени луѓе им обезбедуваат храна, облека, лекарства, покуќнина, сето тоа преку донации од хумани граѓани и фирми.
Па, откако идејата од твит премина во реализација и стана редовна пракса секоја сабота, се прошири и на Фејсбук, дознаа многу повеќе луѓе и веќе секој од некаде доаѓаше и носеше колку може. Како растеше интересот, желбата да се помогне, но, за жал, и бројот на бездомниците, се одлучи да се здружиме на заедничко готвење со цел да се подготват многу повеќе од 10-20 оброци кои би ги подготвиле дома. Оттогаш, без прекин редовно готвиме по околу 100 оброци секој петок и делиме околу 200 оброци вкупно со оние кои се донирани од други граѓани и фирми, секоја сабота, веќе вкупно 86 недели
Колкумина бевте на почетокот, колку сте сега?
На почетокот беа 5-6 луѓе кои од дома подготвуваа по неколку оброци, а откако е започнато заедничкото готвење секој петок во кујната на црквата „Гласност“ или во кујната на МОФ, понекогаш и кај некој од членовите дома, веќе има над 10-ина редовни, а последниве неколку недели имаме и над 20 волонтери кои дознаваат сѐ повеќе за најсреќната иницијатива, сакаат на некаков начин да се вклучат, да помогнат, да бидат дел и тоа е од огромно значење.
Немаме конкретна бројка, затоа што ние не сме формално здружение и не сакаме да се делиме ниту хиерархиски ниту никако, затоа што сѐ што правиме е од искрени и човечки побуди, така што секој којшто макар еднаш донел оброк и го подал некому е дел од #РетвитниОброк. Оние кои почесто даваме изјави или објавуваме информации и фотографии сме само гласници и некакви организатори за што повеќе и поконкретно да се прошири идејата, ништо повеќе.

Викторија, како се снабдувате со намирници?
Правило на #РетвитниОброк е дека не примаме пари како донација, туку само намирници, производи, волонтери. Намирници најчесто купуваат и оставаат хумани граѓани кои сакаат некако да се вклучат и помогнат, но немаат време за готвење, па дел оставаат во ресторанот „Фрешис“ или во црквата „Гласност“ од каде потоа ние ги земаме во петок и ги готвиме во вкусни оброци.
Како што растеше иницијативата и како што се зголемуваше бројот на оброци, така почнаа и некои фирми да ни помагаат со донација на свои производи на неделно или месечно ниво. Исто така, има и некои фирми и ресторани кои подготвуваат комплетни оброци и ги носат во сабота на делењето
Како можат да се вклучат луѓето, на кој начин можат да земат учество?
Сите информации секоја недела ги објавуваме на социјалните мрежи во офоцијалната Фејсбук група Ретвитни Оброк, каде секој може да се приклучи и да ги следи настаните и информациите или да праша сѐ што го интересира и на Твитер под хаштагот #РетвитниОброк.
Луѓето кои сакаат да се вклучат за помош може да донираат намирници ако немаат време за готвење, со оглед на тоа што сега веќе го исполнуваме капацитетот на кујната на заедничкото готвење во „Гласност“, подобро е секој кој сака да готви да си собере готвачко друштво дома, па да им биде и позабавно, а истовремено и да бидат хумани со тоа што ќе подготват десетина оброци кои ќе ги донесат во сабота пред Спомен домот на Мајка Тереза. Слободно можат да се подигнат алуминиумски амбалажи од портирницата на Мајка Тереза во кои ќе ги спакуваат оброците. Можат и да дојдат на заедничкото готвење секој петок по 17 часот за да видат како се организираме, па истото да го применат или може да дојдат во сабота и да помогнат при пакувањето на оброците и делењето на бездомниците

Дали има цел да се прошири како поголем проект?
Она што постојано го апелираме до граѓаните кои само слушаат и читаат за #РетвитниОброк е слободно да нѐ копираат, слободно да се приклучуваат и да го прават истото во сите градови на Македонија. Ова не е затворен круг, ниту неколку луѓе кои се главни, нема главни, сите сме тука само за да ја шириме идејата и да поттикнуваме повеќе искористување на храната и обезбедување достоен оброк за секој што нема. Не мора ниту на едно место да се собираат бездомници или да ги барате во другите градови. Подгответе неколку оброци, соберете во две чинии од манџата која ви останува за ручек, сварете 1 кг. ориз, пире, тестенини, некое колбавче и парче леб, излезете на улица и подајте го на некој што гледате дека нема.
Кога ви останува дел од ручекот не го фрлајте, туку дајте го на некого. Производи кои ги имате во поголема количина и знаете дека нема да ги употребите до крајниот рок, дајте ги некому додека сè уште во добра состојба, наместо потоа да ги фрлите. Толку е потребно за барем малку поубав ден, па и свет.
#РетвитниОброк како иницијатива која веќе е сериозна и редовна има потреба да се шири, а со тоа неопходни се и повеќе кујни, повеќе места каде би се готвело за да може многу побрзо и многу повеќе оброци да се обезбедат, бидејќи моментално работиме на еден обичен шпорет и тоа одзема многу време. Имаме само еден фрижидер во кујната, но тој служи само за намирниците, а оброците ги пренесуваме на друго место за да ги задржиме во добра состојба, што дополнително го комплицира транспортот. Засега сето тоа го правиме на наша добра волја и ангажман, но добро би било некој да ни го олесни тоа.
Би сакале постепено да може да обезбедуваме и по три оброци кои секој човек заслужува достоинствено да ги изеде. Добро би било и некои од самите бездомници кои имаат желба да научат да готват и сакаат да бидат корисни, да ни се приклучат, па во некоја, се надеваме блиска иднина, кога би имале нормални услови за барем малку попристоен живот, да почнат и сами да си подготвуваат оброци.
Можеби нема да им го промениме целосно животот, но можеме барем малку да им го олесниме и разубавиме.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива и Лилика Стрезовска
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.