Пред големиот музичики фестивал „All You Need Is Love“ што во организација на Авалон продукција ќе се одржи оваа сабота (03.12) во Скопје, разговаравме со Младен Бодалец, фронтменот на хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“. И го вративме 40 години наназад, во времето на нивното формирање.
По скоро 40 години постоење се доживувате ли како легенди на поранешната ЈУ сцена?
„Ќе мора да се согласите со мене дека 40 години е импресивен број, дури и во светски рамки, затоа што знаеме дека први чекорат (или се тркалаат) Ролинг Стоунс, па целиот свет оди по нив. Често пати знаев да кажам дека рокенролот е прекрасна работа, не ти дозволува да остариш, ама и тоа има една мана – животот пребрзо минува. Така и овие 40 години Прљаво казалиште пролетаа пребрзо, ама ние се тешиме дека уште многу работи се пред нас. И навистина не го чувствуваме товарот што го носиме на грбот и секој пат кога ќе се качиме на сцената нè обзема истата страст како и во деновите кога почнувавме. Сега, со сето стекнато искуство, уживајќи во благодетите на изминатата работа, потполно неоптоварени со цели и ранг листи, со задоволство можеме да го одржуваме тоа што бендот значеше сите овие години за луѓето, трудејќи се да се движиме по истиот пат по којшто тргнавме пред многу години.“
Имате 14 студиски албуми, а 15-от беше во најава за минатата година. Кога можеме да го очекуваме јубилејниот албум?
„Што се однесува до последниот албум, да, сега веќе и ние чувствуваме дека е време да се појави. Не престануваме да создаваме нови песни, но проблем ни е да се натераме да работиме во студио. И да, во последниве години го најавувавме новиот албум, ама тоа не се случи. Мислам дека следната година е наша, ама дали ќе е пролет или есен, допрва ќе видиме.“
За многумина и денес „Црно-бијели свијет“ е вашата најдобра песна. Дали е тоа и ваш избор или некоја друга песна ви е подрага од оваа?
„Песната е име на истоимениот албум и навистина е потсетник на некои други времиња. За нејзината успешност зборува и фактот дека и бројни генерации што дојдоа по нејзиното создавање ја прифаќаат подеднакво добро како и нашите генерации. Ама, ние имавме среќа да имаме цела низа песни кои го надминале времето во коешто настанале, на пример „Херој улице“, „Све је лако кад си млад“, „Не зови мама доктора“, „Ту ноч кад си се удавала“, „Марина“, „Мој бјели лабуде“, „Бадње вече“ и други. Убаво е чувството кога некои нови „клинци“ во првите редови на концертите ги знаат сите песни на бендот.“
Дали на своите настапи и понатаму ја чувствувате истата енергија на публиката, истиот „драјв“?
„Мислам дека емоциите и енергијата што ги создава бендот на сцената се заштитен знак на нашите настапи во живо, и на наша среќа, публиката реагира на тоа и ни враќа во иста мера. Тоа, е всушност и мерата на еден успешен концерт, тој „филинг“ меѓу нас и публиката, тој адреналин што може и да се допре и емоциите заради кои не сакаш да престане никогаш.“
По 4 децении што ве води да свирите, да пеете, да доздавате нова музика?
„Мора да истакнам дека не сме естраден штос, сплетка на некакви менаџери што се сетиле на ова или на она. Ние почнавме како „уличен“, маалски бенд и сето тоа што се случи со бендот е она за што сонуваат повеќето „клинци“ – дека еден ден сонцето ќе блеска само за нив. Потребна беше огромна желба, би рекол страст, верба во себе, сонување, надеж, фантазии, а на крајот и среќа за коцките да се склопат како што човекот ги сонува. Но, свесен си дека не се остваруваат соништата на сите, па затоа треба да си фантастичен во настојувањето да го препознаеш тој миг.
Љубовта кон работата што ја работиш и фактот дека тоа не е само работа, туку нешто многу повеќе е тоа што нè движи сите овие години. Ова е всушност една неверојатна магија, сè што се случува кога сме на пат, кога сме на сцената, кога сме во студио, кога сме на проби – целиот тој живот на рокенрол бенд, потполно свесни за среќата дека со своите песни можеме да ја развеселиме публиката и себе. И затоа од вечер на вечер се качуваме на сцената и се надеваме дека тоа ќе трае долго.“
Кога би требале да одржите концерт со уште 4 бенда, освен вас, кој би се нашол во вашиот најтесен избор?
„Тешко ми е да направам избор од ТОП 5 бендови, ама сите од време на време се наоѓаме на истата сцена во некои рок вечери, на некои рок фестивали, на гитаријади, на денови на пивото и на слични настани. Убаво е кога гледаме дека многу бендови чесно го чуваат одамна стекнатото реноме.“
Какви ви се очекувањата поврзани со концертот во Скопје?
„За нашите минати гостувања во Скопје и во Македонија нè врзуваат убави спомени. Имаше многу гостувања во бројни сали, во разни градови и секогаш со радост во срцата го славевме успехот со македонската публика и секогаш ја чекаме секоја следна средба со неа. Се надевам дека така ќе биде и овој пат. Ние сме во одлична форма и ќе дадеме сè од себе ова да биде преубава вечер на рокенрол.“
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: интернет
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.