Кога пред една година прв пат го интервјуирав Тирке од „Монтевидео“ поминав преку 7 брда и 7 долини за да стигнам до него. Од патешествието можам да напишам цело едно поглавје за книга. Денеска Милош Биковиќ, најпопуларниот српски актер од младата генерација, е оддалечен само една порака. Па кога му пишав „Сакам да правиме интервју“, ми одговори: „Во Москва сум, ама прати ми прашања“.
Постојано е на релација Белград – Москва. Во родната земја игра претстави, снима серии и филмови, во Русија снима серија и филмови, а има и бројни фотосесии бидејќи е заштитно лице на неколку модни брендови. Кариерата на овој исклучителен актер оди по нагорна линија. А бидејќи бројот на обврски и активности му се зголемува од ден на ден, доби десет куси прашања за десет куси одговори…
Која е последната фотографија што ја направивте со мобилниот телефон? Зошто го сликавте токму тоа?
„Сликав кокошка. Буквално. Моите најблиски пријатели ќе знаат знаат зошто.“
Ви се исполнија ли желбите за кои мечтаевте како дете?
„И понатаму сум мало дете. И понатаму сонувам. Сè е уште пред мене. Не ме терајте да се вртам наназад. Ќе остарам.“
Дали некогаш сте танцувале на дожд? Ако не, со кого би сакале да танцувате на дождот без чадор?
„Со неа.“
Ве запрела ли некогаш полиција? Се извлековте на шарм или Ве казнија?
„Ме казнија затоа што сакав да се „извадам“ на шарм.“
Постои ли некој кому му верувате со целото свое битие? Со што го заслужиле тоа?
„Постои. А го заслужил тоа со тоа што ме создал.“
Кога би можеле да бидете жив сведок на некој, кој било историски настан, што би избрале, и зашто?
„На сегашниот момент. Затоа што не постои подобро.“
Кога бевте последен пат во кино, а тоа да не е премиера на некој Ваш филм?
„Го гледав „Дама лист“ на Павел Лунгин. Одличен филм со многу недостатоци.“
Како го прославивте последниот роденден?
„Така што не се сеќавам на него.“
На кои новинарски прашања не сакате да одговарате?
„На глупави.“
Во моментов во Русија го снимате филмот „Кома“… За што станува збор?
„Во филмот сите ликови се наоѓаат во кома. Филмот ќе прикаже многу интересен свет создаден од сеќавања. Во Русија, во нејзината долго создавана култура, актерот може да се обиде во разни жанрови. Благодарен сум што можам да играм во овој филм. До сега не сум глумел во ваков филм и во ваков жанр. Гледам дека рускиот филм е појава што ќе собере околу себе многу култури и многу актери од различно потекло, па мило ми е што Србите имаат многу добра можност во таа средина. А ова не се случува само во областа на филмот. Се надевам дека ќе ја искористиме таа можност.“
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: приватна архива, фотосесија за модниот бренд Кадет
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.
Discussion about this post