Не постои нешто што Гоца Тржан не може да го направи. Таа во изминативе години пее, глуми, танцува, но уште поважно – искрено се забавува правејќи го тоа. Позната е по својата енергичност, по цврстите ставови и по искреноста. И токму тоа ја прави исклучителна жена.
Поминаа дваесетина години од формирањето на групата Тап 011 и песните како „Бунда“, „Телевизор“, „Врапци“… кои преку ноќ станаа мега хитови. Кои Ви се најубавите сеќавања од тоа време?
„Заеднички патувања, феноменални концерти, времето што го поминувавме заедно… Бевме супер екипа.“
Пред неполна година „тапири“ повторно се најдоа на истата сцена за да ја изненадите Ивана Петерс која во тоа време настапуваше во шоуто „Твоето лице звучи познато“. Имаше многу смеа и емоции на сцената на кои публиката не остана рамнодушна. Па логично ми е да Ве прашам дали ќе се соберете повторно заедно, трибјут на тоа што претставувавте?
„Секако, се видовме потоа. Отидовме на заедничка вечера да прославиме што си купив нов автомобил. А летоска одржавме и еден преубав заеднички концер на сплавот-клуб Shake’n’Shake. Беше совршено.“
По Тап 011 и пет самостојни албуми, издадовте и макси сингл, но последниот албум е промовиран во 2010 година. Работите ли на нов албум или за сега ќе ја промовирате само новата песна „Лажна крила“?
„Снимив исклучително успешни синглови во изминативе шест години, вклучувајќи ја и песната „Лажна крила“ којашто бележи рекордна гледаност на YouTube. Се надевам дека сите тие синглови наскоро ќе ги обединам на едно ЦД, заедно со уште две нови, бонус песни.“
Во тек е третата сезона на „Пинкови ѕвездички“ и мора да признаам дека барем на мене ми делувате најемотивно, најенергично од сите судии. На што се должи таа Ваша жестина?
„Емотивно ја доживувам музиката, пред сè децата. Тешко ми е да го скријам тоа. А, покрај сè морам секогаш да бидам искрена кога го оценувам нивното пеење, а тоа не е баш лесно секој пат.“
Ви недостига ли Милан Станковиќ? Со него делевте посебна енергија…
„Го обожавам Мики. Тој е мој пријател и исклучително талентиран колега и да, ми недостасува.“
Не сакам да делувам нескромно, ама имам впечаток дека нашите, македонски деца се на врвот на листата Ваши фаворити. Меѓу Трајче, Антонија, Мартија и Елена (не ги земам предвид сегашните натпреварувачи), кој Ви беше личен фаворит?
„Да, од мојата драга Македонија доаѓаат исклучително многу талентирани деца. Искрено, за мене победник минатата сезона беше Мартија. Таа поседува сè што треба за некој да биде ѕвезда и јас навивам за неа.“
Се обидовте да запишете глума, ама не влеговте на академија. Сепак, сте одиграле неколку помали улоги во животот… Дали филмот и театарот и понатаму претставуваат предизвик за Вас?
„Ако се појави повторно некоја интересна улога за мене, со задоволство повторно ќе си играм „актери“. Актерството е и понатаму моја голема љубов.“
Сите некако емотивно ја поминавме деветтата година од смртта на Тоше? Како го доживувате Вие 16 октомври? Кој Ви е најдрагиот спомен врзан за него?
„Тоше беше исклучително талентиран млад човек. Насмеан, страстен, емотивен. И обожаваше да флертува со сите. И ден денес ги слушам неговите интерпретации со голема љубов. Саканите не умираат…“
Лена расте и личи на својата мајка. Го поседува ли Вашиот музички ген? Размислува ли за музика или има свои желби?
„Таа прераснува во прекрасно воспитано девојче. Горда сум на тоа. Ја воспитувам да биде весела, отворена и да се развива според своите желби, а не да ги исполнува нашите очекувања. За сега оди на танци, учи англиски и оди на училиште. Нека ужива во детството.“
Сакате ли предизвици, авантури? Што е следно за Гоца Тржан?
„Следно е скијањето во Австрија што го чекам со душа. Урааааааааа!!!“
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: интернет
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.