Веќе две години Валентин Петрески ја црта најубавата лична приказна на многу луѓе и ги пренесува нивните единствени пораки преку шолјите, нотесите, чајниците и чиниите на коишто црта. Приказните се секогаш поинакви, а создадени по барање на тој што сака да подари или да добие за себе нешто поразлино од она што може да се купи во продавниците. Токму од тој ентузијазам, интересни средби и желбата за успех, се појави #ТиноСки.
Како се роди приказната за ТиноСки?
ТиноСки не започна наменски. ТиноСки беше предизвик да имам своја оригинална шолја во која ќе уживам со кафето. Продолжи со подарување на блиските и еве скоро две години функционира како позитивна заедница со сите кои посакале да подарат нешто уникатно на блиските или, пак, за себе.
Колку успешно ја „возите“ приказната во овие скоро две години?
Ми се допаѓа ова „возиш”, имаш право и е интересна споредба. Исто е како автомобил, доколку не менуваш брзини ќе стоиш во место. Со оглед на секојдневните обврски мислам дека успешно ги возам овие две години. Во моментов дури ме замисли, толку брзо поминал толкав период од кога без каков било план си ја направив првата шолја за себе па сè почна да се надоврзува. Иако започнав со порцеланот кој е носечката енергија на ТиноСки, во приказната постојано паралелно се надоврзуваат и други моменти и тоа ми се допаѓа. Освен шолји, чајници, чинии, промовирав неколку дизајни на постерчиња за топол дом, дизајнирани нотеси, персонализирани кутии, магнети итн… Некако едно со друго си одговара во целиот концепт и е заокружување на една целина. Најмногу ме радува моментот што во овие скоро две години наидов на многу среќни и задоволни како и многу препораки што ми е најголем доказ дека задоволството е заедничко.
Ви беше ли тешко да ги направите првите чекори?
По природа сум човек кој сака да експериментира, сакам предизвици и ТиноСки ми беше таков момент. Од креативен аспект беше возбудливо, но од технички морам да признаам дека беше исцрпувачки. Мислам дека ги поминав сите можни продажни места во градов со цел да стигнам до вистинските бои кои ми беа потребни. Сфатив дека и самите продавници не се сигурни во својот производ иако тврдеа дека тоа е она што го барам. На крај потребните бои ги најдов во Бугарија. Предизвик беше да се изучува и да се експериментира со техниката на цртање бидејќи до тогаш немаше некој што тоа го прави кај нас од кого можеш да добиеш совет или да учиш. Не зборувам за декоративно цртање, мислам на цртање врз порцелански производи кои секојдневно ќе се користат, а нема да се само за на полица. Од самиот почеток сакав шолјите да бидат функционални, а не декоративни. Но знаете како е, кога нешто те интересира секогаш има начин да се стигне до вистинското решение. Имало и многу други предизвици но ќе оставиме за некоја следна прилика.
Треба ли храброст за нешто вакво или е доволно да поседувате ентузијазам?
Мислам дека најважно нешто е да веруваш во она што го правиш. Доколку лично сте убедени дека тоа е она како што сте го замислувале, мислам дека сè останато ќе си дојде последователно. Потребно е време и многу вложена енергија, но на крајот е вистинско задоволство.
Навраќајќи се на првите насликани шолји, дали сте денес задоволен од тоа како изгледаат?
Одлично прашање. Не знам како би одговорил, освен дека сум среќен и горд на секое изработено парче бидејќи сум се вложил многу. Ако ги разлистам првите изработки, сигурно ќе најдам забелешки што сега би се корегирале, но веројатно истото ќе се случи по неколку години и за работите кои сега ги цртам. Нормално е тоа со оглед на прогресот и надградувањето.
Луѓето Ве бараат, Ве препознаваат… Колку Ви беше тешко да создадете нешто што се претвори во бренд? Изненаден ли сте од успехот?
Да бидам искрен никогаш не помислив дека ТиноСки ќе стане една убава заедничка приказна во која ќе се вклучуваат сè повеќе луѓе и која што ќе се надоградува со текот на времето. Започна случајно, како мали изненадувања за најблиските, но интересот и позитивните коментари придонесоа да се развива. Сигурен сум дека може многу повеќе, ова е сепак само почеток и драго ми е што луѓето ги препознаваат моите производи. Мислам дека нема поубаво чувство од она кога знаете дека некому му се допаѓа она што го правиш и начинот на кој го правиш. Тоа, според мене е пресудно за да бидеш свој. Ништо не е лесно, но со посветеност, вложување и иновативност, секој ќе си го најде својот пат.
Она што почна како сликање на шолји, продолжи со нотеси, чајници, кутии, чинии… Што е следно?
Следно веројатно ќе бидат работи кои како производ сакав да ги направам веднаш по шолјите, но од оправдани технички причини не успеав досега. Имам многу идеи, а сè помалку време, така што верувам дека рационално ќе се искористи тој простор за нова креатива што ќе биде освежување и ќе ја надоврзе приказната до сега. Не сум суеверен, но би сакал прво да го реализирам испланираното па заеднички ќе зборуваме во детали.
ТиноСки веќе не е бренд сам за себе… ова е период на неколку интересни соработки. Како се случија тие?
Персонализираните постери за Avon е најновата соработка која што е случува деновиве и информацијата за прв пат ја споделуваме тука. Се работи за постери кои се дел од промотивните пакети на компанијата за нивната нова линија. Се направија вкупно 3 дизајни со цртежи и пораки кои ќе бидат лично изненадвање за оние на кои ќе се подарат, а истовремено ќе ја пренесат пораката на Avon True. Направив минималистички цртежи кои се поврзуваат во приказната. Беше задоволство да се работи за таква докажана компанија. Минатата година се случија уште неколку соработки. Одговорните од емисијата „Улица Македонија“ одлучија како изненадување за гледачите да подарат рачно цртани брендирани шолји. Бидејќи многу им се допаднаа, ми предложија да го дизајнирам банерот на два брендирани автобуса на ЈСП и неколку станици како дел од маркетинг кампањата за промоција на емисијата. Го прифатив предизвикот и направивме креативно решение кое се разликува од останатите пред сè поради автентичноста на рачниот цртеж и идејата. Чест е да се возиш со истиот автобус каде го гледаш својот цртеж. Соработката со Squeez Me исто така ми беше посебен предизик. Како урбано место во градот за здрави оброци, ми предложија да смислам дизајни кои ќе ја пренесат нивната порака, а истовремено ќе имаат уникатни брендирани шолји за кафе. Направивме неколку дизајни од кои два се најдоа на шолјите кои секојдневно се користат за кафе за нивните гости. Сите овие соработки ми значат, бидејќи заеднички придонесуваме за уникатноста на работите. Ми се допаѓа што компаниите кај нас сериозно ја сфатија работата за издвојување од останатите на сопствен начин и среќен сум што можам да помогнам во тоа.
Што да очекуваме следно од ТиноСки?
Многу нови идеи… и се надевам една роденденска дружба во форма на изложба.
Подготви: Андријана Јовановска
Фото: приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот