Годините минуваат. На број се девет. Но, денот на раѓање на Тоше Проески и понатаму останува „празник“ за сите негови фанови, ден за сеќавање, споделување спомени, насмевки…
Роден е на 25 јануари 1981 година во Битола. Мајка му Домника, татко му Никола и сестра му Дори биле пресреќни што во нивното семејство се родило машко дете. Честопати знаеја да кажат и дека среќата на семејството се сменила откако се родил тој.
Пријателите го опишуваат како среќно, насмеано дете. Отсекогаш ја сакал музиката. На 11-годишна возраст настапува на фестивалот „Златно славејче“ и оттука почнува сè. Завршува средно музичко училиште во Битола, па се сели во Скопје и се запишува на Факултетот за музичка уметност.
Првиот повпечатлив настап го има 1997 година, на Макфест, со песната „Пушти ме“. Само две години подоцна го слушнавме неговиот прв албум „Некаде во ноќта“. По албумот следуваше и најромантичниот концерт на Тоше, првиот, одржан на дожд, под Скопското кале.
Во 2000 година го сними вториот албум, „Синот Божји“ од каде што излегоа хитовите „Немир“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Во коси да ти спијам“…
По овој албум почнаа да му се отвораат музичките врати на поранешните ЈУ простори. Во 2004 година ја претставуваше Македонија на изборот за Песна на Евровизија во Истанбул. Во тој период го издаде и албумот „Ден за нас“, а стана и Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ.
Неговиот следен албум „По тебе“ е издаден и на пазарот на цела поранешна Југославија. Навраќајќи се на корените и убавата македонска музика, го сними албумот „Божилак“, а потоа и „Игри без граници“. Неговиот последен албум, „The Hardest Thing“, испеан на англиски јазик се појави по неговата смрт.
Во текот на неговата кариера, оствари соработки со големи музички имиња, одржа голем број концерти, освои многу награди кај нас и во странство. Неговите песни и денес се едни од најслушаните.
Тоше остави музички печат кој никогаш нема да биде заборавен. Тој ќе остане да живее засекогаш преку неговата публика, која и понатаму ќе ги пее гласно песните кои ги остави во наследство.
Oвој 25 јануари секогаш ќе нè потсетува колку сме биле среќни што сме имале можност да живееме во исто време со него.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот