Стилот или го имате или го немате. А Ивана Кнез е дама со стил. Уникатен. Поинаков. Препознатлив. Таа успешно ја носи својата „драма“, но ја пренесува и на другите. Оваа модна дизајнерка создава спортска облека, висока мода, венчаници, но секако е најпрепознатлива по нејзините „љубовни мачки“ Лавкетс, кои се нејзин, но и заштитен знак на „Драма“.
Скоро една година „Драма“ е на нова локација. Што се смени во однос на претходниот период? Колку новата локација придонесе за нови идеи, нова енергија?
„Секоја промена води кон подобро, па така и мојата. Новиот простор, пред сè далеку поголем од претходниот, а со самото тоа и поотворен за повеќе нови предизвици, донесе надоградување на „Драма“ како бренд, поделба на два важни под бренда и развој на самиот бренд, полека но сигурно, во модна куќа. Веќе работиме на DL како посебен бренд наменет за помладата клиентела и го развиваме „Drama Bridal“ како посебна структура во склоп на брендот.
На ова поднебје луѓето се научени да се плашат од промени, општествено им е наметната сигурност на константа и тоа е една од поголемите причини за застој на поединците. Секоја промена, макар и најмала, води кон подобро, лошо е кога е исто.“
Каде се раѓаат идеите на Ивана Кнез?
„Знаете како, кога најголемата лична зависност е вашата професија, кога вашата работа е нешто што ве дефинира како личност пред сè и ве комплетира карактерно, идеите се раѓаат во секој непредвидлив миг или искуство или ситуација. Понекогаш тоа е од лично искуство, често и лошо, кое го преточувам во нешто најдобро од мене.“
Знаете ли да станете во текот на ноќта за да направите скица, да ставите детаљ, да го пренесете на хартија тоа што Ви е во главата?
„Знам да направам концепт за цела колекција, често сонувам, константно имам проток на енергија во мене и константно нешто менувам. Не можам да седам мирна, тоа ме прави несреќна. Сакам нови работи, нови луѓе, свежи идеи и лична надоградба во секое поле. Сакам позитивни ставови и луѓе и сакам борци.“
За многу кусо време ќе ја одбележите петтата година од постоењето на „Драма студио“. Колку се сменивте Вие како дизајнер во овие години? Што Ве води, што Ве менува, што Ве насочува?
„Како студио постои само 5 години, како бренд 7. Оваа година е во знакот на Лавкетс, кои ја слават својата петгодишнина. Можам да ви кажам дека промената е огромна, ја променив и целта и насоката на движење на самиот бренд, го менувам и стилот, а се обидувам да ја задржам препознатливоста. Си поставив лична цел да делувам позитивно на стилот на облекување на моите следбеници, а со самото тоа и на начинот на живот. Секој од нас некого следи, има идол. Сметам дека идеалите на нашиов век, посебно на Балканот, ја изгубија суштината, сè се сведува на трачеви, евтина порнографија, медиумски најмногу се посветува внимание на таблоидни приказни и негативни случки, а се заборави моќта на позитивната мотивација. Луѓето се тоа што им се презентира, државата во која се најмногу зависи од медиумската активност. Па така, кога постојано се сервира медиокритет и површност, полека но сигурно поголемиот дел од масата тоа го прифаќа и применува. Младината прифаќа идеали на соголени женски тела деформирани од операции без никаква вредност и амбиција, а повозрасните дегустираат безвредни информации на безлично постоење.
Ја заборавивме суштината и вредноста на образованието.“
А која е таа една константа што е препознатлива за Вас како личност, но и за „Драма“ како моден бренд?
„Лавкетс. Логото на самиот бренд стана и неговата моќ. Веќе сериозно работиме на пробивање на различни пазари со оглед на тоа што ова лесно го кажував во интервјуа пред пет години, а еве сега можам да ви кажам дека сум била премала и пренеискусна за таков потег. Во овој момент можам само да кажам дека идентитетот на „Драма“ е една мала маска која може да донесе огромни промени кај нас, а и во светот.“
Креиравте спортска облека, висока мода, невестински фустани… полесно е да се создаде цела колекција на „тема“ или да креирате парче по парче за жените што доаѓаат и бараат нешто уникатно со Вашиот потпис?
„Нема полесно и потешко, личната инвестиција е иста. Ако морам да издвојам, најтешко ми е да правам копии на светски модели, а за жал огромен дел од клиентите овде се научени на таков начин на функционирање. Зборот „дизајнер“ е еден силуван термин на ова поднебје, а како што гледам и доста модерен. Еве сега во моментов лично работам на надградба на сосема поинакво поле, бизнис, менаџмент и економија, сметам дека тој дел е запоставен овде.
И занает. Јас почнав да учам нови занаети, ме интересираат новите науки и постојано сакам да знам нешто ново. Нема да станам експерт на ниту едно нешто ново што ќе го научам, но ќе се надградам. А нели, тоа е суштината на личното постоење.“
Вашите модни парчиња се застапени и надвор од Македонија. Каде се може да се најдат и колку сте лично задоволна од тој дел од работата?
„Физички „Драма“ е повлечена од сите концепт шопови секаде. Причината е тоа што полека но сигурно сериозно навлегуваме во виртуелниот свет и го присвојуваме идниот начин на комуникација и шопинг, а тоа е онлајн.
Фидбекот за „Драма“ надвор од Македонија е секаде ист – никогаш никој не видел ништо слично, и така и се оформува самиот таргет на брендот, индивидуалисти со став и цел.
Јас никогаш од ништо не сум задоволна. Секогаш може подобро.“
Како би ја оцениле модната сцена кај нас – и „уличната мода“ и дизајнерската? Имаме ли модна сцена?
„Не знам. Со години се обидувам да ја решам таа загатка. Само знам дека, за жал, според најголемиот дел, најдобар бренд во Македонија е „Зара“, стилот е сведен на копирање кукли од излог, а дизајнерското мнозинство ја прати масата.
Нема да нападнам никого, но ќе пробам да делувам. И кога го има, и кога е исто како на сите, обидете се да не биде. Направете го свое. Што и да решите да облечете, што и да решите да купите или пак да ви се направи по нарачка, послушајте ја интуицијата. Бидете комплетна личност, не дозволувајте да ве повлече масата.“
Кого би издвоиле како личност што се разликува со стилот или има нешто препознатливо кога се јавните личности во прашање? Чиј стил ви се допаѓа?
„Кејт Бланшет бидејќи е волшебна, Ријана бидејќи постојано менува, Мерил Стрип бидејќи грациозно старее, Шантал Томас бидејќи е апсолутно неодоливо своја, Бетони Вернон апсолутно сензуално сексапилна на своја начин, Дита бидејќи е поим за женственост.“
На што работите во моментов? Кога можеме да ја очекуваме најновата колекција од Ивана Кнез… во кој правец се движи таа?
„Претерувам, не работам, но во тоа е мојот шарм. Сконцентрирана сум најмногу на развој на самиот бренд како бренд, работам на колекција венчални фустани, ја развивам Салве и концептот на самата колекција, соработувам со една наша поголема компанија, ги развивам Лавкетс како посебна единка во склоп на Драма…“
Подготви: Андријана Јовановска
Колекција: Салве
Модел: Мила Доковска
Визажист: Васе Доковски
Фото: Ненад Тасевски
Стилист: Ана Коцевска
Асистент на сет: Ивана Јанкулоска
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот