Во македонската книжевност неколку години наназад доминираат нови имиња. Некои нови клинци, што би рекол Балашевиќ, стануваат омилените писатели на новите генерации. Една од нив е и Вера Калин, која неодамна го промовираше своето второ дело, книгата „Ловци на светулки“.
Како Верче Карафилоска стана Вера Калин од „Бездомникот со златен часовник“ до „Ловци на светулки“?
Верче Карафилоска уште од самиот почеток требаше да биде Вера Калин (или некоја од останатите алтернативи кои подоцна отпаднаа), но кога „Бездомникот со златен часовник“ влезе во процесот на издавање, Верче немаше време да размислува за името, па реши сето внимание да му го посвети на делото.
Сепак, оние нешта кои требало да се случат, секогаш на крајот нѐ стигнуваат – со пројавените можности за превод на „Бездомникот со златен часовник“ и негово, „вдомување“ на полиците со книги надвор од државава, дојде оној пресуден момент кога или Вера Калин ќе излезеше на површина, или пак никогаш немаше да заживее.
Зошто се одлучивте за псевдоним?
Отсекогаш сакав да пишувам под псевдоним, сакав да го именувам и изделам авторот на сите испишани приказни, од мене, како човек со сопствена биографија. Името во мојот свет е само алатка за препознавање на раскажувачот и следствено не би сакала непотребно да го отежнувам она што треба да е најлесната задача на еден читател – да го пронајде и запамети оној чии приказни милува да ги чита.
Какви беа реакциите по првата, какви се по втората книга?
Секогаш велам, што се однесува до „Бездомникот…“ очекував дека ќе доживее успех, но не знаев дека тоа ќе биде во толкави размери, дека ликовите кои чекорат меѓу неговите корици ќе остават толку значајна трага во стварностите на оние кои заедно со нив го изодиле тој пат до последната точка. Секако, впечатоците кога станува збор за „Бездомникот…“ се далеку побројни, особено како што со текот на времето препораките се шират меѓу читателите. „Ловци на светулки“, од друга страна, излезе само пред еден месец, но оние кои веќе ги исчитаа приказните распослани по страниците, ги изнесоа своите впечатоци кои главно се поклопуваат со моите:
„Бездомникот…“ е роман, и со самото тоа ја носи возбудата која само еден роман може да ја предизвика, но во приказните раскажани во „Ловци…“ постои една друга топлина, една друга блискост која тлее меѓу читателот и сите тие ликови.
Конечно, „Бездомникот… “ и „Ловци…“ иако во себе носат одломки од сличен тон и атмосфера, се целосно различни дела, и она што најмногу ме радува е што, според сите коментари досега, на читателите им се драги и обете, на поинаков начин, и поради поинакви нешта, токму онака како што треба да биде.
Колку сте сменета Вие во овие неколку години? Колку созреавте? Колку е поинаков начинот на којшто пишувате, се изразувате?
Верувам дека луѓето се менуваат не со годините, туку со миговите. Од издавањето на првата книга, па досега, во мојот живот се случија куп значајни нешта: бев на многу места, доживеав бројни забавни и не толку забавни неприлики, запознав безброј луѓе и слушнав безброј приказни, се спријателив со мнозина, се збогував со мнозина, се изгубив, се пронајдов, сфатив дека така пронајдена – никогаш поизгубена не сум се почувствувала, продолжив да се барам, да грешам, да си простувам, да спознавам што не сакам за појасно да увидам што сакам. Создавањето и промените никогаш не запираат, секој миг, секој збор, секој остварен или пропаднат сон, секоја подадена рака, секоја слушната мисла, секоја прочитана книга, сѐ што дише во нашите стварности постојано нѐ менува.
Не би рекла дека сум „созреана“, туку сум повеќе „јас“ отколку што некогаш сум била, и не толку „јас“ колку што некогаш ќе бидам. Пишувам исто како што се менувам, пишувам подобро од вчера, но полошо од утре.
И сѐ додека е тоа така, сѐ додека знам дека следат уште многу мигови кои во своите утроби носат уште толку можности за промени – ќе останам задоволна, ќе останам среќна.
Тешко ли е да се реализира цел еден проект – од идеја за книга до нејзиното излегување од печат?
Да, тешко е. Интересно е како уметноста во сите нејзини форми е перципирана како едноставна и неверојатно интересна, додека во суштина процесот на создавање е крајно тежо, и, напати, здодевен. Идејата и концептот, барем кога се работи за мојата творечка стварност, се возбудливиот дел, делот на вистинско создавање, а она што следи, онаа зборовна борба со празниот лист хартија е работа како и секоја друга, која бара уште поголема посветеност од било која друга работа, затоа што вие, како „создавач“, сте единствениот кој е одговорен за крајниот производ, а и самите знаеме колку сме склони кон одолговлекување кога сме оставени лице в лице само со сопствената волја. Кога листот ќе се пополни, и кога на творечката сцена стапуваат сите оние преправки и моделирања на грубиот текст – за мене настапува вистинското уживање.
Како сè во животот, и креативноста има свои темни моменти, кои на крајот одбираме да ги истрпиме и да ги надминеме, зашто спознанијата и задоволствата што нѐ чекаат од другата страна на процесот тежат многу повеќе од сите тешкотии на светот.
Во Вашите две книги, колку се менуваше идејата во процесот на пишување?
Јас не пишувам во еден здив и не верувам дека е тоа возможно. Моите приказни претрпуваат безброј промени, некои повеќе, некои помалку, зависи од должината на временскиот период низ кој се протегало пишувањето на истите. Со секој испишан ред ликовите оживуваат пред писателот и честопати откриваат нешта за себе кои во почетокот на писателот не му биле планирани и познати, па зад себе оставаат дупки и нелогичности, кои подоцна мора да се исправат.
Првите обиди, во што и да е, секогаш се лоши. Она што читателите го држат в раце кога ќе ги земат моите книги е крајната изведба, после сите полоши и подобри проби одиграни од моите ликови.
Кој Ви е омилениот лик кој сте го создале до сега? Што го прави посебен?
Ова е едно од оние трик – прашања на кои не сум сигурна дали некогаш ќе имам соодветен одговор. Да се обидам, еве, вака: Сите ликови кои сум ги создала досега ми се драги и посебни – да не било така, веројатно воопшто немало да ги вклучам во моите приказни.
Какви книги сакате да читате приватно? Што сте прочитале повеќе од еднаш?
Секакви. И лоши, и добри. И онакви што ми го одземаат здивот, и онакви кои одвај ги завршувам. Едните ме учат како треба, другите ме учат како не треба да се пишува. „Оркански височини“, „Џејн Ејр“, „Индиго бомбај“, „Пиреј“, „Големата вода“, „Ловец на змејови“, „Мрачни места“, „Парфем“, „Фаренхајт 451“ се само некои од насловите, кои ете, во моментов ми изронија од мислите како дел од книгите кои ми одбележале различни периоди од животот. Сепак, не би издвоила омилени книги, затоа што приказните и темите во истите се меѓусебно сосем различни и неспоредливи. Се сеќавам дека повеќе од еднаш ги исчитав „Пустина“, како и делови од „Нишан“, поради сите прекрасни македонски зборови кои се присутни во истите, како и бројните прирачници како „Стејн за пишувањето“, „Огнот во фикцијата“ или пак „Спаси ја мачката“, со чија помош ја совладувам уметноста на создавањето приказни.
Во кој правец се движи македонската книжевност? Ако на младите останува светот, имаме ли автори кои навистина вредат?
Она што ни недостига не се автори, туку уредници и критичари. Ни недостигаат луѓе кои не само што ќе го препознаат талентот кај авторите (и не зборувам само за младите), туку и ќе им помогнат да го развијат во целост. Ние живееме во една мала земја каде вреднувањето честопати зависи од воспоставените пријателски односи меѓу засегнатите страни (и тоа не е тајна), и најчесто завршува со пофалби и честитки и книги заспани на полици. Освен тоа, на поголемите пазари на една книга работат повеќе луѓе кои со објективен увид во текстот му помагаат на авторот да го доведе до најдобрата можна форма пред да излезе од печат. Во Македонија пак, авторот е оставен сам на себе. Отсекогаш сум се прашувала како би можеле да се „натпреваруваме“ и да се трудиме надалеку да се расчујат нашите гласови, од оваа незавидна позиција на која се наоѓаме.
Сепак, и не е така лошо – сѐ додека сме свесни за сопствените слабости, секогаш постои начин и да ги надминеме.
Што е следно?
Има толку многу нешта што се подготвуваат.
Следува четвртото, визуелно освежено издание на „Бездомникот…“, неговото претставување во Бугарија на бугарски јазик, кое ќе се случи токму деновиве, возбудлива соработка со Twelve Moons of Jazz, еден од моите омилени настани, пролетна соработка со S.ignature во која создадовме интересна серија патики кои совршено ја отсликуваат мојата потрага по себе, еден мотивирачки проект со Ксенија Николова кој го планираме за крајот на годинава, како и неизоставно – новиот роман, кој е приказна за идентитетот, опсесијата и товарот на минатото, што ги истражува границите на нештата што би ги направил човек воден од стравот од осаменоста.
И, тоа е планирано засега, но оставам простор за времето да си направи и сопствени, дополнителни планови. Подеталните информации за сите понатамошни случувања и настани читателите навремено можат да ги дознаат на мојата официјалната авторска фејсбук страница Vera Kalinn.
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: Приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот