Винко Модерндорфер еден од најпопуларните словенечки автори за деца и млади кој минатата недела во рамките на Саемот за книга на штандот на издавачката куќа „Три“ ја промовираше неговата најнова книга „Како во филм“.
Во продолжение, од интервјуто дознајте повеќе за авторот и неговите идеи.
Пред македонската читателска публика, промовиравте книга која што е наменета за деца, меѓутоа е навистина интересна и за возрасните, бидејќи обработува теми кои се блиски и за нив. Главниот лик, момчето Гашпер е херојот кој што ги води читателите низ возбудливите настани. Како добивте инспирација да опишете дете како Гашпер?
Јас мислам дека секој писател секогаш пишува за себе, така што Гашпер во суштина сум јас. Го позајмив името од мојот внук, а на некој начин тоа е мојата приказна. Сметам дека сите приказни раскажани во книгите, припаѓаат на иста категорија. Не мислам дека постојат книги за деца и возрасни, туку постојат само книги и тоа добри и лоши книги. Мојата желба за оваа книга беше да напишам нешто кое што зборува за едно момче во тинејџерски години, а во суштина тоа е книга за сите. Мислам дека разликата помеѓу книгите за деца и возрасни е тоа што во детските книги има јунаци кои се деца, тоа е единствената разлика. Секоја книга теба да биде напишана за секоја публика и да си го најде местото меѓу читателите. Мојата амбиција беше да напишам добра книга. Проблемите кои ги има во „Како во филм“ на некој начин се сериозни. Се зборува за едно дете кое одеднаш гледа дека неговите родители се разведуваат.
Која е главната порака која сакавте да биде пренесена преку книгата и дали беше тешко да се пренесе истата?
Не беше тешко да се пренесе пораката. Главниот јунак има 13 години и тој ја раскажува приказната, не ми беше тешко преку него да ја пренесам пораката што сакам да допре до публиката. Сакав да создадам лик кој што има свои проблеми , го доживува светот како секое 13-сет годишно момче, сите ние како ворасни читатели благодарение на ликот се потсетуваме на нас самите на таа возраст. Преку Гашпер, сакав да потсетам на детето во нас. Додека ја пишував книгата, немав чувство дека пишувам книга за деца, важно ми беше да се сетам како беше кога имав 13 години, како некои работи ги гледав тогаш и како ги доживував, кои допирале до мене, како се справував со проблемите.
Кога пишувам за некој лик што има 60 години како јас сега, чувството е исто. Луѓето не се менуваат внатрешно и емотивно, само годините се менуваат. Јас секогаш се соживувам со ликовите. Ако пак пишувам книга каде што главниот лик е жена, во тој случај пробувам да го живеам светот низ очите на жената, барајќи ја жената во себе.
Иако погоре споменавме дека речиси и да нема разлика помеѓу книгите за деца и ворасни, сепак Вие жанровски се определувате да пишувате во оваа категорија. Кариерата ја почнувате со поезија, потоа следи проза, драма, па кратки раскази за возрасни , за потоа да следат книгите за деца.
Како настана таа промена?
Не сум сигурен дека постоеше момент на пресврт, едноставно сакав да ја раскажам приказната на детето Гашпер чиј живот во еден момент се руши кога сфаќа дека неговата мајка ги напушта. Тоа е сериозна тема, проблем кој е дел од секое современо општество. Децата, проблемите ги сфаќаат на друг начин и јас за тоа сакав да зборувам низ странците на книгата. Сакав на некој начин да им помогнам на децата полесно да го надминат проблемот кој го имаат и животната ситуација во која нашле. Денес, тие се сведоци на се поголем број разводи, бројка која од година во година расте.
Во Вашата кариера се впишани и голем број награди. Како ги доживувате, колку тие претставуваат мотивација за следната книга?
Секоја награда е стимулација, а јас имам среќа да бидам наградуван за моите книги. За наградите мора да имаш среќа, не е доволно да имаш само добро напишан текст. Не сакам да бидам лажно скромен и да речам дека не ми значат, посебно ако нагрaдата ја добијам за некоја книга за која не сум бил 100% сигурен дека е добра. Исто така посебно ми значат и наградите од моите колеги, вистинска стимулација за да бидам уште подобар.
Рековте дека во книгите живее малиот Винко, во секоја од нив оставате дел од себе. Која Ви е најдрага?
Најдрага секогаш ми е последната книга, односно онаа што се уште не е напишана. Во суштина, сите ми се драги бидејќи секогаш сакам да го напишам најдоброто за публиката. Ако морам да издвојам од се што досега имам издадено и напишано, веројатно сепак би биле книгите за тинејџери, бидејќи децата се навистина искрени, кажуваат веднаш што мислат. Доаѓаат до мене и велат дека ја прочитале книгата и веднаш даваат позитивна или негативна критика без задржување.
Дали во моментов работите на нешто ново, дали се подготвува нова книга?
Да, во моментов работам на нова книга, повторно во центарот на случувањата се двајца тинејџери, момче и девојче, некаде околу 13-14 години кои откриваат нешто непознато за нив – сочувство со туѓите емоции. Тоа што во денешното опшстество недостига е емпатија, да ја почувстуваме туѓата болка. Живееме во свет кој ја брише емпатијата во целост и не тера да мислиме само на себе. Сакам да напишам книга каде што ќе се зборува за тоа дека емпатијата меѓу нас е најважната работа, веднаш после искрената љубов.
Дали постои некоја мисла со која се будите секое утро, порака која преку Вас сакате да ја слушнат и видат другите?
Мислам дека кретивноста е таа што не движи напред. Да се биде креативен во која било област, значи да се живее живот вреден за паметење. Се останато не е. Јас сум човек кој на тој начин го разбира животот. Никогаш не би можел да живеам, а да не правам ништо, да живеам во сивило. Постои уште една работа која сметам дека е важна, а тоа е книгата. Со неа се почнало. Кога го велам ова мислам на сите религиозни книги од кои почнало се. Некој ќе рече – не сум религиозен, но тоа е важно бидејќи пишаниот збор е почетокот на се што знаеме. Книгата е најдобрата и најверната пријателка која секогаш ќе те чека и никогаш нема да те разочара, чекајќи долго да ја земеш во рака и да ја прочиташ, таа е секогаш тука за тебе. Книгите и креативноста – тоа е мојот живот.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.