Не е необично да чуеме дека многу луѓе се соочуваат со анксиозност, несоница, глад и други навидум неопасни здравствени проблеми. Многу ретко тоа го поврзуваме со хормони, кои се всушност причина за овие појави. Секој хормон се лачи од одредена жлезда и сите жлезди во нашиот организам функционираат поврзано и совршено синхронизирано. Затоа, кога функијата на една жлезда ќе се поремети, тоа резултира со дисфункција и на останатите жлезди и за жал ние го чувствуваме тоа директно на нашето здравје.
Нешто повеќе на оваа тема, ни објаснува д-р Татјана Гуржанова.
- Кои се најважните хормони во нашиот организам и колкаво е нивното значење?
Широк е спектарот на појави и состојби кои се резултат на хормоните и нивниот баланс: започнувајќи од сензитивни и линерационални реакции на надворешни појави, анксиозност, сон или несоница, будење, функционалност на метаболизмот, фертилност, глад и низа на психо-физички состојби каде за жал најчесто ги третираме последиците и ретко ги поврзуваме со вистинскиот причинител – хормоните и ендокриниот систем. Во суштина, важноста на хормоните оди до таму што без нормална функција на хормоните не би можеле да се репродуцираме, да се одржува бременоста, да растеме, едноставно самото постоење не би било возможно без добро и хармонично содејство на хормоните или таканаречените ,,курири,, во нашето тело.
Постојат повеќе жлезди познати на медицината како: хипоталамусот, хипофизата, епифизата дури и самиот мозок е жлезда, потоа тироидната, паратироидната жлезда кои се наоѓаат во предниот дел од вратот, тимусот кој е лоциран во средината на градниот кош, панкреасот позади желудникот, надбубрежните жлезди на врвот на двата бубрега, јајниците кај жената, тестисите кај мажот во карлицата.
Жлездите лачат хормони или медијатори – гласници и тие имаат одредена регија или функција која ја контролираат со тоа што пренесуваат информација до одредено ткиво или орган (или цел организам) како и што треба да извршува,и секогаш истото го прават во беспрекорна синхронизација со другите жлезди како и со мозокот кој целиот ендокрин систем го контролира преку хипоталамусот. Ендокриниот систем заедно со нервниот систем преку медијатори како хормони или неуромодулатори се првите соработници на мозокот за контрола на организмот и неговото беспрекорно функционирање.
Оттука, многуболести и патолошки состојби се врзани со дисфункција на една или повеќе жлезди вклучитечно и самото забременување т.е оплодување кое е невозможно без максимална функционалност и хармоничност на ситежлезди т.е целиот ендокрин систем.
- Дали можеме да влијаеме на хормоните и на кој начин?
Досега се познати доста хормони и нивни метаболити, како и нивното меѓусебно зависно дејство. Кога се пореметува функцијата на една жлезда скоро секогаш следи и дисфункција на останатите жлезди и пореметување на целата неуроендокрина оска, со последици по целото здравје. Многу често започнува со недостаток на енергија, или вознемиреност во текот на денот, менување на физичкиот изглед, пореметување на психичкото здравје, отсуство на сон, пореметен менструален циклус кај жените, стерилитет кај мажите, па дури и појава на малигни болести. Затоа кога ќе се дијагностицира пореметување треба да се проверат хормоните и веднаш да се третира во интерес да се спречат поголеми штети на телото.
- Каква е поврзаноста на исхраната со хормоните?
Меѓузависноста на храната, вежбањето и хормоните е клучна. Добра избалансирана исхрана со физичка активност, 7-9 часа сон, чист воздух, најмногу влијаат кон обезбедување оптимална функција на ендокриниот систем. Истовремено, претставува најдобра превенција од ендокрини нарушувања, но и при третман на истите е прва линија на терапија заедно со хормонската терапија. Токму поради овие причини (лошата исхрана, седечкиот живот, нечист воздух), бележиме толкав зголемен пораст на ендокрини нарушувања и болести, машки и женски стерилитет, па дури и малигни болести врзани за пореметување на ендокриниот систем.
- Каква е поврзаноста помеѓу хормоните и расположението?
Доброто расположение, полната енергија во текот на денот, мирниот 8 часовен сон во текот на ноќта, во најголема мера зависи од балансот на сите хормони. На пример од нормалната функција на тироидната жлезда зависи расположението и енергијата во текот на денот. Потоа добриот сон е регулиран од мелатонинот (хормон на епифизата – мала жлезда што се наоѓа во главата). Кога се заљубуваме се лачи во големи количин и окситоцин (истиот се лачи и при породување и ги регулира контракциите на матката со што го овозможува природното породување). Кортизолот и адреналинот на надбубрежната жлезда може да ни го спасат животот при стресна и загрозувачка ситуација, додека пак со нивното прекумерно лачење во моменти на силен стрес му овозможува на телото и мозокот да превземе реакции кои нормално не би ги превземало итн.
5. Дали жените се под поголемо влијание на хормоните од мажите?
Дека жените се под поголемо влијание на хормоните е повеќе мит отколку вистина. И жените и мажите се под подеднакво влијание на хормоните, само што влијанието се разликува. Главен хормон кој ја одредува жената е повисокото ниво на естроген во крвта во однос на тестостеронот, а мажот обратно, тестостеронот е повисок од естрогенот и тоа ги прави различни еден од друг. Тој процес започнува уште во ембрионален развој и ги детерминира и развојот на машки или женски полови органи и со тоа и дали една индивидуа ќе биде машка или женска индивидуа. Било какво нарушување на ендокриниот систем може да доведе до пореметување и на половите хормони, т.е естрогенот или тестостеронот. Овие два хормона се и најголеми причинители на малигни заболувања кај женскиот или машкиот организам од сите други хормони на ендокриниот систем.
Оттука, уште еднаш доаѓаме до заклучокот дека баланост на сите хормони е клучен, на кој влијаеме преку исхраната и квалитетниотживот, но и преку редовните превентивни прегледи.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот