Тетовирањето е уметност. Тетовирањето преку тетоважи е уметност на големите мајстори. А таков е Борис Костов, од студиото „Mixed Ink“.
Што сакаше прво – да тетовираш или да се истетовираш?
„Прво добив желба да се истетовирам, а дури потоа да почнам да тетовирам. Јас уште одамна цртав уметнички слики и така влегов во овој свет на тетовирањето.“
Колку тетоважи имаш? Се сеќаваш ли на првата што ја наслика на себе?
“Имам четириесет и четири тетоважи. Првата од нив беше мојот хороскопски знак. Првата тетоважа, пак, што ја истетовирав на некого ја направив многу одамна. Беше тоа џокер со карти, а му ја направив на еден мој другар.“
Тешко ли е да се совлада техниката на тетовирање?
„Искрено да, многу е тешко. Треба да помине многу време за да се достигне овој степен што го имам сега. Поминаа шест години откога почнав да тетовирам, а ова е занает што постојано се учи. Не е една техника која можеш да ја научиш и да ја применуваш вечно. Напротив, од различни луѓе учиш различни работи.“
Колку време требаше да помине пред да се осмелиш да ја земеш иглата в рака за да нацрташ нешто трајно на нечие тело?
„Поминаа добри три години, период на учење и читање книги за стерилизација, за начинот на работа. Почнав да вежбам на свинска кожа, е дури потоа, со тешко срце, се осмелив да тетовирам луѓе. Првите тетоважи беа ситни – букви, хороскопски знаци, најосновното…“
Што најчесто бараат луѓето да им истетовираш?
„Генерално, бараат да им тетовирам слики, а тоа се слики од луѓе што им значеле нешто во животот, ставаат и мисли со значење за некој човек од семејството, ставаат тетоважи посветени на пријателите со коишто се заедно цел живот, родителите се решаваат за нешто поврзано со нивните деца. Ама, најбарани се реални слики. Повеќето луѓе се тетовираат со црна и бела боја, но има и такви што преферираат тетоважи во боја. Најболната тетоважа е кај стомакот, кај ребрата, а претежно таму и ставаат тетоважи, бидејќи таму, некако тетоважата изгледа најубаво.“
Која е најчудната желба за тетоважа со која ти дошол некој?
„Не е една, има многу, ама мислам дека најчудната барем за мене беше кога дојде момче што побара преку грбот да бу ги истетовирам сите ликови од Looney Tunes.“
Те прашуваат ли што да тетовираат? И колку си дозволуваш ти да им сугерираш нешто?
„Има луѓе што не знаат што сакаат да стават на себе, иако сакаат да се тетовираат. Па кога ќе побараат совет им велам дека треба да размислат, да одберат нешто што им значи, бидејќи тетоважата останува за цел живот. Подобро е да решат што сакаат отколку да се каат подоцна.“
А доаѓаат ли за отстранување тетоважи?
„Кај нас овој метод на отстранување тетоважи е нов и сè уште не е доволно совладан. Се користи ласерско отстранување тетоважи, ама моето мислење е дека ласерот е повеќе штетен отколку добар. Сепак, популарно е препокривањето тетоважи, а тоа е вистинска уметност, посебно ако лош тату артист ти направил тетоважа и ти ја оштетил дури и кожата. За среќа, мислам дека сум успешен во прекривањето тетоважи.“
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.