Таа е личност која со години е присутна на нашата модна сцена. Нејзините почетоци се во 90-тите години со култната емсија „99 Action“, каде публиката ја запозна преку стилот на водителите, а веќе 13 години е личен стилист на Каролина Гочева. Има успешен бизнис зад себе, семејство и кариера која ја обожава. Повеќе за Цаци Паковска, од интервјуто во продолжение.
Цаци, Вие сте дел од модната сцена со години. Како се случи почетокот на Вашата успешна врска со модата, кога се роди љубовта?
Не паметам од кога сум почнала да покажувам интерес за модата. Можеби како и кај секое дете, не се работи буквално за интерес кон модата, туку желба што да се облече или стави на себе. Според зборовите на моите родители, јас сум била опседната со убавото облекување уште во времето кога сум одела во градинка. Со тек на годините врската со модата едноставно стануваше сè поцврста и поцврста, за таа денес да биде дел од мојот професионален, секако, и приватен живот.
Студиравте на Архитектонскиот факултет во Скопје, а работите нешто сосема поинакво. Имаат ли допирни точки овие две работи?
Архитектурата во себе ги содржи сите уметности, верувам дека сум направила полн погодок што сум го одбрала тој факултет за студирање. Јас во моментов не се занимавам само со мода, туку во голема мера и со архитектура, преку уредување на ентериери и телевизиски студија. Особено изминативе неколку години, бев ангажирана да се погрижам за сценогарфиите на двете големи студија на Македонската Радио Телевизија, а изминатата година ја дизајнирав комплетната сценографија на ТВ Нова. Во меѓувреме сè уште работам на уредување на многу ентериери на куќи, станови и канцеларии. Така што модата е дел од архитектурата и секако во архитектурата има многу мода.
Верувам дека голем дел од публиката се сеќава на емисијата „99 Action“ која се емитуваше кај нас. Фантастични водители со уникатен изглед, а Вие бевте дел од тимот кој се грижеше да изгледаат баш така. Дали Вашите први ангажмани беа токму на тој проект?
Токму снимањето на шпиците на „99 Action“ беа моето прво професионално искуство како шминкер и стилист. Тоа беше навистина прекрасен ТВ производ во кој работевме исклучиво млада екипа. Нашиот ентузијазам и енергија секако беше видлив преку квалитетот на самата емисија. Со сигурност можам да кажам дека се уште не е направена таква забавна емисија која обработува теми интересни за младата публика. Во тоа време, а се работи за 90-те, работењето на оваа емисија ми даде поттик и можност во целост да ја употребам мојата креативност. Благодарение на моите стајлинзи и шминка кои ги правев за Миа, Билјана и Мартин, произлегуваа и нивните најави за прилозите, бидејќи секоја емисија правев тематски стајлинзи, креативни и на некој начин доста екстравагантни. Со „99 Action“ мојот стил како стилист и шминкер беше дефиниран, и оттогаш навистина не правам никакви компромиси кога се работи за мојата естетика, не подлегнав на никакви моментални трендови кои беа aктуелни на нашата територија. Кога станува збор за мојата работа, сè уште се обидувам да бидам поинаква.
„Стилисимо“ е Ваше комплетно авторско дело кое почна да се емитува во 2006 година и сè уште трае. Со каква идеја ја почнавте емисијата, дали почувствувате потреба да го кажете гласно тоа што го гледате секој ден на улиците кај нас, со оглед на тоа дека до тогаш немаше модна емисија која отворено критикуваше?
„Стилисимо“ беше поттикната од мојата идеја да ги пренесам моите знаења од областа на модата, уметноста и архитектурата и да се обидам да наметнам некои естетски стандарди кои, за жал, кај нас со годините се повеќе опаѓаат. Свесна сум дека пред 10 години, кога ја започнав емисијата, на публиката најинтересни ѝ беа токму моите коментари за стилот на нашите јавни личности, но „Стилисимо“ беше и сè уште е повеќе од тоа. Во емисијата секоја недела се презентира еден поинаков животен стил, се прикажуваат најновите модни трендови, но секоја емисија во изминатите години завршува со една поука, дека стилот е многу повеќе од модата, трендовите се моментални, додека стилот е вечен.
“Зап Милано“ е уште еден успешен сегмент во Вашата професионална определба. Колку сте задоволни од досегашната работа?
„Зап Милано“ постои веќе 14 години и навистина сум среќна што кај нас постојат жени на кои им се допаѓа и кои знаат да ја ценат мојата работа. „Зап Милано“ не е само обичен бутик за женска гардероба, туку многу повеќе од тоа. Во изминатите години нудиме коплетна стајлинг услуга, така што купувачите добиваат и помош во изборот на облеките и, секако, насоки и совети за тоа како и со што треба да се искомбинира одредена облека.
Соработката со Каролина трае повеќе од 10-тина години. Како почна сè?
Со Каролина соработувам веќе 13 години, а нашата соработка започна на една фотосесија која ја направивме со тогашната моја бизнис партнерка, фотографката Ива Димеска. Производот беше еден нов поинаков изглед за Каролина, кој очигледно и неа многу ѝ се допаднал. Од тогаш нашата соработка е една од најцврстите и најпознатите соработки во нашата фела. Дури и се работи за многу повеќе од колку само професионални ангажмани. Нашето пријателство ја прави нашата соработка успешна и препознатлива.
Покрај Каролина, дали би сакале да „облекувате“ друга позната личност, но изборот нека биде од светска сцена?
Не би набројала конкретно некоја домашна или светска ѕвезда. Секоја жена за мене претставува предизвик, единствениот предуслов е довербата во мојата работа и отворени раце. Бидејќи во моето досегашно искуство се покажало дека доколку некоја личност, без разлика дали е јавна или не, од вас бара да се погрижите за нејзиниот стајлинг, а сепак во исто време има поинакви и различни естетски гледишта, тогаш од таа работа не бидува успех.
Дали некогаш сте добиле критика на Ваша сметка во однос на облеката која ја носите или не се осмелуваат?
Сигурна сум дека на многумина не им се допаѓа мојот стил на облекување и никогаш и не би се налутила доколку некој го искоментира истиот. Секоја јавна личност треба да биде подготвена на каква било оцена, а ваше е што од критиките и сугестиите ќе прифатите.
Што е тоа што недостига кај стилот на Македонците?
Не би рекла дека им недостига нешто во стилот на Македонците. Сепак познавам многу повеќе обични граѓани со стил, отколку јавни личности. Кај нас има доста мажи и жени со неверојатен стил на облекување. Она што недостасува, е присуството на јавни личност со стил. Можеби тука станува збор и за изместените критериуми, бидејќи кај нас секој може да биде сè и водител и актер и моден креатор и пејач.
Цаци, кој е Вашиот омилен моден креатор/бренд?
Има доста многу брендови кои ми се допаѓаат и од оние познатите и етаблирани, но секако и младите брендови, зад кои стојат нови и креативни модни дизајнери. Би го одвоила Фенди, Ботега Венета, Ланвин, Марко Де Винченцо, МСМЏ Милано, Ралф&Русо, Делпоцо и многу други.
Вие сте жена со успешна професија зад себе, но и приватен живот во кој сте мајка, сопруга, пријателка. Успевате ли да ги менаџирате сите улоги?
Секако дека успевам. Правилното организирање на сопственото време ви дозволува да успеете да ги завршите сите работи. Голема предност е тоа што се занимавам со професија која ја обожавам и која не ми создава додатен притисок во животот. Едноставно, на крајот на денот ги правите нештата кои ве прават среќни, а тоа е да бидете со семејството и да ја работите работата која ве исполнува. Можам да кажам дека јас сум среќна!
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.