Девојката која ја сака уметноста, која растела во духот на истата и која секогаш амбициозно гледа на работите. Денешното интервју е со Маја Кикириткова, моден дизајнер, личност која знае што сака од животот и се труди да го оставари тоа.
Маја како се заљубивте во модата, во кој момент од животот решивте да бидете моден дизајнер?
Задоена сум со музика, родена во фамилија каде постојано се дебатира за уметност. Драмската секција беше моја опсесија, но сепак повеќе ме привлекуваше онаа другата страна, костимите. Моите кукли постојано добиваа нова облека, фустаните на мајка ми секогаш беа редизајнирани. Уште како дете знаев дека ова ќе биде мојата идна професија.
По завршувањето на високото образование во Македонија, заминувате во Белград каде добивате професионална надградба. Како изгледаше целиот процес, постоеше ли шанса да останете таму?
Белград е една метропола, каде уметноста постои на највисоко ниво. Постојаната практична работа и едукацијата на Академијата каде што завршив, ја оживеа мојата детска љубов за да стане моја идна професија. Србија е земја каде предност имаат нивните, сè што е странско е на второ место.
За креативните луѓе важи правилото дека – инспирацијата се наоѓа во секој агол на светот. Важи ли ова правило и за Вас, каде ја наоѓате инспирацијата?
Насекаде постои нешто инспиративно, само треба да го пронајдете. Најчесто инспирација добивам од соновите, од тишината, од далечината…
Кој ви е омилениот дел од работата?
Творењето, создавањето, готовиот производ… Зарем има поубаво кога ваш готов производ ќе видите на некој којшто не сте вие?!
Кога би имале шанса да работите со некој од светските дизајнери, за кого би се одлучиле?
Дефинитивно Том Форд. Ја обожавам таа негова едноставност, а во исто време и комплицираност.
Маја, кој е Вашиот став во однос на луѓето кај нас, имаат ли чувство за моден стил или треба да се работи на тоа поле?
Младите луѓе премногу ги следат холивудските ѕвезди, премногу гледаат странски телевизиски канали, интернетот е неизбежен во ова наше општество, па некако стилот е наметнат. Чест на исклучоци на кои им симнувам капа.
Која критика нема никогаш да ја заборавите, без разлика дали се работи за позитивна или негативна?
Мајка ми е мој најголем критичар, па ме водеше низ годините и секогаш ќе и бидам бескрајно благодарна. Не можам да се сетам на некоја посебно, ги имало и во позитивна и во негативна конотација.
Која е најстрашната модна грешка кој никогаш не би ја простиле?
Премногу накит, шминка, кратко здолниште, длабоко деколте… сето тоа споено во едно, а за жал се почесто го гледам.
Маја, како Ви изгледа еден ден од животот, кои се вашите пасии надвор од професијата?
Обожавам спортски активности, колку што ми дозволуваат работните обврски. Периодов некако повеќе сум преориентирана на домот и уредувањето во домот, убаво се чувствувам дома. Од неодамна почнав да одгледувам билки и цвеќиња.
Кои се Вашите идни планови, каде се гледате за 10 години од сега?
Успешна жена во својата професија, мајка на три деца, која ги воспитува да живеат и да дишат уметност.
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот