Кога ќе прочитате нечие пишано дело, уште на првите неколку зборови знаете дека таа личност има душа, емоции и енергија која точно знае како да ја пренесе. Таква личност е поетесата Ана Бунтеска, која иако не ја познавате, ако сте прочитале барем дел од тоа што го има напишано, ќе имате чувство дека ве води во еден нов свет на емотивни игри, од кој нема да сакате да излезете.
Ана, од кога започнавте да пишувате поезија?
Па не знам дали она што го пишувам може да се нарече поезија или проза. Повеќе се доживувам себе како раскажувач на сопствениот живот и чувства. А пишувам од некои 17 години, со долги паузи, со долги процеси на созревање и себеспознавање. Многу сакам одвреме-навреме да препрочитувам она што сум го пишувала во младоста и да се обидувам да го вратам чувството што сум го имала тогаш. Како сум го гледала и поимала светот, како сум доживувала сè околу себе. Тоа всушност ми е начин да видам до каде сум и каде одам.
Вашите дела најнапред започнаа да се шират вирално по социјални мрежи, Ве споделуваа млади и стари, растреперивте многу срца. Како се постигнува тоа и како Вие се чувствувате сега?
Никогаш не сум напишала нешто со намера да постигнам одредена цел или да предизвикам емоција кај читателите. Пишувањето е потреба, токму како што е храната. Веројатно луѓето ја чувствуваат искреноста во стиховите, моето соголување пред нив, моментот на “еј, не сум сам/а во емоциите кои ме измачуваат”. Јас сум само начин преку кој читателите ги искажуваат своите болки и радости. За тоа да се направи, нема рецепт. Нема рецепт за добро пишување, оти тоа би било лага, пред сè кон сама себе, а потем и кон оние кои ме читаат. Нема рецепт за искреност, или ја даваш душата во она што го создаваш или не те бива.А читателите тоа го препознаваат, намирисуваат. Јас никогаш не сум се дала себе половично во песните. А тоа истурање себе на хартија е нешто што е во исто време и болно и ослободувачки.
На промоцијата на книгата, имаше еден интересен момент кој мене лично многу ме потресе. Драган Спасов-Дац и Драгана Левенска Кала Kос (кои ми направија огромна чест да бидат ден од настанот), читаа песна, која всушност е замислен дијалог меѓу двајца љубовници кои се разделуваат. Песната за првпат ја доживеав со сиот бол внатре, оти друго е кога се пишува, кога си внатре во неа, а сосем друго е кога ќе ја чуеш од страна, како слушател. Во нивното читање имаше толку емоции, небаре навистина се разделуваат, небаре си се откорнуваат еден од друг во душите. Кога завршија, станав свесна дека луѓето околу толку беа внесени, дека секој од нив имаше во тој миг одболедено барем една несреќна љубов, што плачеа. Сакам да кажам дека само кога пишувачот ќе си го растрепери сопственото срце, ќе може и останатите. Без лага, без китење…гола вистина и гола болка.
Што Ве инспирира да се ‘фатите’ за хартија и пенкало?
Се случува да пишувам скоро секој ден, се случува да не седнам пред компјутер со денови, па и седмици. Нема правило, инспирацијата не е константа. Некогаш е отсонувано нешто, некогаш слика од реалниот живот, некогаш кога ќе ми се “собере”, а некогаш пак, знае да е и дел од некаков разговор. Ми се случува кога муабетам со моите најблиски личности Стефка-Цеце и Каролина, после да излезе песна кога е производ на емоциите кои муабетот ги придвижил во мене. Така што, конкретна инспирација немам. Имам само ширум отворено срце за се’ околу мене, а настаните какви коренчиња ќе пуштат не зависи од мене. Затоа често велам дека не сум јас таа која пишува, туку зборовите ете баш мене ме одбрале како медиум за да си се редат како што се редат.
Тешко е да се биде поетеса во време кога вистинските љубители на поезија се многу ретки?
Па не би рекла дека љубителите на поезија се реткост, ниту пак дека се реткост љубителите на добра музика, изложби, книги. Но, за жал, во време на потенцирана економска и политичка криза луѓето немаат многу средства да одвојат за да се почестат со добар концерт, книга, купена слика. Но, тоа не значи дека не читаат, слушаат музика или одат на изложби. Затоа, она што го пишувам кај мене е јавно и слободно за споделување. Без да се создава обврска за читателот да треба да му ја мисли дали да оди да ја купи книгата или не.
Пишувате за љубовта, за емоциите, за оние нешта кои се чуваат некаде длабоко во душата… Ги соголувате вашите емоции пред очите на јавноста толку искрено, и на моменти толку директно што вашите читатели понекогаш знаат да заплачат...
Ете, погоре го опишав моментот кој мене ме расплака. Сите сме исти, ранливи, желни за љубов и внимание, желни за прегратка и утеха. За жал, низ животот учиме дека мора да сме силни (што би значело дека не треба да е човек емотивен, да заплаче, да пати), а тоа пак нè прави груби кон себе и автоматски и кон другите околу нас. Можеби кога некој ме чита, му се враќа чувството дека е сепак само еден обилен и нормален човек од крв и месо, чија душа пати за љубов. Ако треба да го сокријам тоа од себе и другите, нема да пишувам.
Минатата година ја објавивте книгата „Стави лајк на сопствениот живот“. Што се има во книга, за што зборува таа, на кого му се обраќа?
Книгата е објавена во ноември 2015 година, како еден заокружен процес. Во еден момент почувствував дека е време да излезат сите напишани работи, собрани на едно место за да можат да почнам друго ниво на себеспознавање. Во книгата има сè и сешто 🙂 Најмногу мене и емоции. Комплетно соголување, стравови и желби, голема и неостварена љубов, болка и радост, ќерка ми, моите прекрасни пријателки. Еден цел живот собран на околу 200 страници. Таа е веќе во мене закопана и заборавена. Сега спремам нова книга, како нова етапа, нов живот и нова јас.
Ако Ана би се родила на друго место, во друго време, кои би биле тие и за што би пишувала?
Не знам. Еве, навистина не знам. За мене, ништо во животот не е случајно, па дури ниту времето и околностите во кои живеам. Верувам дека сè е со причина. Можеби да сум се родила во друго време би била ткајачка или изработувачка на накит, можеби би била домаќинка со шест деца и би се занимавала со одгледување на цвеќиња. Во овој живот, во ова време, оваа ЈАС пишува, оти само така умее да се искаже себе.
Ако Вие сте инспирација, а некој друг би пишувал за вас, каква би била книгата. Кој би бил насловот?
Оф, се надевам дека само не би била хорор од Stephen King 🙂 Искрено, не знам. Не сум размислувала дека би можела да бидам нечија инспирација или муза, а уште помалку знам каков би бил насловот на таа некоја си имагинарна книга. А впрочем, не знам ниту дали сакам некој да пишува за мене.
Која е Вашата порака за сите оние што изгубиле парче од емоциите или душата сред вртлогот на живеењето или немилосрдниот капитализам?
Не постои такво нешто како губење емоции или душа, барем за мене. Но, постои амнезија за себе, за околината, за сопственото срце. Единствена порака што ја имам, пред сè за себе и ќерка ми е никогаш човек да не се заборави себе и да остане доследен на она што му врие внатре, она за што пилето во градите му пее. Да не се ускратува себе од убости, да не дозволи секојдневието да го посиви. Дали грешам или не, времето ќе покаже.