ОБД Седа Брокер А.Д e осигурително друштво, дел од Power Sport System(PSS) – првата приватна станица за технички преглед и регистрација на моторни возила во Република Македонија.
ОБД Седа Брокер функционира веќе 8 години. Од моментот на своето формирање, па се до денес, Друштвото бележи постојан успех во своето работење. Основна цел на ОБД Седа Брокер е да води грижа за целокупниот имот на постојаните и идните клиенти, како и да обезбеди најповолен избор помеѓу понудите за осигурување од осигурителните компании.
Повеќе на оваа тема разговаравме со главниот оперативен директор во ОБД Седа Брокер, Александар Рајчановски.
Александар, кажете ни повеќе за осигурувањето, кои се обврските на двете страни и како функционира сето тоа?
Според Законот за супервизија во осигурување може да има посредници во осигурување. Од една страна има осигурителни компании кои продаваат осигурување и од другата страна има клиенти. Клиентите не се задолжени да знаат се за осигурување. Поради тоа секаде во светот постојат посредници во осигурувањето кои живеат од провизијата која што ја добиваат од осигурителните компании, меѓутоа ги штитат интересите на клиентите. Тие не се должни да знаат во детали што значи било кое осигурување, барем не во детали.
Идејата на посредникот е буквално да ги штити интересите на клиентите и да ги застапува пред осигурителните компании. Во Македонија во моментов постојат 11 компании кои што работат во делот на неживотно осигурување и 4 кои што работат во делот на животното осигурување.
Кој дел е поразвиен кај нас, дали неживотното или животното осигурување?
Во самиот Закон за супервизија на Македонија предвидено е дека осигурувањето на живот и неживот да биде во издвоени компании. Делот кој што во Македонија поразвиен и на кој повеќе се работи е неживотното осигурување. Тука влегува осигурување на имот, осигурување од одговорност, на кредити, осигурување на возила… Тоа е делот на неживотното осигурување и тоа е делот кој што ние како Седа Брокер повеќе го работиме. Ние имаме опција на клиентите да им понудиме и осигурување на живот и неживот. Двете опции можеме да ги работиме бидејќи сме брокерско друштво за осигурување. Од делот на неживотно осигурување најмногу работиме во делот на осигурување на автомобили, кое го правиме во рамките на станицата за технички преглед, ПСС.
Кои се главните видови на осигурување кога станува збор за автомобилите?
Кога зборуваме за автомобилите, во главно главните осигурувања за авомобилите се два вида. Првиот е автоодговорност. Тоа е законски задолжително осигурување, што значи секој кој што има возило мора да го поседува при регистрација на возилото, односно мора да приложи полиса за да возилото биде регистрирано. Вториот вид е каско осигурувањето, кое е доброволно осигурување.
Што е автоодговорност?
Самото име го кажува тоа е-одговорност. Тоа не е осигурување на возилото на клиентот. Кога тој ќе направи полиса за автоодговорност, не го осигурува сопственото возило, туку ја осигурува неговата одговорност кон трети лица. Како возач, како сопственик на возилото тој може да предизвика огромна материјална и нематеријална штета на друг. Целта на ова осигурување е да се покрие неговата одговорност. Секаде во светот ова осигурување е законски задолжително. Сопственикот на возилото кој е и возач, може да направи штета повеќе отколку што реално може да ја покрие. Тука не станува збор само за возила. Ако има жртви во сообраќајна несреќа, тоа значи да се плати штетата.
Тоа што треба да се дополни кај автодговорноста, покрива одговорност меѓутоа мора да се каже дека не ги покрива сите одговорности.
Нормално е дека доколку возачот е под дејство на алкохол, а не смее да управува со возило во таа состојба, осигурителната компанија кај која што е направена автоодговорноста, на оштетениот ќе му ја плати одговорноста, меѓутоа ќе бара регрес од возачот. Тоа е заради причината дека нема право да управува во таа состојба што значи дека кај автоодговорнста сепак има некои правила кога покрива штета и слично.
Постои ли друг вид на осигурување на возилото?
Да, постои. Вториот тип е заштита која се однесува за возилото на сопственикот. Тоа е каско осигурувањето што значи дека се осигурува возилото кое наведено во полисата.
Се случува сообраќајна незгода, возачот е виновен. По неговата автоодговорност на другиот возач ќе му се поправи возилото или некоја поголема настаната штета. Но, што се случува со возило на сопственикот?
Возило би се поправило од каско осигурување доколку го има. Бидејќи за разлика од авотодговорноста која е законски задолжителна, каското не за законски задолжително осигурување. Тоа е доброволно.
Во делот на неживотното осигурување околу 50% од вкупниот портфел отпаѓа на осигурувањето автоодговороноста, а останатите 50 % се сите видови на осигурување, вклучувајќи го каското.
Каде покрива штета автоодговорноста?
Според Законот кај нас има предвидени лимити кои што се законски и кои што автоодговорноста ги покрива. Кога одиме во друга земја, тие лимити што се валидни кај нас, не се исти и таму. Можеби се повисоки, можеби и пониски. Секоја држава сама ја определува границата. Заради тоа кога излегуваме надвор од државата, нас на граница ни бараат задолжително зелен картон.
Што е зелениот картон?
Тој го нуди истото покритие како автоодговорноста, но надвор од границите на матичната земја. Зелениот картон во секоја држава каде што тој е валиден, тоа го пишува на самиот зелен картон, покрива до локалните лимити на тие држави.
Зелениот картон буквално дава покритие до државата каде што настанала сообраќајната незгода. Има држави каде што воопшто нема лимит односно покрива во висина на штетата.
Што ако возачот нема извадено зелен картон, дали ќе може да патува и понатаму?
Постои и друга варијанта за возачите кои немаат набавено зелен картон претходно. Ја имаат опцијата гранично осигурување, тоа е автоодговорност за конкретната држава, но финансиски не е исплатливо. Како дополнителен фактор се јавува и тоа што ако патувате во одредени земји од Европа може на самата граница да нема каде да извадите гранично осигурување. Така што секогаш е препорачливо тоа да извадите зелен картон. Инаку, на самиот зелен картон се наведени државите каде важи.
Покрај осигурувањето на возилата, во самиот закон за супервизија на осигурување, утврдени се 23 класи на осигурување, тоа е европска директива, односно се она што може да биде осигурано, категоризирано е по класи. Од тие 23 класи, 18 класи ги работат осигурителните компании од неживотното осигурување, а останатите 5 осигурителните компании од животното осигурување.
Покрај автомобилските, луѓето се соочуваат и со други видови опасности и штети од истите. Кои се останатите?
Она што може да се осигура по неживотното осигуравање е осигурување од последица од несреќен случај или незгода. За разлика од животно осигурување каде што идејата е да го осигураш животот, овде основната идеја е да осигура повредата од несреќен случај. Идејата на осигурувањето од незгода е да ги плати последиците на понатамошното живеење кое што ги остава таа повреда. Секоја компанија има табели во кои за секоја повреда е ставено процентуално колку таа повреда носи од сумата за осигурување.
Осигурувањето на имот е нешто кое е многу застапено и многу често го има. Тоа значи дека се она што како физички лица и правни лица го поседуваме како имот, дали се тоа објекти, машини, мебел да се осигура недвижноста и она што е вклучено во неа.
Постои осигурување од многу различни работи како пожар и другите елементарни непогоди, осигурување од провална кражба и разбојништво. Понатаму, постои можност да се осигураат и машините кои се користат за производство да се осигураат од расипување и кршење.
Дали има некаков тренд кога станува збор за осигурувањата?
Тоа што во последно време е се поинтересно за клиентите, кое кај нас е некој понов вид на осигурување и кој што полека се повеќе ќе се развива е осигурувањето од одговорност. Тоа значи дека ако клиентот на пример произведува нешто, а тој производ нанесе штета на некој друг при користењето, штета што настанува како несакан ефект може да се осигура.
Полисата на осигурување има лимит до каде покрива, односно тоа е факт кој е нотиран во полисата. Тоа е еден нов дел кој допрва ќе се развива кај нас и ќе зема се поголемо место на осигурителниот пазар.
Друг вид на осигурување кој кај нас е познат и баран е патничко осигурување. Ова осигурување ги покрива трошоците за здравствени услуги при патување во странство исто така до лимитот што е впишан во полисата.
Уште една актуелност што се однесува до осигурувањето е дополнителното здравствено осигурување. Долги години со Законот не беше дозволено да се прави дополнително здравствено осигурување. Пред неколку години стапија на сила измените во Законот и сега ја имаме таа опција. Но, полисата може да се прави единствено ако клиентот е веќе дел од осигурителниот систем на Р. Македонија. За да добие услуга повеќе мора да фигурира во основниот систем. Клиентот кај нас, односно пациентот бира во какви услови ќе се лекува.
Колку се луѓето информирани и колкав е интересот?
Интересот се зголемува се повеќе и верувам дека ќе се движи во нагорна линија, а што се однесува до информациите сметам дека има простор за надградба.
Во контекст на ова, за што се луѓето најмногу информирани, какви полиси најчесто бараат, надвор од законските обврски кои ги имаат?
Најчесто бараат каско осигурување за автомобилот. Со отворањето на опцијата за кредити за станбени објекти почна да има поголеми движења и на тоа поле, околу осигурување на домаќинствата. Веднаш зад тоа се осигурувањата на имотот на правни лица, а потоа следи незгодата.
Има уште еден вид осигурување, тоа на патници во јавен превоз. Што опфаќа тоа?
Тоа е осигурување кое отсекогаш постои и е во законот забележано . Сите возила кои што се регистрирани за јавен превоз мора да поседуваат таква полиса.
За крај, зошто е потребен ваков чекор во животот?
Сите ние сме сопственици на одреден имот. Факт е дека ако настане поголема штета на тој имот, без разлика дали за каков имот се работи, никој не е доволно ликвиден за да може во моментот да ја покрие катастрофата. Се покрива ризикот со еден симболичен износ кој е претходно платен. Тоа е чекор кој мора да преземат за да се заштитат себеси.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот