Ана Голејшка нејзината популарност ја доби благодарение на социјалните медиуми, односно нејзините објави на Твитер и Фејсбук кои на поинаков, многу точен, умен и прониклив начин допираат до суштината на тоа што сака да го каже. Таа е писател, автор на „„Љубов на улица“, урбана девојка, со јасни цели во животот, дел од акцијата Ретвитни оброк и Астални проекции.
Зборуваме со Ана Голејшка во продолжение…
H: Да почнеме од проектите кои ги споменав, Астални проекции е настан кој трае 3 години, а се одржува една месечно во Скопје. Станува збор за млади вљубеници во пишаниот збор кои на неофицијален начин ја презентираат својата проза и поезија. Што значи тоа, што се случува на овие средби?
- Астални е книжевна собиранка за секој добронамерник, поет, прозаист, човек кој сака и умее да пишува, да се изрази. Почнавме да ги правиме за да се собереме ние книжевниците, а притоа да дадеме и шанса на сите млади и не толку млади луѓе да дојдат и да ни читаат. Овие средби се духовна поткрепа за многумина, платформа за прочистување на умот, би рекла. Наивно почна, како вид освестување дека во оваа наша земја има младост, има поезија и проза и истата треба да се промовира. Во мај ќе ги направиме 30тите јубилејни Астални, што значи речиси 3 години како проектираме добра мисла, уметност и радост. Во ова сме заедно со Ѓоко Здравески, поет и другар. Синергијата и задоволството по секои Астални им ја должиме на сите што неуморно доаѓаат, пишуваат. Не само како читачи, ами и како верна публика, која знае што слуша и гледа. И критикува! А тоа е најважно.
H: Зошто името Астални проекции?
- Кога ќе ми го постават ова прашање, со смеење во себе си го одговарам, секој пат. Имено, седевме во кафеаната Илинден, собрани книжевници по една промоција и разговаравме каков настан да направиме, за самите нас. Ѓоко ја даде идејата, а јас во неврзан муабет реков – па Астални проекции! Сакавме да побегнеме од она салонско, затнато и депласирано изразување на уметноста. Реферирајќи на масата, на непосредноста, но и на астрални проекции – кога телото излегува од себе и патува на повисоки места. Метафората, вака или онака, сосема добро се залепи за нашиот светоглед и еве – проектира месеци и месеци поезија во градов.
H: Ана Вие сте дел и од акцијата Ретвитни оброк. Како се случи да бидете дел тоа?
- Се приклучив затоа што сакам да готвам, сакам да запознавам нови луѓе и сакам да го спасам светот. Сево ова во букет, со сета наивност, се претвори во движење на иницијатива која две години секоја сабота храни 100тина бездомници и социјално загрозени. Борбата е секојдневна, тешка, а институциите молчат. Државата нема капацитет за долготрајно решение, а ние со капка в море, пробуваме да им ја вратиме радоста и достоинството на тие луѓе. Секој петок се собираме и заедно готвиме, и преку здружувањето со различни луѓе со кои стануваш дел од поголемата слика – е незаменливо богатство. Како поминува времето, наидуваме на сè поголем интерес од фирми, приватни лица, добронамерници кои сакаат да се вклучат, помогнат, да ни дадат правен совет. Уште сме на истото ниво, затоа што не сме организација ниту пак сме се регистрирале за да бидеме тоа. Нам некако, ни се споија солидарноста, грижата и совеста во една заедничка цел – што помалку гладни луѓе, што помалку фрлена храна. Има многу фронтови, уште сме живи, здрави и се учиме до каде можеме да стигнеме.
H: Важите за личност која е отворена на социјалните медиуми. Колку корист, а колку штета имате од тоа?
- Пишувам сè што ќе ми дојде. Кога сум тажна, среќна, секаква. Одамна ја сфатив финтата на интернет – дека ако самиот не си направиш мерка до каде и колку, ќе те изеде чувството дека „те нема“ или не постоиш. Мојата транспарентност на интернет е онаа што ќе ја видите и во живо. Живеам во двете реалности со мало филување во виртуелната. Користа е што можеш да го користиш својот глас, енергија и мислење за да направиш подобри нешта за себе и другите, а штетата е што луѓето црпат, крадат, те јадат, затоа што си извор. Проблемот е што социјалните медиуми не се релевантни и законити, а кај нас дојде до тоа дереџе, да бараме правда, решенија и свест исклучиво по дигитален пат. Можеби е тоа иднината на сите наши прашања. Останува да видиме што ќе каже иднината.
H: Има ли нешто што Ви пречи, што би сакале да го промените?
- Секогаш тргнувам од себе. Ми пречи личната пасивност и расеаност, но тоа е нешто со кое секојдневно се соочувам и пробувам да го минимизирам. Некогаш, просто е џабе, тој си и толку ти се шансите. Но, добро е ако размислуваш. Добро е ако инспирираш. Добро е ако прашуваш – себеси и другите. Овде, одамна заборавивме да се поттикнуваме едни со други. Во периодов во кој живееме, ретко гледам искрено насмеани лица или искрено расплакани. Тоа е поради немерливата сиромаштија на духот. Па ако треба да го менувам тоа – ќе го правам додека можам. Збогатување на луѓето не е само со материјалните потреби. Туку и со влог во нивниот капацитет и вредност.
H: Вашата прва стихозбирка се вика „Љубов на улица“, излезе од печат во 2013 година. Колку сте задоволни од одзивот?
- Ох, тоа е книга стара колку седум мои животи. Ја напишав во еден здив, како што и доликува на една тогаш, 25 годишна девојка. Многу луѓе ја засакаа, и некако ја поврзуваат со мојот слаткоречив, идеалистички поглед на светот (во стиховите). Но, нормално е дека тоа се промени. Би било лудо и регресивно ако останам слатката љубовна Ана. Уште сум љубовна, ама не сум слатка. Сега темите се погорчливи. Ако ви се верува, имам материјал за две стихозбирки, ама тие некако ги одложувам. Ми се случува живот, и се тешам дека ќе им дојде времето. Башка, сакам сè, и правам многу работи и на крајот – ништо не сум направила. Можеби и тоа ќе се смени еден ден, не се ограничувам со време. Само сакам да пишувам, тоа е мојот живот.
H: Која е темата на која најчесто и најлесно се изразувате, сакате да кажете нешто повеќе?
- Љубов. Затоа што ја нема. Онаа, основната, од папок. Љубов за чисто небо, љубов за гушкање некој кога не ти е добро. Љубов за нови садници на балкон. Љубов за секој човек. И потоа – стравот. Стравот од неуспех, тагата, нервозите во кои се плеткаме ко муви во пајакова мрежа. Слободата – да се биде, да се чувствува. Сакам храна. Сакам кога пишувам храна. Како мала, обожавав да смислувам менија за ресторани. Сакам духот да ми е полн со храна, а не телото. Не ми успева, па често плачам, па се смеам. Ме фаќаат светски болки, па се лечам со месење леб. Пишувам кога ќе ми дојде. Не си ги преуредувам песните. Ако нешто е погрешно – нека е. Природната лудост, гласот во тишината и светлото во темнината, тоа се моите теми.
H: Мислите ли дека Македонците се луѓе кои сакаат да читаат, кој е Вашиот впечаток?
- Македонците сакаат да читаат, ама не дочитуваат. Има одредена читателска сила која упорно чита, се гради себеси, учи, соопштува, бидува присутен, глас во етерот, и најчесто ја среќавам на паметни места. Голем дел од нашиот народ е елементарно неук. Под ова не подразбирам немање образование, ами немање капацитет за осознавање на нештата. Па, зборуваме за некакво читање во ера кога образованието ни е ставено на колец! Се надевам дека ќе го промениме тоа што поскоро, ако сакаме да опстанеме како нација што сака да се развива, а не да тапка во калта и да мисли дека лежи на бисери.
H: Вие сте дипломец на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, но почнавте да работите во маркетинг сферата. Имаат ли сродни врски овие две работи?
- Како не! Релативно кусо време сум во оваа сфера, но гледам дека замките се тие – што повеќе читаш, толку подлабоко патуваш. Интересно е, проникливо, со големи шанси да станете зависен од информации и да се удавите во нив ако не сте подготвени за тоа. Мене ми е предизвик оваа дејност, иако понекогаш имам толку голема џунгла во глава, што ми треба време за да испроцесирам до каде сум. Пишувачката работа е таа што се поврзува најмногу. Сите идеи што лежеле во мојата мисла, сега стануваат и трчаат да се себепромовираат. Одлично е тоа што со мојата работа, можам да стигнам до личната слобода и перцепција. За тоа сум многу благодарна.
H: Со оглед на тоа дека сте личност со многу интерес и активност за различни работи кои го окупираат денот на еден или друг начин, како сакате да го поминувате слободното време, кои се Вашите омилени места во градот?
- Слободно време? Понекогаш го бројам преку часови. И ако имам барем 3 часа во денот за себе, еден оди за тотално мачешко лежење! Мојот хедонизам има цена – а таа се плаќа исклучиво во сон. Долго време работев во корпорација и во смени и никако не можев да се наспијам. Сега, времињата се други. Сакам да си лежам раат. Да читам женски списанија, да се мотам во кујна и да измислувам рецепти. Уживам во кафето наутро дома со партнерот. А кога сум надвор, Горки е мојот другар, Менада е мојата дневна соба, Винил караоке, а подиум ми е цел свет. Среќна сум што уште имам енергија за да го живеам ова, и не се предавам. Како созревам, сакам и посакувам само здравје, љубов и ум наоколу. Другото, може да се купи.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот