Јасна Лековска е пилатес инструктор веќе 10 години. Нејзината адвокатска униформа ја замени со спортска облека, одлука за која вели дека целосно и го променила животот. Со неа разговаравме на тема пилатес, спортска култура во Македонија, вежбање за време на бременост и воопшто за начинот на работа во „Tринити“.
H: Дипломата од училишните клупи вели дека сте адвокат, но животот Ве однесе во друга насока – пилатесот, кој не само што стана Ваше дополнување, туку и стил на живот. „Тринити“ е успешна приказна веќе неколку години. Како почна сè?
Пред речиси 4 години со партнерката Катерина Попева еден убав пролетен сончев ден се одлучивме дека е време да ја започнеме приказната за Тринити, без грам сомнеж и двоумење. По само 3-4 месеци постоење дадов отказ од моето работно место зашто знаев дека ова ќе биде мојата животна насока, а Тринити се пресели во две големи сали. Поддршката за започнување на цел овој проект несебично ми ја даде целата моја фамилија.
H:Зоштo името „Тринити“ има ли некое посебно значење?
Пилатес, Фитнес, Јога. Сите вежби во сите 3 дисциплини се работат со исклучителна концентрација и прецизност така што прават една совршена комбинација на телото, умот и духот, исткаена преку секојдневни вежби за цврсто тело, прецизен ум и нескршлив дух.
H:Вие важите за една од личностите кои редовно знаат да ги поздрават своите ученици од „Тринити“, но и останатите кои ве следат на социјалните мрежи со здрав појадок, пијалак и слично…Јасна како Ви започнува и како Ви завршува еден обичен ден?
Со насмевките од моето мало синче Јан и саканиот сопруг Марко. Со чаша полна витамини од различните шејкови и сокови што обожавам да им ги приготвувам секој ден. Денот ми е исполнет со постојано давање и примање на позитивна енергија, работење на работа со која си комплетно опседнат, работење со колеги професионалци, вака од прилика изгледа еден ден во Тринити, заедно со Катерина, мојата партнерка и моите колеги Снеже, Ана, Михаела, Јована, Еми, Мартин и Петар, 24/7 го започнуваме и завршуваме секој ден од неделата.
H:Тренинзите во „Тринити“ се забавни, комплексни, напорни, ефективни и не можеш да не се забавуваш додека вежбаш. Што би дополниле овде?
Секогаш доаѓам подготвена за часовите со девојките, не сум тип што може да го држи место, па така секој можен слободен момент го користам за пронаоѓање нови интересни вежби, со колегите споделуваме видеа, текстови, идеи за часови, едноставно сите што работиме во Тринити сме опседнати и вљубени во својата работа.
H:Како ја составувате програмата за вежбање, колку истата подлежи на чести промени?
Искуството кое го имаме со Катерина направи Тринити уште на самиот почеток од своето отворање да се издвои од другите слични студија, а тоа е токму поради програмата кој ја поставивме. Има одредени делови од таа програма кои се константни и задолжителни и не подлежат на промени, но секако дел од неа и се менува. Сите вежби кои се вметнати во програмата се наменети за градење природно, привлечно, обликувано, здраво тело.
H:Кој е Вашиот впечаток во однос на културата за вежбање кај луѓето кај нас, дали има разлика од порано?
Да има и тоа ме прави особено среќна. Јас ја имам најголемата привилегија на планетава Земја, а тоа е да работиш работа што вистински ја сакаш. Фактот дека секојдневно сум опкружена со млади луѓе кои имаат високо развиена свест за здрав начин на живот е особено интересен. Нивниот млад дух, прави да се чувствувам вечно млада. Интересот е доста голем. Жените кои доаѓаат на тренинзи во Тринити се „ѕверови“ и на нив едноставно им нема никоја рамен. Тоа е една толку добро синхронизирана армија која те мотивира да им подготвиш тренинг што и за нив дента ќе биде предизвик.
H:Иако пилатесот е создаден од маж, денес се смета за женски спорт. Зошто е тоа така, има ли мажи кои тренираат пилатес?
Се повеќе ме радува фактот што успеавме да направиме програма каде што мажите почнуваат да се приклучуваат кон овој вид на тренинзи. Сите вежби кои се вметнати во програмата се наменети за градење природно привлечно машко тело. Нашите две сали веќе 4та година по ред работат со 4-5 групи каде вежбаат мешано и мажи и жени.
H:Уште една спортска дисциплина која ја практикувате е „Пол-Фитнес” или танц на шипка. Колку се луѓето запознаени со оваа дисциплина и колкав е интересот?
Па би рекла дека се запознаени, а интересот е голем. За каква и активност да се одлучите, основна предиспозиција е само да имате желба. Инструкторот е тој кој треба да се погрижи да ја засакате дисциплината што сте почнале да ја вежбате, да ве мотивира, инспирира и да не дозволува да се откажете. Можам слободно да кажам дека во овие 10 години работа не ми се случило да имам незадоволен вежбач.
H:Јасна, во моментов Вие сте во блажена состојба, а физички сте активни се уште. Дали постои посебна програма за трудници и која е Вашата препорака генерално за бремените жени – дали е препорачливо вежбањето во овие 9 месеци?
Бременоста е индивидуална состојба дури и кај една жена која треба да стане мајка неколку пати. Ако имате здрава бременост и имате одобрение од вашиот матичен гинеколог дека може да вежбате тогаш нема апсолутно никаква пречка тоа да не го правите. Вежбите за бремените жени се делат во 3 тромесечија исто како и саматa бременост така што препорачливо е да се вежба со некој кој ја познава оваа проблематика.
H:За крај, како го поминувате слободното време, кои се Вашите омилени активности надвор од салата за вежбање?
Целото мое слободно време го поминувам со моето синче Јан и со моето семејство, мајка ми, сестра ми, маж ми. Благодарна сум што имам ваква работа која ми овозможува многу повеќе дружење, гушкање и бацување со моите сакани.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот