Оливера и Марко се дел од тимот на Хепи радио, тоа се утринските гласови кои ги слушате секој ден од 7 до 10 часот. Во однос на емисијата, тематиката, но и за нив двајца како водители, од интервјуто во продолжение.
Радиото е медиум кој ако еднаш го засакаш, засекогаш си врзан за него. Како се случи љубовта кон радиото?
Оливера: Кога ќе се навратам кон спомените имам само едно нешто да кажам. Јас сум родена со љубов кон овој медиум. Многумина ќе речат, штом еднаш влезеш во радио-магијата волшебно си маѓепсан. Јас имам чувство дека и првиот плач во породилното сум го кажала пред микрофон. Ете, само толку го сакам радиото. Се започна во 1992 година, на мои 12 години кога се пријавив на аудиција во Македонското Радио и со уште неколку деца бевме примени за водители. Додека многумина од нив продолжија, јас се предадов на образованието, учењето, студирањето, магистрирањето, па малку скршнав од патот кој сакам да го одам, но добро е пред 6 години се вратив таму каде што припаѓам. Сето тоа благодарение на добри луѓе кои несебично веруваа во мене.
Марко: кај мене радиото се случи сосема случајно, по краток муабет со колешката Александра со која водевме едно шоу На иста адреса, која случајно во разговор ми предложи да си ја пробам среќата на Радио..Сега ми е супер, екстремно сум среќен и исполнет и овој медиум ме прави исто толку Хепи како и телевизијата.
Оливера, која е разликата од тогаш и сега, со оглед на тоа дека искуството си го прави своето? Разлики има многу. За разлика од минатиот век кога интернет манијата се уште не беше толку развиена и темите и информациите сами си ги смислувавме,копајќи од книги и списанија, денес во ера на дигитализација водител може да стане секој. Ако има добра воља за тоа. А, искуството е огромно,сакам да учам ж и учам од најдобрите во оваа област. Од луѓе кои оставиле и оставаат печат во радискиот етер. Имав одлични уредници и претпоставени досега на кои навистина многу им должам.
Марко, Вас ве препознаваат многу повеќе како телевизиски лик. Тешка ли беше адаптацијата на овој медиум?
Марко: Не, баш напротив, на почетокот ми беше малку чудно бидејќи незнаев на кого му се обраќам, но за кратко се адаптирав и сега уживам и тука…
Оливера, каква тематика третира утринската емисија, на што се задржувате повеќе?
Со оглед на тоа дека уживам во денот, а сакам да се наспијам во ноќта, кај мене постои јасна дистинкција што е утро, што е пладне, а што вечер. И научно докажано во мојот биоритам дека најдобро “пливам” и функционирам ако го фатам денот од утрото. Најкреативна сум наутро, па затоа и најактивна. Речете ми да станам во 4 наутро ќе станам и ќе работам, ама немојте да ме терате да работам после пладне или навечер. Едноставно тогаш не функционирам. Попладне сакам да функционирам само дома, со најблиските, со пријателите, да уживам со мојот сопруг и мојата мала принцеза Лана.
Јас сум среќна што и моите уредници го знаат тоа и секогаш ми ја давале улогата на утрински водител
Нашата утринска емисија на Хепи радио вклучува вообичаени утрински теми, Заедно со Марко го будиме и рассонуваме Скопје, ја будиме јавната свест за одредени актуелни случувања во метрополата. Ги советуваме здраво да го почнат денот, да не пијат кафе на гладен стомак, да не јадат многу мрсна храна, да не дозволат шефот да ги изнервира на работа. Разликата меѓу нашето радио и другите радио станици, е дека ние презентираме исклучиво свежи, убави позитивни и среќни информации. Бидејќи тоа ни оди во контекст со името. Депресивните, тешките муабети нека ги презентира некој друг. Ние сакаме да го насмееме нашиот народ, сакаме да му го направиме среќен секој ден. И досега навистина успеваме.
Емисија со двајца и повеќе водители, секогаш бара приспособување. Марко, како се согласивте со Оливера, дали беше тешко?
Марко: Воопшто не беше тешко. Оливера ме прифати уште од самиот старт и сега функционираме како да сме работеле заедно повеќе години..
Од каде црпите инспирација за темите кои ги одработувате?
Оливера: Инспирација црпеме од бунари. Се шегувам. Секогаш императив ни е Скопје, општините, маалата, пазарите, дуќаните, од тоа што го интересира и го сака Македонецот. Ние секое утро со Марко размислуваме што ќе биде актуелно тековниот ден или период и токму тоа преку дијалог им го сервираме на слушателите. Марко е секогаш тука да направи одлична атмосфера, тој е нашиот Центарфор кога се смешките во прашање.
Марко: Инспирација црпам од Оливера, хахахах. Оливера ги одбира темите, јас само се надоврзувам на неа.
Какви се реакциите на слушателите досега?
Оливера: Неочекувано позитивни. Исто како и ние. Среќни слушатели е нашиот императив и затоа целиот тим на Хепи радио работи во тој правец. Тимот на радиото вклучува искусен директор, уредници, водители и техничари и затоа за многу краток период потврдивме дека местото ни е на врвот.
Марко: Супер, дури и изненадувачки добри. Не очекував да има толкава слушаност. Пријатно сум изненаден како се одвива целава работа..Среќен сум што сум дел од тимот на Хепи радио.
Во вашата емисија меѓу другото зборувате и за утринските ритуали кај луѓето. Кои се Вашите ритуали, како сакате да го почнете денот?
Оливера: Моите ритуали се слични со тоа што ги советувам и нашите слушатели. За да имам добар ден задолжително е потребно да легнам рано навечер и да се наспијам добро. Разликата од порано е што порано ми беа потребни 8 часа за здрав ден, сега морам да се задоволам и со 5-6 часа.
Со оглед на тоа дека станувам во 5 часот. Денот го започнувам со овошје, кафе и здрав појадок, транспорт на моето бебуле во градинка, читање добри вести во 6 часот, и омилениот дел 3 часа активна дружба од 7-10 часот со Марко и нашите слуаштели.
Марко: Ритуал кој што го правам секој ден и без кој не излегувам од дома и не го започнувам денот е пиење млака вода 750 мл, и после конечно можам да стартувам со денот..Се чувствувам убаво после тоа што и да правам..Потоа одам на работа…Од 7-10 часот сум на емисија со Оливера во “Кажи нешто драга”, каде го пијам и првото утринско кафе на првата пауза со првата цигара.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот