Пишува: Ана Јовковска
АЈ: Зорица, ве запознав пред неполни две години и за да ми се допаднете пресудна беше вашата филозофија дека траеме онолку колку што работиме на сопствениот развој. Работите во областа на развивање на личноста, коучинг, комуникациски вештини, НЛП обуки, едукација за стратегии на влијание, лидерство и слично. Со два-три збора, што значи човек да работи на себе?
ЗП: Работата на себе подразбира процес на градење и разградување. Прифаќање на себеси и одучување од она што повеќе не ни служи. Човек треба од нови и свежи перспективи да ги погледне аспектите на својот живот со кои со години управувал автопилот. Всушност, работата на себе започнува со преиспитување на правилата според кои живееме. Како нè обликувал одамна застарениот образовен систем, на пример. Човекот се раѓа како семе, може да стане цвет, но и не мора. Во секој момент сме на раскрсница. Се зависи од нас. Милиони луѓе одлучуваат да не растат. Остануваат семе, само потенцијал што никогаш не се реализирал. Не знаат што е тоа самоспознавање и самоостварување. Живеат латентно цел живот. Тоа се одразува на сите околу нив и на целата комуникација која ја имаат со себе си и со другите.
АЈ: По професија сте магистер по менаџмент за човечки ресурси, но низ континуирана едукација имавте можност да учите директно од големите модели како Јоке Ленд, Сју Најт, Ричард Бандлер, Пеџа Јованович, Мерилин Аткинсон и други, и да се закитите со куп титули како: лиценциран обучувач за возрасни, сертифициран НЛП-тренер, сертифициран НЛП Capital Coach, сертифициран коуч за зголемена продажба и раст на бизнисот, сопственичка на едукативната развојна платформа „Сенсум тренинг и коучинг“ итн… нема да продолжам да редам, ќе стане сувопарно и здодевно, а имаме толку убави теми за разговор. Па, најпросто кажано, на што ги учите луѓето и компаниите?
ЗП: Една од моите главни цели на НЛП тренизните, во коучингот и консултантсвото, е да бидам поддршка на индивидуалци и тимовите во постигнување на нивното најдобро издание или нивниот максимум. Кога на индивидуално ниво сме во состојба на внатрешна порамнетост или кохерентност, ние сме едно… свои на своето, и има малку или воопшто нема конфликт или стрес. Кога овие работи се на место, вештините потоа лесно се развиваат. Во однос на компаниите, клучно е да градат култура и компанија за која луѓето ќе сакаат да работат и во која ќе сакаат да припаѓаат.

Разочараните луѓе не го менуваат светот во подобро место за живеење.
АЈ: Луѓето се робови на навиките. Кои навики најтешко се менуваат?
ЗП: Оние кои не сакаме да ги смениме (се смее). Најтешко ги менуваме оние навики за коишто не сме свесни. Ние следиме одредени патерни, навики на однесување и истите тие ги носиме со нас каде и да одиме. Неодамна имав еден случај со личност која беше заинтересирана да започне со коучинг процес, кадешто при првото телефонско јавување се изјасни дека поминува низ исклучително тежок период од својот живот. Поради проблеми во бракот размислува да се разведе. На работното место не е среќен, па размислува за нова работа. Преку глава му било и од животот во оваа држава, каде чувствува дека ништо не е како што треба…
Каде и да одиме, што и да правиме ние ги носиме своите патерни (ментални стратегии) своите навики со себе. Бегање од тоа што не го сакаме нема да ни донесе решение. Ние остануваме константата која ги креира околностите. Би требало на сите да ни е јасно дека ние не зависиме од околностите, туку околностите зависат од нас.
АЈ: А, промената е единствената константа и таа секогаш носи предизвици. Која промена ви направи пресврт во животот? И која промена ви беше најтешка?
ЗП: Уф Ана, од кај да почнам (се смее). Промената некако го одбележува мојот живот и генерално добро поднесувам лични страдања и превирања кои произлегуваат од промените. Сите тие ситуации направиле пресврт и покренале лавина промени.
Живеам сама од 18 години, што подразбира многу прилагодувања. Прво поголемо и особено предизвикувачко искуство беше моето патување во Америка во 2001 година (додека сè уште студирав) и предизвиците со кои се соочив таму, а кои беа како на филм. 11 септември – терористичките напади на „Кулите близначки“ речиси пред мои очи дента кога требаше да бараме стан за да се преселиме во Њу Јорк после одлуката да останеме во САД. И денес се сеќавам како го гледавме огромниот чад и прашина насекаде околу нас, со неверување и голем шок! Тој настан однесе многу жртви. Ги однесе и моите планови… Сето тоа бараше брзо прилагодување на новата ситуација и нови решенија. Далеку од дома, тогаш можеби за прв пат, почувствував егзистенцијални стравови. Следуваа други чудни и непријатни настани, како ураган веднаш по пристигнувањето на Флорида. Еден месец потоа уште една авионска несреќа во наша близина во Њу Јорк, истиот ден кога требаше да се вратиме во Македонија. Не баш среќна година за плановите кои ги имав. Судбината имаше друг план за мене. Како и да е… знам дека сите тие предизвици ослободија еден дел од мене.
Враќањето во Македонија ми беше проследено со долг период на самоизолација обидувајќи се да си го вратам животот во нормала. Од оваа перспектива мислам дека тој период минував низ долга, латентна депресивна фаза која ја исполнував со долги часови на осаменост и изолација, цртање и многу читање. Често знам да кажам дека книгите ми беа спас и врата кон личната слобода. Неколку години покасно, станав мајка и таа нова улога, децата… на сосема нов начин го вдахнаа мојот живот.
Друг критичен пресврт во мојот живот, кој го одреди курсот на мојата иднина, се случи со невролингвистичкото програмирање (НЛП). Имав среќа да се запознаам со НЛП методологијата и да учам од прекрасни учители и ментори. НЛП ме смени засекогаш на начин што ми ја даде потребната структура, алатки и увиди. Преку сите тие увиди и сознанија, преку неколкугодишната систематска работа на себе, конечно бев во состојба да ја изберам и да ја испишам сопствената животна приказна.
Настојувам животот да го живеам со прифаќање на тоа што не можам да го променам и целиот мој фокус и енергија да ги насочам на работите на кои можам да влијаам, кои ми даваат смисла и ми носат радост.
АЈ: Пред шест години го напуштивте работното место на менаџерска позиција во успешна компанија, знаејќи дека тоа искуството ќе ве промени засекогаш. Велите: „Не чекам другите да ме дефинираат која сум. Не одам само по добро разгазен пат, туку трасирам своја нова патека“.
Како изгледа вашата нова патека? Како го живеете животот денес?
ЗП: Денес работам коучинг и тренинзи со индивидуалци, бизниси, лидери, и уште поважно учам од сите нив. Среќна сум што можам да кажам дека го следев својот внатрешен глас и го претворив своето хоби, личниот развој во компанија којa се занимава со трансформации – „Сенсум Тренинг и Коучинг“. Настојувам животот да го живеам со прифаќање на тоа што не можам да го променам и целиот мој фокус и енергија да ги насочам на работите на кои можам да влијаам, кои ми даваат смисла и ми носат радост. Правејќи го тоа примарно за себе, во најдобра позиција сум да придонесам вредност и за другите.
Сè додека обвинувате други, не преземате одговорност! Извонреден увид којшто ги менува работите од корен е сфаќањето дека одговорноста никогаш не се дава, туку се зема.
АЈ: Животната филозофија во која стравовите нè контролираат, продуцира фрустрирани луѓе на кои постојано им е лошото пред очи во сите можни сценарија и бои – на работа, дома, со љубовниците, во политиката. Токму таквите луѓе себе си се сметаат за жртва. Другите им се секогаш виновници и несвесно играат на принципот на емотивни уцени. А вината е една од најдеструктивните емоции.
За преземањето на личната одговорност?
ЗП: Извонреден увид којшто ги менува работите од корен е сфаќањето дека одговорноста никогаш не се дава, туку се зема. И ако избереш да преземеш одговорност, сите врати се отвараат и добиваш тотално различен живот. Она што му се случува на човекот е помалку важно од она што се случува внатре во него. Начинот на кој комуницира со самиот себеси. Обвинувањата, навредите, правдањето на своите чувства, жалењето е деструктивен пат и начин како да се уништат релациите и животот. Вистината е дека сè додека обвинувате други, не преземате одговорност! Одговорноста на англиски “response-able“ значи способност да одговориме. Ако не сум одговорна, тоа би значело дека немам контрола. Тоа е како некој однадвор да ме контролира. Секогаш ќе се чувствувате како да немате контрола над својот живот и нема да бидете среќни. Тоа деструктивно влијае и на самодовербата.
Нашиот емоционален и психички одговор на кризата како грижа, анксиозност и нестабилност е природен и многу човечки.
АЈ: Најголемата слобода што ја има секој од нас е слободата да избираме како ќе ја набљудуваме улогата што ја имаме во овој свет и моќта што ја имаме да донесуваме позитигни одлуки без оглед на ситуацијата во која ќе се најдеме. Ова може да е апликативно и за новонастанатата ситуација со вирусот корона. Оваа пандемија драстично ни ги промени животите, навиките, чувствата… Како да се избориме да се чувствуваме добро и во реално лоши околности?
ЗП: Така е Ана, во животот ние не можеме да контролираме што ќе се случува надвор од нас, но секој од нас ја има слободата да избере начин на кој ќе одговори на тоа што се случува. Сите ние периодов искусуваме нешто што се случува надвор од нас, овој коронавирус. Важно е да се знае дека нашиот одговор – нашиот емоционален и психички одговор на кризата како грижа, анксиозност и нестабилност е природен и многу човечки. Но вистината е дека многу често, истите ни носат уште повеќе страдање и замаглување на нашиот ум и не попречуваат јасно да го видиме најдобриот курс на нашата акција. Затоа е важно да градиме ментална резилиентност преку одржување на оптимистичен и позитивен начин на размислување. Оптимизмот не е наивен. Оптимизмот не е негирање на реалноста. Оптимизмот е очекување и верување во позитивна иднина. Да бидеме сега и тука. Да го цениме секој момент. Да се чувствуваме добро подразбира внесување на спиритуална димензија. Живот над моменталните случувања и расположенија. Тоа значи да го сакаме секој момент – и кога врне и кога сонце грее. Оптимизмот е очекување и верба во подобро утре. Во очекување на светлина на крајот на тунелот. Кога ќе се случат лоши работи, верувајте дека тие нема да траат засекогаш и дека доброто ќе се врати, а ние се движиме кон тоа добро.
Оптимизмот не е наивен. Оптимизмот не е негирање на реалноста. Оптимизмот е очекување и верување во позитивна иднина. Да бидеме сега и тука. Да го цениме секој момент. Да се чувствуваме добро подразбира внесување на спиритуална димензија. Живот над моменталните случувања и расположенија.
АЈ: Подготвувајќи се за овој разговор, додека читав една книга, наидов на она што секогаш сум го мислела – дека некои луѓе гледаат можности онаму каде што други гледаат тешкотии. Зборот криза во кинескиот јазик е составен од два знака, едниот претставува опасност, а другиот можност. Како вие се снаоѓате во корона-кризава?
ЗП: Сите се сложуваат дека ова е најпредизвикувачкиот период во нашата историја. Метафората на совршена бура одлично ја отсликува моменталната реалност. Немаме мапа за оваа нова територија и предизвикани сме да делуваме на начини кои се целосно нови за нас. Ситуацијата бара многу флексибилност и изнаоѓање начини за да функционираме. Во тој контекст, ми помага мојот коучинг пристап и гледањето на работите низ рамката на решенија. Се фокусирам на можностите и ја држам енергијата високо. Размислувам што е во моја контрола и што можам да направам. Брзо прифаќам и се прилагодувам, притоа потпирајќи се на своите верувања и инстинкти. Ги стишувам своите стравови кои очекувано се појавуваат за време на бура, станувајќи љубопитна околу новата ситуација и околу таа нова иднина која е на повидок. Кои нови можности ги носи? Светот се менува многу брзо. И клучното прашање што треба да си го поставиме е: Која ќе бидам јас кога ова ќе заврши? Тешките времиња не траат вечно и тешките времиња создаваат силни луѓе и силни тимови. Сите ние ги имаме сите потребни ресурси за да се справиме во тешки ситуации и да успееме.
Тешките времиња не траат вечно и создаваат силни луѓе и силни тимови. Сите ние ги имаме сите потребни ресурси за да се справиме во тешки ситуации и да успееме.
АЈ: Екарт Тол вели: „Среќата не е одраз на надворешно-објективна стварност. Таа е внатрешно-душевна, односно субјективна состојба“. Слично како што невролингвистичкото програмирање е модел кој се базира на субјективното проучување на јазикот, комуникацијата, личната промена и усовршувањето. Што претставува среќа за вас?
ЗП: Секако Екарт Тол е во право (се смее). Среќата е состојба на умот, состојба на свест. НЛП уште одамна ми помогна да ја осознаам нејзината структура, односно од што се состои. Ми помогна да ги научам патерните и стратегиите кои ме прават среќна, како и да ги препознаам и навремено превенирам оние кои ме прават несреќна. Среќата не е дестинација, не е нешто што го постигнуваме и остануваме таму. За мене таа е начин на кој приоѓам кон работата, во сите ситуации и релации. Па така среќно ја работам мојата работа, среќно се поврзувам со луѓето, среќно го следам развојот на моите деца.
Се сеќавам на најраните години од мојот живот, на возбудата со која скокав од кревет како дете, на детските игри и авантури, на патувањата, се соживувам со таа состојба, дозволувам да ме обземе целосно и ја носам со себе во мојата сегашност. Кога внатрешно сме во убава состојба, носиме добри одлуки и правиме добри чекори. Постојат начини како да управуваме со овие внатрешни сигнали и репрезентации. Правејќи го тоа ние продираме во потенцијалот на нашиот ум. Учиме дека контролата за нашиот внатрешен живот е целосно во наши раце. Среќата е избор, навика, вештина. Среќата може да се научи! Тие начини се дел од бихејвиорални технологии кои се дел од нашите развојни програми.

АЈ: Животот во денешниот свет е сложен, стресен и бара поинаков напор отколку во минатото. Чести манифестации на современото живеење се вината, цинизмот и безнадежноста. Верувањето дека сме шрафче во машинеријата на системот и дека ништо не можеме да промениме. Наспроти тоа е принципот: „Јас сум движечката и креативната сила во сопствениот живот“ за што би сакала да зборуваме…
ЗП: Секое време носи свои убавини и предизвици, Ана. Што доминантно ќе забележуваме зависи од нашиот фокус, а каде ни е фокусот, таму ни оди и енергијата. Од друга страна, целта на предизвиците со кои се соочуваме не е да поттикнат во нас вина, цинизам и безнадежност, туку да ни ја покажат нашата моќ да го живееме принципот – „Јас сум движечката и креативната сила во сопствениот живот“. Да се живее согласно овој принцип е одраз на храброст и лично лидерство. Непреземањето на лична одговорност за себе и сопствениот живот, луѓето го маскираат и го кријат зад цинизмот, вината и безнадежноста. Ова е често несвесен процес и резултат на научени мисловни стратегии и навики. Нашето искуство има своја структура.
Ганди рекол: „Биди промената која сакаш да ја видиш во светот.” Кога сите ние би направиле промена на лично ниво, системот ќе си дојде на место. Секој дел од системот е битен, во духот на фразата на Аристотел: „Целината е поголема од збирот на деловите“. Тоа е моќта на синергијата. За жал луѓето понекогаш се разочаруваат и подолго време престојуваат во таа состојба, а разочараните луѓе не го менуваат светот во подобро место за живеење. Повеќето луѓе немаат идеја за потенцијалот на нашиот ум. Немаат идеја за својот внатрешен гениј и фактот дека е достапен цело време. Сега, со најновите истражувања на мозокот, станува јасно дека дури и за шест недели со мозочната невропластичност ние можеме да смениме кои сме и како гледаме на себеси во смисла на идентитет и верувања.
АЈ: Работите и програма Автентично женско лидерство што може да дејствува како катализатор за секоја жена која сака да го најде својот глас и да ги прегрне можностите на својот живот. Во тој контектс ќе речете: „Постои живот во нас што клокоти и сака да излезе надвор од нас, но за да се случи тоа, мора да се направи чекор, да се скокне!“
Што всушност се работи на оваа програма?
ЗП: Автентично женско лидерство е извонредна тридневна програма на која низ неколку чекори ги допираме најбитните домени во нашот живот. Областа која ја јакнеме е справување со старите стравови што нè држат заробени во мали просечни животи. Живот на стагнација на секое поле и пауза во прогресот. Ова е особено изразено кај жените и токму затоа реализираме специјализирани програми за развој. Истата содржи стратегии кои ѝ помагаат на жената да ги менаџира сопствените стравови и сомнежи, да се ослободи од перфекционизмот и претераното планирање и да го прегрне стравот кој доаѓа со можностите. Програмата делува како катализатор и еден вид повик до сите жени да престанат да се стопираат и да почнат да се впуштаат кон нивните најголеми желби и аспирации, што и да претставува тоа за нив во овој момент. Мора да пробаме да живееме вистински, будно и да му дозволиме на внатрешниот копнеж да излезе надвор од нас.
АЈ: Зорица, мајка сте на две деца. Убедена сум дека коучингот и НЛП вештините ви помагаат во секојдневните родителски процеси. Често изјавувате дека децата се вашите најголеми учители и дека секогаш, одново и одново, со задоволство ја слушате нивната свежа перспектива за работите на кои веќе сте им дала етикета и значење“.
Што ви е најважно да ги научите сопствените деца?
ЗП: Децата се многу подложни на влијанија. Од четвртата до шестата година тие веќе ќе ги усвојат поголемиот дел на верувањата. До деветата година посебно се подложни на толкување и прифаќање на секакви правила како онеспособувачки модели на реалност. Внимавам да не се оптеретат со премногу ограничувачки модели. Важно ми е во секоја ситуација каква порака им пренесувам. Најважно ми е да научат дека се доволно добри. Дека се значајни. Дека се сакани. Дека животот ги сака. Дека нивните животи се важни. Дека секој живот е важен. Ги учам како да бидат среќни, бидејќи длабоко верувам дека само среќни, сакани и реализирани личности можат да носат добро во светот во кој живееме.
АЈ: „На децата им велам: не е погрешно да правите грешки – колку повеќе грешки, толку повеќе ќе научите. Но, немојте да ја повторувате истата грешка, бидејќи тоа би значело дека не учите ништо. Кога забранувам нешто, објаснувам зошто забранувам. Се обидувам почесто да кажувам ДА, наместо НЕ. Но, ги учам и да преземат одговорност за себе и за своите резултати“.
Ви успева ли ова?
ЗП: Понекогаш да, понекогаш не (се смее). Секако добивам некаков резултат, што е повратен фидбек за мене што функционира, а што не, за потоа јас да направам промени во мојата порака на начин да можат да ја разберат. Таа моја флексибилност секогаш функционира. А, децата се деца, секако дека прават грешки секој ден. Прават грешки и мантраат: Нема грешка, сè е лекција! Тоа се случува кога нашите учења ќе ни се вратат како бумеранг (се смее). Децата се многу интелегентни битија. Настојувам да не ја контаминирам нивната природна интелегенција со моите можеби лимитирани програми. Грешките и пропустите се дел од процесот на учење. Затоа, секогаш сум свесна за неизговорената порака што ја пренесувам со мојата реакција. Ретко повишувам тон, а кога ќе го направам тоа, знаат дека претерале. Доколку погрешам со нив, им се извинувам. И тие го следат тој пример. И покрај мојата работа, поминуваме доволно квалитетно заедничко време. Тука сум и будно го следам нивниот развој. Според мене тоа е влог во емоционалното конто.
Повеќето луѓе сè уште не се реализирани, сè уште не се целосни, сè уште се семе, а вистинска комуникација можат да имаат само две целосни личности. Да се оствари вистинска комуникација значи да се сака, значи да се дава.
АЈ: „Можеби љубовтa значи нежно да те одведам до себеси. Не до тој што јас сакам да бидеш, туку до тој што си“. – Антоан де Сент Езипери
Често се обидуваме да го смениме партнерот. Зошто?
ЗП: Повеќето луѓе сè уште не се реализирани, сè уште не се целосни, сè уште се семе, а вистинска комуникација можат да имаат само две целосни личности. Да се оствари вистинска комуникација значи да се сака, значи да се дава. Но пред да можеме да дадеме мора да сме исполнети со љубов, љубовта да се прелева од нас. Две целосни реализирани личности се како два цвета – отворени се, можат да споделуваат од својата убавина и опојни мириси. Во спротивно се држи дистанца, се крие внатрешната празнина. Тоа е посигурно.
Калил Џибран вели: „Бидете како два столба кои крепат ист покрив, но немојте да почнувате да се поседувате, оставете го другиот да биде независен. Крепете го истиот покрив – тоа е покривот на љубовта”. Карактеристиките на другите кои нè вознемируваат се показател на оние карактеристики што не ги сакаме или не ги прифаќаме кај нас самите. Па, наместо да се обидеме да го менуваме партнерот би било корисно да се прашаме: Како е ова вистина и за мене? Или – кој дел кај мене е неизбалансиран? (правам повеќе од тоа однесување или не правам)? Ова важи и за добрите и за лошите работи кои ги забележуваме кај другите – учиеме за себе преку другите. Другите ни се огледало. Тоа е значаен фидбек за нас и прифаќањето на оваа вистина е корисна алатка за личен развој.
АЈ: Прифаќањето ослободува, па, со луѓето се обидувам да најдам планини на сличности, наместо трошки разлики. Кои сличности ги наоѓате со мене додека го правиме ова интервју?
ЗП: Интересно прашање Ана! Твоите прашањата се многу повеќе од само прашања (се смее). Прашањата ти се како рамки на цели светови. Всушност, твоите прашања се слични на моите коучинг прашања. Ти би била одличен коуч! Прашањата навлегуваат во самата суштина на работите и потоа одговорите раѓаат нови прашања…
Наоѓам сличност и во поголемата смисла. За коучингот велиме дека е: „Промена на светот преку секоја конверзација”. Во тој контекст, Ана, секое твое интервју и колумна претставуваат сон за подобар свет! Твоите крилја се чувствуваат надалеку… Ефектот што го создаваат резонира со мене, резонира со сите луѓе кои се ехо на слободата на ова време. И не се малку…
Ти благодарам за оваа можност!