Пишува: Ана Јовковска
AJ: Разговоров сакам да го почнеме со Љубовта… Како што ќе речете вие, Ана, онаа основната, од папокот. Љубов за чисто небо. Љубов за гушкање некој кога не ти е добро. Љубов за нови садници на балкон. Љубов за секој човек.
Во неколку слики, како би ја илустрирале љубовта, Ана?
АГЏ: Како тава во која чрчорат домашни ќофтиња. Собрани драги луѓе што се гостат со омилената храна што ќе им ја зготвам. Пеење гласно, во дует или сама. Стисокот на две дланки што се поздравуваат без страв. Пишување убав, добар збор. Прегратките што секое утро ми го нежнеат светот. Нејзините очи. Нашите утра. Сликата од најрано детство – мајка ми и татко ми како играат танго на „Тhe power of love“, а јас сум малечка и истовремено свесна дека гледам нешто големо. Гледам љубов.
АЈ: „Светот без поезија би бил испеглана кошула што нема кој да ја облече и испоти“, велите. Поезијата ви е прва љубов. А втора?
АГЏ: Музиката. Пеам откако знам за себе – и во тешки и во најубави мигови. Ме ослободува, ме прави подобра, ми го менува светот кога не ми делува убав. Музиката ми е во крв, во генетика, исто како што ми е тестото и желбата за готвење (се смее). Но, тоа е веќе трета љубов.
АЈ: Зад вас се објавени две поетски книги: „Љубов на улица“ (Култура, 2013) и „Напишан дом“ (Антолог, 2018), монографијата „Астални проекции“ што ја работевте заедно со поетот Ѓоко Здравески и две книги за деца – „Веселата зграда“ (Арс Ламина, 2019) со илустрации на Драган Китановски – Драш и сликовницата „Лисичката плетачка“ од едицијата Светулка (Арт и арт студио Батев, 2019) во соработка со илустраторката Иванка НиБа. Очигледно дека со пишувањето сте како риба која може да плива во сите води. Моментално работите како копирајтер во издавачката куќа ТРИ, а вашите стихови кои ги објавувате редовно на социјалните мрежи ни ја греат душата. Кој ви е следниот пишувачки предизвик?
АГЏ: Почнав да пишувам роман, кој не знам како ќе се развива и до каде ќе тера, ама му давам барем три години ахах! Инаку, поезијата ми е веќе како лично исцелување. А гледам да биде и за оној што ја чита. Сакам песни што ќе бидат нечија поткрепа, утеха, воздишка. Детските песни ми стануваат инспирација во воспитувањето на мојата ќеркичка Надја. Пишувам и раскази, некогаш ги зачувувам, некогаш не. Предизвик ми е искрено да напишам роман, иако многу ми е страв каде ќе ме одведе возот (имено, така почнува романот).
Пандемијата не смее да го сопре доброчинителството.
АЈ: Храната не е луксуз, туку основно човеково право! Преку иницијативата Ретвитни оброк се залагате храната да биде достапна за сите. Веќе четири години сте дел од оваа хумана приказна како неформална иницијатива која се обидува да апелира и да промовира свест за непотребно фрлање на храна и создавање вишок отпад. Велите дека борбата е секојдневна, тешка, а институциите молчат. – „Државата нема капацитет за долготрајно решение, а ние со капка в море, пробуваме да им ја вратиме радоста и достоинството на бездомниците и социјално загрозените лица.“ Секој петок се собирате и заедно готвите за нив, за да помогнете, a во саботите им ја донирате приготвената храна. Промовирате солидарност, рециклирање на храна и освестување на секој/а во општеството да не фрла, туку да сподели со оние што немаат. Вашето мото е: што помалку гладни луѓе, што помалку фрлена храна!
Како започна оваа убава приказна? И колку ентузијаст(к)и вклучува денес?
АГЏ: Се собравме на Твитер, продолживме да циркулираме во група на Фејсбук и потоа сè стана историја. Денес cме сигурно преку 1000 луѓе кои индиректно или директно ја помогнале нашата иницијатива. Сега, за жал, не сме во можност да готвиме заедно, но донираме намирници за секоја сабота да може да се распредели храна на семејствата што не можат да си ја дозволат. Апелирам до сите граѓани што ќе го читаат ова – примаме донации од конзервирана храна, сè што е спакувано и може да се дистрибуира. Пандемијата не смее да го сопре доброчинителството! Напротив, треба да ја развиеме емпатијата дополнително, колку и да се чини тоа отежнато во вакви услови.
Гледам варварско кршење детски игралишта, ѓубре насекаде и размазено однесување. Нашиот колектив е невоспитан, себичен, збунет и во опсада на личните несигурности, рефлектира колективен страв. Сите се вадат на некој друг.
АЈ: Ве цитирам: „Македонија има отсуство на амбиција за важни нешта, но и голема амбиција за погрешни нешта.“ Што значи ова со конкретни примери?
АГЏ: Погрешно е да се давиме во ѓубре, Ана, а да имаме огромна амбиција да го создаваме. Имам чувство дека живеам во некој личен меур каде голем број луѓе се свесни за околината, за отпадоците, за јавните простори, за човечките животи. Наспрема ова, гледам варварско кршење детски игралишта, ѓубре насекаде и размазено однесување. Нашиот колектив е невоспитан, себичен, збунет и во опсада на личните несигурности, рефлектира колективен страв. Сите се вадат на некој друг. Секогаш некој таму е одговорен, или секогаш се бара виновникот. А виновни сме сите што сме соучесници во погрешните нешта.
Ана е змеј и кревко гуштерче откако ја има Надја. Ана има вишок килограми, но и вишок љубов што го цеди од срцето исклучиво за Надја.
АЈ: Пред две години станавте мајка. Малата Надја е бисерот во вашиот живот. Каква е Ана после Надја?
АГЏ: Ана е мајка, Надјизирана Ана (се смее), но истовремено блеска со поинаква автентичност. Го преживувам секое нејзино ново сознание како да е мое и сфаќам дека животот е прекрасен, тежок и единствен. Ја согледувам смртта и мојот личен страв од неминовноста. Наспрема ова – децата се бесмртни, би рекла Ива Дамјановски во една своја песна (Двоумење). Секој ден ја гледам големата величина што ја носат детските погледи на светот. Ана е змеј и кревко гуштерче откако ја има Надја. Ана има вишок килограми, но и вишок љубов што го цеди од срцето исклучиво за Надја.
АЈ: Во едно ваше интервју изјавивте дека да бидеш сам со себе е исто важно како и да се плива гол, да се готви за најдрагите, да се слуша кога некој раскажува убави нешта… Колку време имате денес да бидете сама со себе, откако имате двегодишна ќерка, сопруг, редовна работа, рокови за пишување на детската сликовница за едицијата Светулка, обврски со Ретвитни оброк и што уште не… ? И во тоа време за себе, што најмногу сакате да правите?
Не е мит фактот дека жените најмногу се одмораат кога се на работа и се најсвои.
АГЏ: Ретко имам време сама за себе и со себе. Обично е тоа кога Надја спие или верувале или не – кога сум на работа. Не е мит фактот дека жените најмногу се одмораат кога се на работа и се најсвои. Кога сум сама, сакам да си готвам, да мирувам, затоа што 90% од моето рацио е во констатен хаос, вибрација и немирност. И тоа не е нешто што можам да го контролирам, тоа е мојот зен, би рекла. Така живеам. И кога сум најсама, јас не сум комплетно сама. Или како во овој миг – Надја е кај баба и деде, а јас пијам ладно пиво и одговарам на вашите прашања, Ана, залегната на софата во дневната соба (се смее).
АЈ: Иницијативата Астални проекции што ја основавте заедно со поетот Ѓоко Здравески е „книжевна собиранка за секој добронамерник, поет, прозаист, човек кој сака и умее да пишува. Овие средби се духовна поткрепа за многумина, платформа за прочистување на умот“.
Зошто Астални ги нема денес? Ви недостасуваат ли? И кога повторно ќе нè гостите со храна за душата и умот?
АГЏ: Астални го свртеа својот круг околу сонцето доволно пати за да остават белег, мала брчка на лицето на нашиот град. Јас и Бушко пораснавме, секој во својата димензија и сега е време за други нешта. Ми недостасуваат, особено кога сфаќам дека и просторот во кој се собиравме, Менада, веќе го нема. И градот во кој се случуваа го нема. Скопје е променето, иако поминаа само малку години откако се заврши циклусот поетски ноќи. Но, не верувам дека ќе се случи нешто налик Астални проекции. Би сакала да направиме повторно книжевна динамика заедно, но да оставиме иднината да ја каже вистината што ќе се случи. Така вели Никола Тесла, а јас нему му верувам (се смее).
АЈ: Сметате дека животот би бил светло сив, како тажно глувче, кога во реалноста не би постоеле ликови како од романи. Кои ликови од романи најсилно влијаеа на вас?
АГЏ: Тита, од „Како вода за чоколада“, страствена готвачка и вљубеничка во љубовта, визија на самопрегор. Таа ми е како сенка на мојата светлина во книжевните искуства. Ана Франк, како сведок и пишувач на историјата. Детето – бик на Господинов во „Физика на тагата“, најтажниот пример на изгубениот човек во 21 век. Има многу. Последно многу ми го разбуричка срцето ликот на Аника, една мала лажливка, од детската книга „Се гледаме во Опсан“. Ги сакам несовршените, тажни ликови што бујат со мудрост и човечка топлина.
Да не пишував, веројатно ќе страдав многу повеќе од она што мислам дека страдам сега.
АЈ: „Пишувањето е легална шизофренија“ – Жижек. Од што ве ослободува пишувањето?
АГЏ: Од самата себе, од личните стравови, од телесноста. Ме чисти, ме реоформува. Да не пишував, веројатно ќе страдав многу повеќе од она што мислам дека страдам сега.
АЈ: Ако порано за вас да се биде слободен значеше „да се љуби до бескрај, да не се пополнуваат уплатници и да не се плаќаат даноци“, денес во „време на корона“ што значи да се биде слободен?
АГЏ: Да не се биде параноичен, но да се биде претпазлив. Да се почитува туѓиот страв, да не се упаѓа во него. Периодов, со вирусот корона, мислам дека имав ужасно чувство на непостојаност, шизофреност кога следев информации, бројки, состојби. Како паралелен свет во кој се прекршувам со моето физичко постоење. Слобода е што можам да пишувам и што можам да преживеам од тоа пишување. Да не се лажеме, во ова време, слободата се претвори во еден обичен, здрав здив, кој многумина ја немаа шансата да го вдишат, за жал…
Немам трпение за луѓе што постојано кукаат, а не преземаат акција за да го променат тоа што им пречи. Немам трпение за емотивни вампири, за доцначи, за луѓе што се кријат зад екранот, а на јаве се плашат да ти кажат здраво.
АЈ: Унгарскиот поет Радноти запишал дека „цвеќињата на трпението се мртви“. За што немате трпение/разбирање?
АГЏ: За луѓе што постојано кукаат, а не преземаат акција за да го променат тоа што им пречи. Немам разбирачка за разгаленост која води до немарност во односите со луѓето. Немам трпение за емотивни вампири, за доцначи, за луѓе што се кријат зад екранот, а на јаве се плашат да ти кажат здраво. Немам трпение за гледање долги филмови, заспивам (се смее).
Детето што збунето гледа во камерата по бомбардираниот дом во Алепо е мојот куршум во срце.
АЈ: Што ве прави ранлива?
АГЏ: Малечкоста на сите деца на светот, нивната ранливост и чистина. Откако го гледав филмот „Дневникот на Дијана Б“, во мене се разбуричка громогласен страв и оправдан гнев за секое настрадано дете од војна, глад и жед. Премногу сме слепи и глуви за најневините суштества на овој свет. Детето што збунето гледа во камерата по бомбардираниот дом во Алепо е мојот куршум во срце. Создаваме деца, а не создаваме подобар свет за нив. Тоа е мојата најголема ранливост.
АЈ: Каков ви изгледа еден ден во новонастанатата корона ситуација?
АГЏ: Додека бев дома и работев онлајн, првите две недели ми беа супер. Одмор, сталоженост, време за манџичка, за пауза со ќерката Надја, за кафе со сопругот Трајко. Потоа, почна нервозата. Јас сум жена за в меана, за на сцена, со луѓе! Ми фалеа сите тие настани. Откако се вратив физички на работа во канцеларија, динамиката се промени. Но, не и претпазливоста – маската и дезинфициенсот ми се постојано прирака.
АЈ: „Без кармин и став не одам никаде“! Каде би сакале да се упатите сега, сама, со црвен кармин? И со каков став?
АГЏ: На сцена на платото на Музеј на современата уметност. Со став – да пеам без маска, пред публика, праќајќи бакнежи. Песната би била „Те носам во себе“, од Виолета Томовска (се смее). И ќе го остварам тоа!
Насловна фотографија: Андреј Павлов