Пишува: Ана Јовковска
Со режисерите е полесно да се разбереш со слики. Особено со филмските. Кога ѝ се јавив на Тамара Котевска, коавторката на документарниот филм „Медена земја“ што Македонија ја стави на мапата на светот, се договоривме да направиме едно поразлично интервју кое ќе го „квачиме“ додека не ја добие својата зрелост да се сподели со вас… Таа од река Дошница, Демиркаписко, а јас од Љубојно, Преспа. Среде лето и жештина зборовите стануваат тешки, а сликите, пак, ни ги плакнат очите, па варијантата помалку текст, а повеќе слики ни се виде поубаво решение за оваа средба. На некои од прашањата Тамара одговори низ визуелизации, искрени и блиски до нејзиниот сензибилитет. Кршејќи ги формите, се обидов да го врамам нејзиниот раскрилен дух низ ова интервју во кое верувам дека ќе уживате. А „Медена земја“… таа филмска поетика ни влепи еколошка и антиконсумеристичка шлаканица и нè направи горди на македонското филмско перо. Не би влегувала во сувопарни статистики на бројните награди кои екипата на „Медена земја“ ги освои низ светот. И онака после Коронава, Оскарите ни се чинат далечни не само во временско-географска одредница, туку и мисловно…
AJ: „Светот се измори од лажни херои. На светот сè повеќе му треба АТИЏЕ да го излекува од автоимуната болест“, ми рековте во последниот разговор што го правевме минатата година. Му требаше ли на светот ваква драстична пауза како оваа што ни ја наметна пандемијата на вирусот корона?
ТК: Ковид-19 не се случи ненадејно. Тој е само еден од оние одамна заборавени, навиени аларми што нечии прсти упорно ги ставале на “snooze” на нивните смартфони пребукирани од апликации наменети за доминација врз општествата. Тој е наменет за оние кои заборавија дека сме дел од природата и дека всушност не ја контролираме. Оваа пандемија ги натера креаторите на светската политика и носителите на одлуки сериозно да ја реобмислат нашата врска со природата и со животните средини. Па, се прашувам дали треба да се каже дека Ковид-19 е позитивна појава барем поради тоа што Кина покрена цела акција за да ја запре конзумацијата, одгледувањето и продажбата на диви животни, а по неа ќе следуваат и мнозинството од Светските династии?! Живиот свет на големо слави!
Можеби проблемот е токму во образовниот систем… Светскиот образовен систем е насочен кон тоа да ги едуцира младите генерации низ призма на моќ и да создава силни поединци кои ќе се натпреваруват со оние околу себе за да докажат дека се најдобри.
AJ: Ве цитирам: „Една од најемотивните случки за мене како автор се случи токму во сржта на пандемијата, кога посведочив како нашето мото од филмот „Медена земја“: „Ако еден го прекрши правилото сите ја плаќаат цената” беше прифатено меѓу сите генерации за да ја потенцираат потребата од солидарност во ова време на пандемија. Што повеќе би можел да посака еден автор од тоа да види како неговите зборови го менуваат светот на подобро?“
- За кои промени имате надеж?
ТК: Смешно ми е што мнозинството го наоѓа проблемот во јавните здравства ширум светот и дефицитот на болници, а решението очајно го гледа во вакцината којашто би требало да се измисли. Ретко кој помислува дека можеби проблемот е токму во образовниот систем?! Светскиот образовен систем е насочен кон тоа да ги едуцира младите генерации низ призма на моќ и да создава силни поединци кои ќе се натпреваруват со оние околу себе за да докажат дека се најдобри. Со такво инсталирање на младите умови не може да се добие поинаков, подобар резултат. Тоа е само уште една несреќна приказна за човековата алчност и нејзините последици. Навистина имам надеж дека Ковид-19 ќе го ресетира општествениот систем и ќе ги издигне на едно посвесно ниво токму образовните институции. Се надевам дека новите генерации ќе ги учат дека ниту ја контролираме ниту ја поседуваме природата, ниту пак сме на „врвот на пирамидата“ како што нè учеа нас во училиштата кои сега не работат.
Имам надеж дека Ковид-19 ќе го ресетира општествениот систем и дека ќе ги издигне образовните институции на едно посвесно нив. Се надевам дека новите генерации ќе ги учат дека ниту ја контролираме, ниту ја поседуваме природата.
АЈ: Фестивалите и наградите за „Медена земја“ се намножија како печурки по дожд. Македонскиот кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм за 2020 година на Американската филмска академија влезе и меѓу 12 кандидати за најдобар документарец на годинашните Европски филмски награди, познати и како европски „Оскар“. Всушност, „Медена земја“ освои награди низ сите меридијани во светот, од Фестивалот во Мумбај, еден од најголемите филмски фестивали во Индија, преку Ханчоу во Кина, Атина, Санкт Петербург…
Вам успехот ви дојде како ураган. Што всушност значи огромниот успех што го доживеавте со филмот од психолошки аспект? Како ја „хендлате“ славата која дојде преку ноќ?
ТК: Еве веќе со месеци носам маска на лицето кога шетам по улица и на јавни простори. Не знаете како е (се смее).
АЈ: Велите дека сменетата реалност со корона-ситуацијата, во која влетавте главечки директно од Оскарите, ви беше добредојдена. По три години интензивна работа на „Медена земја” ви следуваше година во која секој трет ден имавте прекуокеански летови (преку 100 летови во 365 дена), жестоката кампања за Оскарите, којашто кулминираше со двете номинации, многу светски настапи, интервјуа… Веројатно уште долго немаше да се вратите дома ако не се случеше оваа трагична пандемија. Благодарна ли сте за враќањето дома и враќањето кон себе?
ТК: О, да! Убаво ми дојде малку мир.
AJ: Јавниот простор е узурпиран од билборди и реклами. Живееме во брендиран свет во кој ни се продава не само производот, туку и чувството и стилот. Движењето „Не лого“ на авторката и новинарка Наоми Клајн инспирираше многу луѓе да размислуваат со своја глава надвор од брендираните кутии. Ако антиконзумеризмот е ваша животна филозофија како го применувате тоа во пракса?
ТК: Обожавам да рециклирам!
AJ: Што ви е најважно во љубовта и во релацијата со вашиот партнер?
ТК: Да носиме „исти чорапи“.
AJ: Еден од најзначајните британски писатели на реализмот, Чарлс Дикенс напишал: „Имај срце кое никогаш нема да стане тврдо, темперамент кој никогаш нема да се измори и допир кој никогаш нема да повреди“. Што се обидувате да развивате кај себе во емотивна и духовна сфера?
ТК: Потребата да бидам под ведро небо што повеќе. Таму ги наоѓам сите сфери.
AJ: Кои ви се најубави места во Македонија?
ТК: Ќе се обидам да дадам визуелен приказ на месеците и омилените дестинации…
Јануари: Дома.
Февруари: Јелак, Шапка.
Март: На струшкиот кеј, на местото каде Дрим се влева во Охридско.
Март: На мостот на Дрим.
Април: На Белица, во полето на качунките.
Април: На дивото езеро на Црн Камен.
Мај: Во Катланово, на местото каде залезот најспоро се гасне.
Јуни: На докот што тоне, спроти куќарките на стар Дојран.
Јули: На карпата на дивите пчели во Бекирлија.
Август: Во Прилеп.
Септември: Во Галичник.
Октомври: Во Берово.
Ноември: На Пониква.
AJ: Дали верувате дека универзумот ни го праќа она што ни е потребно токму во моментот кога ни е потребно?
ТК: Не верувам дека целосно му е јасно што прави. Веројатно и универзумот е презафатен со експериментирање како и јас (се смее). Се наоѓаме некаде на пола пат и тогаш станува навистина интересно.
AJ: Во контекст на познатата мисла на Џон Ленон: „Животот е она што ти се случува додека си зафатен правејќи планови“… Како ја инхалирате сегашноста?
ТК: Хм… Животот е и плановите. И плановите што ќе успеат и тие што ќе се сменат или, пак, ќе пропаднат. Плановите се мечти, желби, љубов, обврска. Сето тоа е сегашноста во сите нејзини форми. Јас сакам да смислувам планови, дури и кога знам дека не е можно баш СЕГА да се остварат бидејќи така откривам нови патишта во животот.
АЈ: Неодамна, по огромниот успех на филмот, заедно со режисерот Љубо Стефанов и продуцентот Атанас Георгиев добивте покана од Американската академија за филмски уметности и наука да станете нејзини членови. Што значи ова?
ТК: Тоа значи дека пандемијата ќе ја поминеме со најдобрите филмови од светот што ќе бидат направени следнава година.
АЈ: До каде сте со вашиот дебитантски игран филм „Човек против јато“ кој го обработува судирот на традицијата и прогресот и зборува за тоа како во таа битка не смееме да се изгубиме себеси, ниту едни со други.
ТК: Еве до каде сум:
AJ: На крајот од овој разговор неизбежно е да сумираме дека живееме во време на политички кризи, говор на омраза, банкарски кредити, задравствена криза… Тешко е да се најде мир во ваква општествена декаденција. Немирно, интензивно време, но со надеж дека ќе биде прочистувачко и попродуктивно. Па, Тамара, кои се вашите механизми за наоѓање спокој? Кои се вашите оази на мир?
ТК: Еве ова, Ана…