Животот кој го знаевме никогаш повеќе нема да биде ист…
Страв, неизвесност, паника и светски заговор, кој ова и зошто го направи?
Добро утро драги, добро утро мој мозоку, почнуваме од почеток. Секој ден истата приказна. Денес за нијанса поразлично. Наместо лимони, ќе ставам портокали во сода да отседат половина час (така викаат било најдобро). Подоцна ќе ја испијам дневната доза витамини, витамин Ц било корисно да се пие секој ден. За да сменам, можеби ќе почнам да вежбам и така Орбитреков веќе не ми треба за закачалка, не дека имам некоја посебна гардероба што ја спремам за носење деновиве. Не одам до продавница, среќа испазарив вчера, а и кој ќе чека редови, па стави маска и ракавици, па дојди дома извади, дезинфицирај се, пребриши што си купил, стави алиштата за перење…Комплицирано многу. Ќе го сведам ова на два пати неделно, некако стана многу комплицирано…
Читкам и некоја книга, вика се што посакуваш може да се исполни, и еве со целата своја сила посакувам ова да заврши што поскоро. Во меѓувреме ми се мешаат желбите, дали сакам мусака или шпагети за ручек, дали сакам да е надвор топло или ладно, не дека ова нешто ми менува, најдалеку кај што одам е балконот…
Секој ден бар на момент ми прелетува последниот ден пред да настане ова лудило. Шетав слободно, се видов со пријатели, бев на ручек во омилениот ресторан, без на крај памет да ми падне дека уште следниот ден ова ќе стане далечно минато.
Животот каков што го памтиме, ќе замине целосно. И нема да се врати. Нема повеќе гушкање со пријателите, нема шетање низ полни трговски центри, одење во преполни дискотеки. Барем не додека помине доволно време за да заборавиме на периодов кој го живееме.
Секој од нас верувам наоѓа начин да се соочи со ситуацијата. Некој похрабро, некој помалку, ама она што го знам е дека сите ќе излеземе од ова добри. Верувам и подобри од она што бевме.
Нема повеќе да ги земаме здраво за готово своите излегувања, пријатели, дури и одењето на работа ќе ни биде вистинска радост. Замисли сега да можевме да пиеме кафе со колегите и да се смееме на актуелните трачеви од градот.
Замисли сега да се сретнеме со соседите во маркет, па да го продолжиме муабетот на кафе дома. Колку едноставна работа која не ни помислив дека некогаш може да ни недостига.
Да седнеме на ручек со своите повозрасни родители, наместо да им подаваме продукти пред врата, онака маскирани, доволно да можеме да им ги видиме солзите на очите, затоа што не можат да не гушнат и да бидат покрај нас…
Затоа пријатели, да бидеме храбри и послушни. Да останеме дома и да влеземе во историјата како луѓе кои го спасија светот со седење дома. Ќе има денови за шетање низ парк и одење на Водно, а тие денови ќе бидат кога ќе излеземе да ја прославиме слободата која сами ќе си ја донесеме.
Да останеме дома за нашите родители да бидат добро, за нашите деца да бидат горди на нас дека сме успеале да се избориме чумата.
Да останеме дома и можеме во нешто навистина да бидеме први во светот. Да не знаат како оние кои останаа да ја спасат својата иднина.
Издржете пријатели, сите сме заедно во ова!
И мијте раце редовно!
Фотографија: Љубомир Домазетов
Иавор: Ako.mk