Пишува: Ана Јовковска
AJ: Ако Ве претставам како актуелната добитничка на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, универзитетската професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, авторка на голем број антологии и публикации меѓу кои: „Конески како тестамент“, „Игра и симулации“, „Клуч во клучалката на детството“, „Лицето на зборовите“, „Мал книжевен тестамент“ и многу други, промоторка на македонската книжевност и култура и уште ред други професионални опашки… што суштинско ќе испуштам за жената Весна Мојсова-Чепишевска?
ВМЧ: Уф од каде да почнам? Долго ќе биде! А сакам сѐ да спомнам. Ќе имаат ли трпение вашите читатели? Ќе ми дозволите да си се расприкажам (се смее)?
Весна е прво дете на Љубица и Сократ Мојсови. Весна е плод на нивната љубов која започнала во јануари 1963 (значи догодина цели 60 години) како искрена младешка симпатија меѓу најубавата девојка по која воздивнуваат момците од Ново Маало, но и од средното економско училиште или тогашна т.н. трговска гимназија, и популарниот и малку напернат надежен фудбалер на ФК Вардар. Јас сум ѝ сестра на Маја Мојсова-Мијовска, во јавноста позната како национален координатор за трансплантација и како анестезиолог и раководител на Универзитетската КАРИЛ (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување) во Скопје. Јас сум нејзината постара сестра или таа е мојата помала сестра, иако е повисока од мене, со долги нозе, права „мачка“ (се смее). До деветтата година растев со неа во населбата Острово која стои како гранична зона меѓу општините Центар и Аеродром или поточно помеѓу старо и ново Скопје, каде што и денес живеам. Од деветтата година сето мое детство помина во строгиот Центар во Градски ѕид, сѐ до моите 20 години. Кога се омажив, со неполни 20 години, ми беше најтешко зашто го изгубив зедничкото живеење со Маја во детската соба во станот на улица „Даме Груев“ бр. 3, влез 4.
Во 1987 година станав сопруга на Стефан Чепишевски. Мојот Стево го знам сиот свој живот. Впрочем ние двајца сме се познавале и додека не сме биле свесни еден за друг. Така еден ден прелистувајќи фотографии наидовме на една која беше и во мојот и во неговиот албум – сликани деца на брегот на Јадранското море, поточно во Сутоморе, и на едниот крај тој, а на другиот крај јас! Така, ако тргнеме од тој прв заеднички момент, заедно сме 45 години, ако за почетна точка го земеме денот на нашето прво бакнување, заедно сме 40 години, а ако го земеме денот на нашата свадба – „само“ 35! Бевме популарен пар во „Јосип Броз – Тито“ (се смее). Стево, нежниот и посветен татко и суптилниот и искрен сопруг, во јавниот живот е познат како најдобриот македонски машки (придружен) вокал, со голем број музички снимки и радио и ТВ настапи, со извонреден број на живи свирки и концерти (како фронтмен на бендовите Берза, Асториа, Тоа е тоа, но и како придружен вокал на Владо Јаневски, Тоше Проески, Калиопи, Каролина, Биба Додева ….
И да не беше нашата заедничка приказна немаше да бидат ни Сара (1987), ни Горазд (1993). Сара како мала беше ТВ ѕвезда заради својот извонреден настап во музичката серија на МРТ „Дајте музика“ (1993), а потоа и во емисијата „Сител бамбини“ која ја водеше три години. И ден денес децата растат со популарната песна „Зелката“, која ја напиша Славе Димитров на текст на Петре М. Андреевски и која Сара ја испеа заедно со татко ѝ. Денес таа, како дипломиран дефектолог-логопед и магистер по филолошки науки од областа на психолингвистиката и македонистиката, работи на Клиниката за детски болести и тоа со деца со состојби на различни аутистични спектри.
Синот Горазд од своите пет години се обиде да ја скроти страста за фудбалот со влегување во базен. И успеа да изгради сериозна пливачка кариера и како член на ПК Вардар и како дел од македонската репрезентација и да е сопственик на наколку национални рекорди во дисциплините 50, 100 и 200 метри грбно во мали и големи базени. Страста за фудбалот ја компензира со лудачко навивање за италијанскиот фудбалски клуб Милан, а, бидејќи во срце му е Вардар, можеби поради генот од дедо му Сократ, ги бодри и во живо и на ТВ и фудбалерите, и ракометарите, и ракометарките на Вардар. И, секако, во тоа бодрење сите учествуваме, иако, признавам, најгласна сум јас! Сега работи како металуршки инжинер.
А Весна е и баба на двете прекрасни внуци Илина (седум) и Дарија (пет), ќерки на мојата Сара.
Во музиката го имаме „Тешкото“ како наша ДНК, зашто во секоја наша клетка постои еден исправен ороводец качен на тапанот што ‘рзнува. Во приказните го имаме „Силјан Штркот“ како наша лична карта, зашто матичен број ни се и преселбите и метаморфозите и летот на кој нѐ учи овој Силјан.
АЈ: Во првиот век од нашата ера Плутарх ги исмевал оние кои изјавувале дека месечината над Атина е поубава од онаа над Коринт. Милтон во 17 век забележал дека Бог прво им се открил на Своите Англичани, Фихте на почетокот на 19 век изјавил дека да се има карактер и да се биде Гeрманец очигледно е едно исто. На сè ова, Хорхе Луис Борхес ќе рече: „Никако да дојде крајот на илузиите во врска со посебноста на нациите“. Како треба да приоѓаме на посебноста на еден народ? Кое е нашето македонско свето тројство кога е културата во прашање?
ВМЧ: Музиката, приказните и јазикот … сите од памтивека! Всушност, ова е тројството низ кое се изградив и јас како личност и врз кое ги растев и моите деца, а сега растат и моите внуки. Може сега да ме прашате, што е тоа толку посебно во ова тројство што го немаат другите? – Во музиката го имаме „Тешкото“ како наша ДНК, зашто во секоја наша клетка постои еден исправен ороводец качен на тапанот што ‘рзнува. Во приказните го имаме „Силјан Штркот“ како наша лична карта, зашто матичен број ни се и преселбите и метаморфозите и летот на кој нѐ учи овој Силјан. А јазикот ни е најсилното оружје. Зашто колку повеќе ми кажуваат дека не ми е посебен јазикот, толку повеќе ме исправа да им покажам колку е посебен и убав и велелепен. Во јазикот ги имаме сите оние балканизми како граматичко филигранство (особености од другите несловенски јазици како влашкиот, грчкиот, турскиот, албанскиот) што не се така силно изразени или присутни во останатите (јужно)словенски јазици, а згора на сѐ во него имаме еден куп конзервирани турцизми и архаизми кои се вистински украси на македонскиот јазик.
И го имаме тројниот член (женава, женана, жената)! Женава Весна што стои пред жената Ана во ова интервју е всушност и за женана што е од другата страна на екранот додека го правиме ова интервју. Затоа не смееме на нашите деца овие моменти да не им ги пренесеме. Зашто пеејќи му песна, кажувајќи му приказна на детево мое, галејќи го со убавите македонски галовни зборови, сакајќи го низ безброј деминутиви детево мое, јас го сакам и детено, (она таму) но и детето, секое дете. И така тоа дете израснува во човеков македонски на 21 век кој е рамноправен со човекон од Грција, Бугарија, Албанија…, со човекот на 21 век на Европа.
АЈ: Ве цитирам: „Не сакам ние македонистите да се чувствуваме како Дон Кихот, како некој што се бори со ветерници. За нас, најважната алатка е јазикот и тој треба да се афирмира и надвор и да си го сочуваме дома. Потребна е национална стратегија како македонскиот јазик ќе е поставен не само дома, туку и во странство“.Од денешна перспектива, како би ја искоментирале познатата сентенца на Блаже Конески: „Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“?
ВМЧ: Таа реченица на Конески многу пати се обидуваме да ја коментираме, да ѝ дадеме некоја своја визура, да ја дообјасниме. За мене таа единствена неподелена татковина навистина живее само во јазикот (а преку него и во музиката и во приказните). Македонскиот јазик не се зборува само на ова парче кое ние го викаме Македонија, а кое од пред извесен периот и ние и тие го викаат Република Северна Македонија, и кое тешко ми паѓа кога го изговорам (но го почитувам) и го кажувам само таму каде што треба да го кажам.
Македонскиот јазик е нашата целосна татковина зашто таа татковина не е само во овие државни граници (од Куманово до Гевгелија, и од Крива Паланка и Струмица до Тетово и Охрид), тука таа е секаде каде што македонскиот јазик се зборува меѓу Македонците кои живеат на сите меридијани по светот, во секое семејство каде и да е, на празнична, но и на секојдневна трпеза, на кафе муабет и на пијачка, во секоја институција, на секоја манифестација, овде во Македонија и надвор, ширум светот. Таа татковина е и овде во ова наше интервју што го реализираме на јазикот на кој го остваруваме, на кој го пишуваме… Зашто како опстојал тој македонски јазик сѐ до неговото стандардизирање во 1945 ако тој не живеел во сите овие сфери и простори?
АЈ: Познатиот поет Никола Маџирoв вели: „Кога стих на Конески ќе биде испишан врз ѕидот, тој веќе престанува да биде ѕид“. Со кои стихови би ги испишале забетонираните ѕидови што ги разделуваат луѓето?
ВМЧ: Силните поетски пораки стрелаат директно в срце. И навистина, преубавите поетски слики ѕидот го претвораат во дом, зашто токму на тие ѕидови на разделба/поделба се вдомува силна мисла. Затоа за мене таква моќ имаат овие стихови на Рацин од неговата песна „Печал“:
Нема ли срце, нема ли
срце – на срце срцето,
срце – ширини широко
срце – длабини длабоко –
цел свет да збере, па да е
за вија гради малечко?
Или оние од неговата „Татунчо“:
Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта наjвисока,
срце – куќа наjширока.
А би сакала некој ѕид да се „сруши“, секако не во буквална смисла, и со овие стихови на Андреевски (од неговата песна „Кога ја љубев Дениција“):
Кога ја љубев Дениција,
како да учествував во создавањето
на првата Македонска Држава.
И уште ова…. Малку ме разбуричка ова прашање… не е лесно! Толку многу поетски слики ми претрчуваат низ главата. Ама еве бидејќи наредната 2023 ќе биде посветена на 100-те години од раѓањето на Ацо Шопов, тогаш еве идеја одредени ѕидови да се озвучат со негови стихови и во тој контекст еве го мојот избор од неговата „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“:
Телото мое те моли:
Пронајди збор што личи на обично дрво
Што личи на дланки јагленосани и прародителски голи,
Што е како чедност во секое молење прво.
За таков збор телото мое те моли.
По својата прва година, па сѐ до нашето заминување како семејство во Франција, поточно во Рен (каде татко ми играше фудбал за првотимскиот ФК Рен), сум била во болница во Охрид. Но за татко ми Франција била предизвик, не толку во фудбалската кариера, туку во татковската љубов да му помогне на своето дете, да ми помогне мене и да ми обезбеди најдобри доктори за мојата дијагноза.
АЈ: Која е најголемата духовна зандана во која некогаш сте се нашле?
ВМЧ: Генерално немам такви периоди, Ана. Јас сум по природа ведра личност и сакам и во најтешките мигови да гледам од ведрата страна на животот. Но, исклучително тежок период ми беше времето омеѓено од и со короната. И некако и не сакам да му се навраќам за да не ги повикувам злите духови. Сакам на тоа да гледам како на нешто што е зад мене. Иако, не можам да кажам дека и мене не ме фаќаше загриженост (но никогаш страв) заради помислата каде оди светот со сета таа донекаде изнасилена изолација. И јас имав чувство дека играм нечија улога што не сакам да ја играм. Се чувствував како во некое од овие наметнати големи ТВ проекти како „Преживување“ или „Гоемиот брат“!
А веројатно во една таква духовна зандана сум била и кога сум била многу мала и ова што сакам да го кажам не доаѓа од моето сеќавање, туку од кажувањето на мајка ми. Имено, јас по својата прва година, па сѐ таму до нашето заминување како семејство во Франција, поточно во Рен (каде татко ми играше фудбал за првотимскиот ФК Рен), сум била во болница во Охрид. А тоа беше реткост во тоа време македонски и воопшто југословенски спортист да создава кариера надвор од својата земја и да гради дом далеку од својот дом. Зашто и овде имаше сè, пред сè слава, но и пари. Но за татко ми Франција била предизвик, не толку во фудбалската кариера, туку во татковската љубов да му помогне на своето дете, да ми помогне мене и да ми обезбеди најдобри доктори за мојата дијагноза. Во таа 1971 година јас имам само четири години, но сè уште не сум проодена. И замисли, не сум толку гушкана од мама колку што таа би сакала да ме гушка, зашто, едноставно не сме живееле една до друга (таа била во Скопје, а јас во Охрид), ама во срце сме си се носеле и сме си се сакале. До таа 1971 година мојот дом била болницата и тоа онаа костозглобната во Охрид. Но, во таа 1971, мој дом станува и станот, а потоа и болницата во Рен. На оваа ситуација некој од страна може и да гледа како на една духовна зандана. Ама, мене овој период не ми носи болки и таги. И не мислам дека е тоа зашто јас сум го потиснала. Напротив, јас од тој период сум го понела најубавото – дека имам семејство што ме сака неизмерно и дека конечно и јас можам да одам и трчам и играм како сите останати деца.
Оливера Николова за мене е женска верзија на писателот Блаже Конески.
АЈ: Кои жени го променија светот?
ВМЧ: На секоја точка на земјинава топка има такви луѓе, такви жени! Ама за мене на македонската книжевна и културна сцена тоа, секако, е Оливера Николова. И затоа за поздрав е што пред извесно време излегоа нејзините собрани дела во 10 тома (со убав дизајн, инвентивни корици, одлични поговори). Иако, морам да споделам и едно лично разочарување, а тоа е што издавачката куќа која работеше на овој десеттомник не се сети и на мене, без лажна скромност, како на одличен познавач на нејзиното творештво кое било дел и од неколку книжевни истражувања под мое менторство и за дипломски и за магистерски теми на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Самата промоција, исто така, беше величествена како што доликува на еден македонски книжевен доајен. Токму таква е Николова. И ги паметам зборовите од нејзиното благодарно слово искажани на самата промоција: „Сакам да верувам дека постои шанса да го засакате тоа што сум го создала и во моите искуства да пронајдете одговори и за себе”. Ете, токму во оваа нејзина кроткост, ненаметливост, искреност, но и заради нејзиното исклучителното перо, Оливера Николова за мене е една женска верзија на писателот Блаже Конески.
АЈ: Неодамна бевте промоторка на новиот роман „Папокот на светлината“ (Три, 2022) на Венко Андоновски. Го цитарам Андоновски: „Замената на естетските со економски тези е дел од намерите на потрошувачкото општество кое по секоја цена сака уметноста да ја претвори во стока за широка трговија. Книжевноста никогаш порано не беше толку трговија колку што е денес“ (Венко Андоновски). Која друга трговија Ви пречи?
ВМЧ: Најмногу трговијата со емоции! Ме ежат лажните насмевки, извештачените прегратки, изговорените зборови со пола уста!
АЈ: Знаеме колку е важна литературата за деца за емоционалниот и креативниот развој на децата. Какви содржини им нудиме на децата особено на најмалите од претшколска и рана школска возраст преку литературата, илустрацијата и видео-игрите наменети за деца?
ВМЧ: Во последно време започнува една поголема свесност за тоа што треба да му се понуди на детето. Меѓутоа таа перцепција преку кои сликовници, книги, видео-игри треба да расте и да се развива едно дете не треба да се спроведува само преку воспитно-образовните институции, туку треба да им се наметне како знаење, како умеење, но и како филозофија на растење и воспитување и на возрасните т.е. на самите родители и воспитувачи и наставници. Од личното искуство со моите две внуки имам чувство дека на тоа поле добро се работи во градинките (барем во овие две-три во кои одеа/одат Илина и Дарија). Во тој поглед како предавач на предмети од областа на книжевноста за деца на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, секогаш се трудам да ја следам најновата продукција, да ги исчитам најновите изданија и од македонски, но и од странски автори и активно да учествувам со мое критичко и стручно проследување. Работите одат на добро, но имаме уште доста да сработиме!
АЈ: „Дете што чита е возрасен што мисли“. Исклучително важно е да го развиваме љубопитството на децата и младите во правец на развивање на критичко, иновативно размислување, надвор од стереотипните шеми на формалното образование. Какви лектири читаат децата и младите во Македонија? Потребни ли се промени во формалниот образовен систем?
ВМЧ: Па и на овој план работите се придвижуваат, бавно, ама, сепак, се придвижуваат. Лектирите се секогаш во прв план, ама и учебниците т.е. букварите и читанките треба да се освежуваат (иако се прави и на тоа поле, но некако имам впечаток дека тое е повеќе во дизајнот и во тоа што овие нови учебници повеќе блескаат од бои отколку од вистински содржини). И не се согласувам дека ништо не е направено на полето на лектирите. Имено Бирото за развој на образованието по однос на ова прашање континуирано работи и во неколку такви работни групи сум била и директно вклучена. Сепак, секоја промена бара добра анализа и добра детекција за подготвеноста за промените и на лектирите и на наставните содржини во сите училишта (и во крајно рурални и во урбани, и во монокултурални и во мултукултурални средини). Зашто добрата книга секаде треба да може да се чита, како што сѐ уште се читаат „Зоки Поки“ на Оливера Николова или „Орхан“ на Неџати Зекирија. А се согласувам дека на детето треба и да му дозволиме критички да чита! Не да инсистираме да прифаќа готови мисли, изџвакани работи, да повторува како пагал она што му е кажано! Туку самото, со своето главче, со својата емоција да дојде до дидактиката т.е. до поуката и до пораката.
АЈ: Уметниците и писателите отсекогаш биле храбри јавачи на брановите на времето. Во првите борбени редови на културата ни го облагородуваат нашиот скромен живот. Скарани со конформизмот и просечноста, прават вивисекција на животот и на општеството. Имаме ли вакви автори за деца (кои)?
ВМЧ: Има! Добро е што во последно време нашите издавачи успеаја да донесат извонредни книги за деца од странски автори. Некои веќе од нив ги ставам и како книги за обработка на предметите што ја третираат книжевноста за деца. Иако преводот секогаш носи и ризик на „воспоставување на хиерархиски однос помеѓу големите и малите јазици, помеѓу хегемонските и подредените култури“ како што ќе каже Лоренс Венути, новите преводи на книгите за деца можат да служат како средство за воведување на децата во избрана литература од други земји кои ги надминуваат стереотипите и кои развиваат разбирање, толеранција и почит. Така тие преведени книги не само што ги изложуваат децата на начини на животот во другите култури, туку им помагаат да развијат разбирање за фактот дека човечкото искуство е единствено, но и универзално надминувајќи ги културните граници. Така преку „Книга за сѐ“ од Хус Каијер зборуваме за семејното насилство, преку „Легенда за Марфи Компирката“ од Овен Колфер за дислексијата и неволноста за читање, преку „Белиот кловн“ од Дамир Милош за далтонизмот, преку книгите „Јас сум Акико“ и „Капут од мов“ на Стефан Тиќми за другоста, поинаквоста, преку „Тори и принцот-змија“ од К. В. Јохансен за родовите улоги, зашто таа е книга која главната улога не му ја доделува на момчето, туку на девојчето со искривено стапало т.е. на девојчето со мала телесна попреченост кое е способно да тргне во авантура за спасување на принцот. Исто е и со книгите за деца и од македонски автори и во ова пригода ќе споменам само некои, како „Кифличката Мирна“ на Оливера Ќорвезироска, „Шах со Бах“ на Владимир Мартиновски, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ на Билјана С. Црвенковска, „Арно ама“ на Калина Малеска, „Кртот Ѕвездан“ на Николина Андова-Шопова, „Сонувалко“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска, или „Приказната за Ото, Ото и Ото“ од Бистра Георгиева, „Волшебните прегратки“ на Марија Костадиновска. Преку нив отвораме нови прашања, прашањата на денешното општество и на денешната култура и на детето во тоа општество и во таа култура. Еве штотуку една моја кандидатка ја заврши својата магистерска тема под наслов „Новото во македонската книжевност за деца“ која, по завршување на сите останати универзитетски постапки, на пролет ќе има и јавна одбрана. И со радост го чекам тој ден!
АЈ: На промоцијата на јубилејното издание на романот „Сок од простата“ на Јован Павловски каде бевте во улога на промоторка на делото прашавте: „Дали некој од новите, помлади македонски автори (ќе) има храброст да напише некој нов Сок од простата како што имаше храброст Јован Павловски во 1991 година?“ Кои од младите автори на македонската книжевна сцена ви будат надеж? И што ви се допаѓа, а што ве иритира на современата македонска книжевна сцена?
ВМЧ: Мора да признам дека доста калорични ви се прашањава, Ана. И не знам дали ќе имам сили до крај да ги одговорам. Не знам дали ќе имаат сили и трпение и сами читатели на ова интервју? Дали ќе ме дочитаат? Хахаха … Затоа можеби кон крајот на ова наше муабетење и сосема кратко, зашто на долго на оваа тема зборував на онаа трибина што беше организирана по повод десет години од антологјата што ја работевме заедно со Иван Антоновски „Ветерот носи убаво време“. Таа антологија покажува дека македонската книжевна сцена буди надеж т.е. дека таа станува сѐ порамноправна со сета останата европска книжевна сцена. Имиња нема да споменувам, ама добар дел од тие нови автори и нови наслови биле предмет на истражувања во некои дипломски и магистерски тези одбранети на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ под мое менторство. А она што сакам да го кажам е дека генерално почнува да ми пречи популизмот во современата македонска книжевна сцена кој на моменти нè одалечува од примарното во книжевното живеење. Како и пишувањето на одредени „модерни“ поточно на теми што се „ин“ како манир. Оти неспорно е дека смислата на книжевноста се остварува преку релацијата писател – читател, ама не треба да се манипулира со читателот. Но и тоа се должи на имитацијата на популизмот и маниризмот на европската (па и светската) книжевна сцена.
АЈ: „Пишувањето е сведочење без сведоци… Сведочење во самотија. Ги преповторувам стиховите на Песоа: „Да бидам поет – не е моја амбиција, тоа е мој начин на бидам осамен. Или како што вели Беи Дао, пишувањето поезија е засадување семе во отворена рана“ (Никола Маџиров).
Кои рани и болки не успеавте да ги преработите?
ВМЧ: Тоа што не сме рамноправна членка на ЕУ не ми е болка, ниту пак рана. Јас припаѓам кон тие што ме сакаат. Но, не можам да го преработам овој факт зашто многу време изгубивме од своите лични и професионални животи. Се потрошивме! И имам чувство на заглавено ЦД во ЦД-плеер! И колку што повеќе сакаме да покажеме и покажуваме дека сме дел од тоа семејство на европските култури (како преку оној преубав настан што се случи на 14 декември во Горановото Дебар Маало кога се накити со лампиони извезени со една Горанова мисла на сите јазици на ЕУ подготвени од семинаристите, лекторите со своите студенти, соработниците, учесниците на летните и зимските школи и меѓународните научни конференции под капата на МСМЈЛК при УКИМ), толку повеќе се заглибуваме во политички мочурливи одлуки со виткање кичма и прифаќање погрешни приказни кои нѐ прават недостоинствени и нѐ оддалечуваат од вистинските вредности на ЕУ, но и од нашите традиционални вредности – оние од нашата автентична приказна. Ова тешко го преџвакувам!
АЈ: Каде сè во Европа се предава македонскиот јазик? Има ли доволен број на лекторати низ Европа?
ВМЧ: На вистинско место доаѓа и ова прашање. Драга Ана, и тие лекторати и тие странски универзитетски центри каде се предава и изучува македонскиот јазик, а преку него и македонската литература и култура се дел од таа наша единствена неподелена татковина! Засега се нешто повеќе од десет и тоа во: Ниш, Риека и Загреб, Букурешт, Будимпешта, Краков и Сосновјец, Москва, Истанбул и Анкара, Париз) и притоа се прават последните подготовки и за отпочнување со физичка настава и учење на македонскиот јазик на престижниот Факултет за странски јазици на Универзитетот во Пекинг. Тоа ни дава верба, надеж и сили дека треба да детектираме каде сѐ има интерес да се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура. Во тој контекст, и МСМЈЛК и УКИМ ќе ги вложи сите напори околу отпочнување на процес за повторно отворање на некогашниот Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана. Но, на ова слика се накалемуваат и уште десетте универзитетски центри каде наставната, но и научната работа е под водство на врвни странски македонисти како во САД, Канада, Велика Британија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска и Србија, Словачка и Чешка.
АЈ: Која е вашата граматика на желбата?
ВМЧ: Во однос на личниот живот секогаш ми се драги галовните зборови. Сакам да ги галам и гушкам саканите со убави зборови. Тие се мојата граматика!
А во работата секогаш ми е императивот: Дај! Работи! Покажи!!! Сега и тука! Кондиционалите т.е. условните реченици не ги сакам: „Ако ова…, тогаш тоа… “
АЈ: Што ве прави среќна и слободна?
ВМЧ: Среќна сум, еве, и што ова интервју го привршуваме. Ќе бидам среќна кога ќе го читам. Најискрено, успеавте да извадите од мене многу работи, да ме потсетите на доста подзаборавени места, мигови, настани, луѓе…
Среќна ме прави семејството во кое сум и ќерка (на мама Љубица и тато Сократ) и сопруга (на Стево) и мајка (на Сара и Горазд) и баба (на Илина и Дарија).
Среќна ме прават пријателите, со страст ги чекам славите и имендените (се смее). Еве за Св. Никола имав тура од пет-шест куќи и урлав од среќа после две години неодење на гости.
Среќна ме прават патувањата (спокојни, семејни, бурни, и сувоземни и водени и воздушни), но и оние комбинираните (кога патувам заради служба, а покрај служба ми се случува и дружба хахаха….). Потоа читањето книги, гледањето филмови и серии, слушањето музика, одењето на концерти. А да престанам да зборувам и да дозволиме уште некоја фотка да раскажува? Како за убав, среќен крај (се смее)…