Во мојот дом традиционално се крши лепче на Бадник. Се собираме околу трпезата, татко ми ги дели парчињата и уживаме во семејната атмосфера, бидејќи Бадник е ден за семејството.
Оваа година работите се малку поинакви. Дома кршевме лепче за Бадник, ама со пријателите, оние најблиските, со кои го минувам најголемиот дел од слободното време, оние кои се тука за мене во најдобрите и во најлошите моменти, решивме да си создадеме наша традиција и секој 13 јануари да кршиме пита со паричка.
А зошто да не? Василица е ден да бидеш со семејството, според старите македонски обичаи, а овие луѓе се моето второ семејство веќе долго време.
Никогаш претходно не сме кршеле пита за Василица. Барем не јас. Какви се обичаите? Што треба да правиме? Дали домаќинот да обезбеди сè? Дали да купиме и ние нешто? Што да ставиме на трпезата? Василичарската сигурно не е иста со бадниковата трпеза… Кој ќе готви? Да се собереме сите во кујната? А да купиме пита? Или нечија мајка да ја замеси?
Решивме дека е најдобро месењето пита да го оставиме на експертите, а сè останато да направиме ние. Ја наместивме трпезата, свечено седнавме и домаќинот ја сврте питата три пати, затоа што таков бил адетот. Ја пресече лесно одозгора, да не го допре паричето, и почна да ги дели парчињата… Кумството следната година ќе биде негово.
Всушност, и не ни беше важно кому ќе му падне паричката. Исто како кога го кршите лепчето со семејството, знаете дека кога е еден среќен, сите се среќни околу него. Па колку што ќе имам среќа дома со сестра ми, мајка ми и татко ми, толкава ќе биде среќата и со моите тројца пријатели.
Важно ни беше да почнеме нешто свое, да започнеме традиција која ќе трае со години. Да биде тоа традиција што ќе ја продолжиме и кога секој од нас ќе има свое семејство. Сакаме да создадеме нераскинлива врска помеѓу нас, нешто што, верувам постои, во спротивно не би се ни обидувале да се зближиме уште повеќе на овој начин.
Традициите постојат со причина. Традициите постојат за да се почитуваат. Традициите постојат затоа што веруваме во нив, во обичаите на нашите претци, во верувањата што се пренесуваат од колено на колено, во врските што постојат меѓу семејството и нè прават посилни.
Не ја менуваме традицијата. Само создаваме нова. Убава. Наша. И среќна сум заради тоа.
Направете го истото и вие со вашите пријатели, со луѓето коишто не ви се „крв“, ама без кои не можете да си го замислите секојдневието. Традицијата и обичаите на Василица нека создадат уште посилна и нераскинлива врска меѓу вас. Исто како меѓу мене и моите пријатели.
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.