Објавата за кралската веридба помеѓу Меган Маркл – актерката од мега-популарната серија ”Suits” во улога на Рејчел Зејн и принцот Хари, стана главна вест ширум светот.
Парот, кој е заедно од летото 2016та година, ќе ја овековечи својата љубов во текот на 2018та година. Актерката официјално ќе стане член на Британското кралско семејство, а шпекулациите за нејзиното напуштање на серијата ”Suits” веќе започнаа да се шират.
Сепак, без разлика на тоа дали ќе продолжиме да ја гледаме шармантната Рејчел на телевизиските екрани, нејзиното ТВ-семејство не може да биде посреќно за оваа вест.
Неколкумина од нејзините колеги веќе во понеделникот се огласија на Твитер со прекрасни честитки, посакувајќи им среќа, меѓу кои и нејзиниот ”вереник” од телевизиското шоу – Патрик Џ. Адамс во улога на Мајк Рос.
„Самото тоа што глумев партнер на Меган добар дел од една деценија, доволно ме квалификува да го кажам ова: Ваше Кралско Височество, вие сте среќен човек и знам дека вашиот долг живот заедно ќе биде радосен, продуктивен и исполнет со смеа. Меган, многу сум среќен за тебе, пријателке. Многу љубов.“
Вендал Пирс, актерот кој го игра таткото на Рејчел – Роберт Зејн, исто така не остана рамнодушен и ја сподели својата радост на Твитер:
„Честитки до мојата ТВ-ќерка Меган Маркл и принцот Хари за нивната веридба. Хари, го имаш благословот од ТВ-таткото. Роберт Зејн одобрува.“
Шпекулациите за напуштањето на ”Suits” не се однесуваат само на Меган Маркл, туку и на нејзиниот колега Партик Џ. Адамс – чии ликови наводно ќе се венчаат до крајот на оваа сезона и ќе ја напуштат серијата.
Се уште нема официјална реакција од тимот на шоуто, но ние се надеваме дека сепак ќе продолжиме да ја гледаме интелигентната Рејчел како ја гради својата успешна кариера како адвокат во ”Пирсон-Спектар-Лит”.
“Suits” во моментов ја емитува својата седма сезона.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот