Кога разговарате со неа, имате впечаток дека светот има розова боја. Леснотијата се забeлежува во секој нејзин збор, постапка и насмевка. Тоа беше мојот прв впечаток кога ја запознав. Но, велат изгледот знае да излаже, посебно кога се работи за професионалните ангажмани на Јелена Јованова (секако ова го мислам во позитивна конотација). Кога е на сцена е предадена на улогата, кога плаче плачете и вие, кога се смее се смеете погласно. Актерка која зад себе има одиграно над дваесет тетарски улоги, со седум филмски искуства од кои едното е во режисерското деби на Анџелина Џоли „Во земјата на крвта и медот”, како и главна улога во хрвaтската тв серија „Тајни”, која и приватно и го смени текот на настаните. Да не заборавам оти таа е заштитно лице и на првиот македонски парфем „Actress”на креаторката Тања Кокев. Нејзината кариера последниве години, се чини дека се повеќе се одвива надвор од Македонија отколку во матичната земја.
Кога го договаравме ова интервју, ми кажа дека имаш турбулентни два дена во Скопје, а потоа леташ назад во Загреб. Што се случува во моментов таму?
Од проби за „Chicago” во МНТ одма на авион за Загреб на костимска проба за новиот филм на Рајко Грлич. Одлично сценарио,се надевам ќе биде и одличен филм. Засега, нема зошто да не.
Како ти изгледа еден ден во Загреб,со оглед на тоа дека поголем дел од времето си таму?
Загреб ме освои комлетно и нема ден, а да не го инвестирам во откривање на нешто ново овде и никогаш не ми е досаден зошто постојано креативно циркулира. Овде сум две години и сеуште не сум се нашла во ситуација да не знам или немам каде квалитетно да го потрошам своето време.
Хрватите важат за постуден народ за разлика од останатите жители на бившојугословенските народи. Дали некогаш се почувствува како странец во таа земја?
Моето искуство не е такво. Македонците овде важат за топол, весел и отворен народ што и сме, па како таква и бев прифатена. Во ниту еден момент не се осетив како странец.
Во 2009 го имаше првото искуство на филм.Овој ангажман се покажа дека е вистински избор оти се чини дека од тука се отвори вратата за излез од Македонија. Си посака ли нешто додека го снимаше „Како да ме нема”?
За почеток си посакав доследно да одговорам на задачата дури секојдневно снимајќи се смеев со Тимка Грахич (една од кастинг директорките на тој филм и воопшто една од најдобрите во Европа), дека мене оваа улога ќе ме лансира и ќе однесе до нешто ново. На крај излезе дека не бев далеку од вистината.
2010 година падна и првата клапа од „Во земјата на крвта и медот”. По завршувањето на снимањето имаше многу интервјуа и разбирливо се зборуваше многу за ова. Се сеќавам кога разговараме тогаш, возбудата во гласот ти беше забележителна. Пет години потоа, какво е чувството?
Верувам дека животот неколку пати ни ги носи “нашите 5 минути”. “Во земјата на крвта и медот” беа едни од нив. Сакам да верувам дека добро ги искористив. Уживав во секој момент од тој процес и во сè што следеше после него. До ден денес знам да добијам покана за странски кастинг благодарение на тој филм и таа улога. Со сигурност е едно од најубавите работи што ми се случиле досега.
Каков ви е односот со Анџелина Џоли денес, дали се уште сте во контакт?
Aнџелина остана наш пријател до ден денешен.
Храбро прифаќаш нови и големи проекти. Дали одлуката ја носиш брзо или постои процес на размислување? Можеби си од луѓето што веруваат во она „храбрите ги следи среќата”?
Моментот на „преспивање” пред донесување на одлуката го љубам и почитувам сè уште. Не прифаќам се и не се по секоја цена. Ако нештото е во согласност со музиката на мојата душа, ако духовно растам со него тогаш тој проект го прифаќам и се трудам доследноста, храброста и верноста да ги држам со мене до крај. А за она што го оставам позади себе да не жалам. Среќна сум кога резултатот на крај ја потврдува мојата одлука.
Ако не би била актерка, што би била?
Актер!
Мислиш ли дека сите ние имаме линија по која се движиме, која ни е однапред судбински зацртана или сами ја испишуваме попатно?
Го жнеам она што ќе го посадам. Ама некогаш ми се случува и обратното. А можеби и тоа сама сум си го предизвикала..? По сопствена волја ја фрламе коцката па кога не знаеме да одиграме ја кривиме судбината, а кога сами ќе стигнеме до целта го фалиме сопствениот избор. Од досега наведеното може да се види дека не сум на чисто со одговорот.
Веруваш во случајности?
Случајност не постои. А можеби случајно така мислам….
Кои личности те иритираат секојдневно?
Лажните хуманитарци по медиумите, а крајно рамнодушни по дома. Предозираните со прашањето на идентитет, а се помалку со прашањето за интегритет. Оние кои секојденвно повторуваат исти грешки, а очекуваат поинаков резултат, а и оние неискрените не можат да се сокријат од овој радар.
Кој те познава најдобро? За кого во животот би гарантирала безусловно, би дала “десна рака”?
На Стјепан и на моите дома.
Кои се предностите на животот во куфер?
Кога пред некој ден се фатив во мисла дека размислувам со каков куфер да се подновам наместо со каков стан, сфатив дека полека ми станува доста од номадисувањето. Ваквиот живот зема голем данок, а некогаш носи и растроен психограм од кој и самиот себе си се губиш. Од друга страна пак одлично е чувството и привилегијата кога се шират твоите граници и различностите те надоградуваат.
Дали би го распакувала засекогаш куферот таму каде што си во моментов, во Загреб?
Јас овде го распакував безусловно своето срце, а кај што е срцето таму е и домот.
Која е твојата мотивација на денот, што си велиш наутро кога ќе станеш?
“Прекрасно е да се биде Јелена! Да видиме што ново ќе научиме денес!”
Интервјуто го направи Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива