Пишува: Ана Јовковска
AJ: Убави се оние луѓе кои во црно-белото сивило успеваат да видат и розово. Една сте од нив, омилената професорка по македонски јазик на учениците во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“. За ваква професорка, длабока и слободоумна, би сакала да се вратам „назад во средно“ ☺ Што ви е најважно да ги научите младите?
TA: Да читаат книги со радост, а не затоа што мора или треба! Да го јакнат својот духовен капитал! Тој е траен имунитет против сите материјалистички и нихилистички вируси, единствената вредност што никој не може да им ја украде. Воспитаноста и умноста може да се обезвреднат во деградиран систем, но личниот дигнитет и достоинството ништо не може да ги обезвредни. Ги учам да не се шверцуваат со знаењето, бидејќи учењето не е игра туку сериозен доживотен предизвик. Ги ,,оставам” да препишуваат кога правиме писмени или тестови, знаат дека ми е непријатно да им sиркам под клупа, да им претресувам ранци и џебови како цариник. Ги воспитувам и тие да се чувствуваат непријатно, првин пред себе, па пред мене, оти важно е да се работи врз свеста и совеста. Чесноста е сигурен влог во зрело осознавање. Не сакам да сум дресер ниту страшило. Училницата е храм на знаење, не е ни циркуз ниту пазар. Не ги навредувам никогаш, ниту ги карам, само им давам пример колку е ниско кога млад човек се учи на шарлатанизам и така продолжува низ животот со подарени оценки, купени испити и дипломи, баждарени работни позиции, лажен углед и авторитет.
Знаат директно да ме прашаат што имам јас од толку прочитани книги, кога одам пешки и се возам во автобус во овој материјален свет каде луѓето стекнуваат углед и авторитет според капиталот? Е, тогаш со пример им покажувам дека човек е богат онолку колку луѓето го почитуваат без никаков материјален капитал. Тоа се луѓе кои оставаат духовни траги во општеството. Таков лик е Горан Стефановски. Не му требаа скапи автомобили за да ја покаже генијалноста, ниту возењето со јавен превоз му ја намали вредноста. Таков е и проф. Стефан Сидовски, генијален беше и во скромноста, без мобилен телефон, но со мудрост на која ниту една скапоценост не може да ѝ конкурира. Така, со пример, личен и туѓ, ги учам да бидат добри луѓе. Впрочем сѐ е веќе запишано во книгите… од таму секое сивило добива перспектива на барем педесет нијанси розово…
Таков лик е Горан Стефановски. Не му требаа скапи автомобили за да ја покаже генијалноста, ниту возењето со јавен превоз му ја намали вредноста. Таков е и проф. Стефан Сидовски, генијален беше и во скромноста, без мобилен телефон, но со мудрост на која ниту една скапоценост не може да ѝ конкурира.
AJ: Вашите статуси на Фејсбук се мудри пораки за животот. Сте си дале мисија да просветлувате, ненаметливо, а решително. Неодамна напишавте: „Опасна е ограниченоста на умот, опасна! Може да те ограничат во простор, може и времето да ти го земат, но отвореноста на умот е космос, комлетна слобода без лимит. Ограничениот ум можеш да го препознаеш по неговата потреба да те убедува во своето право дека секогаш е во право“.
TA: Морам да признам дека во овој новонаметнат период на дистанца, виртуалноста стана пореална од реалноста. Ако те нема на Фејсбук, Инстаграм, Твитер – како да те нема во реалноста (се смее). Така што, за време на карантинот упразнував ,,свето тројство” – чистење, читање и готвење. Секако дека само резултатите од читањето ги споделувам со моите Фејсбук пријатели – извадоци или заклучоци од прочитаните книжевни дела. А ограниченоста на умот е опасна кога е во главата на авторитативните! Тука сме и ние учителите со нашиот авторитет врз учениците и треба многу внимателно со нашите ставови, убедувања, но и суетното его, дека сѐ што ќе кажеме или сториме е во ред. Најдобрите критичари и коректори ни се токму децата, првин оние дома, па во училницата. Во нивните пропусти, фрустрации и послаби оценки треба да го препознаеме личните пропусти и како родители и како учители.
За време на карантинот упразнував ,,свето тројство” – чистење, читање и готвење.
AJ: А како комуницирате со таквите ограничени умови?
TA: Педагошки, многу педагошки постапувам и тоа понекогаш ми ја одзема енергијата. Како права учителка се обидувам да им ја раздвижам ,,жабокречината” од сивата маса, без удирање на маса (не ми личи). Без мрвка самобендисаност често се подметнувам на нивната критика. Оставам да ме пеналат, некогаш со висок тоналитет и несоодветни зборови, сѐ со цел судирот на спротивности да резултира со корисни заклучоци и подотворање на некоја нивна сива клетка, за општа корист. Треба да се има дополнителна енергија и љубов кон луѓето, смисла за хумор и толерантност кога не си во дијалог со сродна душа. Тоа ми е професионална деформација, сакам да ги решавам работите во туѓа корист, така се чувствувам исполнето.
Треба да се има дополнителна енергија и љубов кон луѓето, смисла за хумор и толерантност кога не си во дијалог со сродна душа.
AJ: Уште една ваша убава изјава што ме инпирира да ве прашам за простувањето, за грешките и за љубовта: „И со едно око може да се види кога некој ќе оплеска! Ако донесеш погрешна одлука, макар еднаш во животот, грешките ќе те следат како сенка. Лична погрешна одлука е талог во кој ја кашкаш најблиската околина, како кластер, кругот на најблиските е вовлечен“.
TA: Не еднаш сум ја ,,оплескала” со некои свои одлуки, дури и кога сум имала ширум отворени очи! Но кластерот е во потесното семејство и пријателите, кои на среќа често те вадат од кашата. Кога ќе се оплеска на национално ниво, на сметка на државата, грешките и гревовите ги плаќаат и идните поколенија. Сенките од минатото роварат посилно во сегашноста. Талогот е всушност данокот, стасана фактура која обично ја плаќа недолжниот.
AJ: Подготвувајќи се за разговорот со вас, прочепкав подлабоко низ вашите текстови, па во една колумна од пред четири години сте пишувале за култот кон телото. – „Чувството на пониска вредност е отров кој перманентно нè труе. Светските модни трендови диктираат култ кон телата и играат со телесната тежина на манекенките. Никогаш повеќе не сме имале деца со анорексија и булимија само поради незадоволството од сопствениот изглед. Опседнатоста со физичкиот изглед оди во насока на правење фетиш од одредени делови на телото (напумпани гради, задници, усни, пениси…) и се би било добро ако тука престанат комплексите“. Од овде би извлекла неколку прашања.
– Прво, како ја дефинирате убавината?
TA: Нема дефиниција за убавината, исто како и за љубовта што нема рамка, ограничување или формула. Таа е во окото на вљубениот, во очи кои умеат да видат убавина, во душата, во детските зеници кои играат гледајќи си го родителот. Ограничениот ум бара клише и во убавината, честопати со прашалници од типот ,,како може оној со онаа, што гледа во него/неа“? – Гледа она што другиот не може. Не еднаш сум им кажувала на децата дека најважно е здравјето, како физичкото така и духовното, менталното здравје и дека сѐ она што го гледаат по медиумите се митови за совршенство. Совршен е само Господ, веројатно само затоа што не можеме да го видиме, туку го замислуваме онака како ни е најубаво. Е сега, да не испадне дека учителката е фолирантка, признавам дека се негувам колку е возможно, сѐ уште се радувам на високи потпетици, добар парфем и убава коса, и си ги повторувам стиховите на Петре М. Андреевски: ,,Секаде да одиш со убав човек”(се смее).
Данокот го плаќаат многу млади луѓе соочувајќи се со болести, како анорексија и булимија.
АЈ: А каков е вашиот став кон медиумски наметнатиот култ на витко тело?
ТА: Се лутев едно време кога се форсираа анорексични и андрогени модели. Данокот го плаќаат многу млади луѓе соочувајќи се со болести како анорексија и булимија. Гледам во училница заобленки деца, па им се радувам на румените обравчиња, а тие страдаат од комплекси дека се дебели и паѓаат во несвест од глад. Факт е дека обезноста е исто така болест, но и нејзината крајност да се отиде во дефицит со килограми е исто болест. Децата треба да се хранат здраво, обилно и разноврсно, да јадат дур растат, но и да трошат енергија и физички да се активни. Секое здраво тело е убаво и секси, не им требаат силиконски додатоци. Се лутев и на родители кои ги частеа децата за матура со „силиконска посластица“. Тие гради допрва ќе дојат, мускулите кај момчињата, па и кај девојчињата, ќе се развиваат природно со пливање, планинарење, возење велосипед… За нас возрасните е друга приказната, кому како му е драго. Ако јас не сакам тетоважа на своето тело, не значи дека ми пречи на туѓо тело. Така е за сѐ кога се во прашање возрасни луѓе. Сакаат усни до ноздри – со здравје да си ги носат.
АЈ: Што претставуваат комплексите?
ТА: Комплексите се недостаток на самодоверба уште од раната возраст, најчесто како последица од недостаток на родителска љубов. А едно од најсуптилните прашања е токму каква треба да е родителската љубов. Дали е љубов децата да бидат центар на внимание, причина за постојано угодување или, пак, другата крајност – игнорантски однос, постојано критикување и омаловажување. Двете крајности се база за надградба на комплекси од А до Ш. Ако детето расте со комплекси ќе ги порасне во фрустрација, интроверност, но и нарцисоидност и претерана самобендисаност како параван за некогашните комплекси. Смислата за хумор е нешто што родителите треба да го развиваат кај децата. Да ги научат да се шегуваат на своја сметка. Ангажиран човек нема време за комплекси. Пак ќе дадам личен пример, така најдобро се учи. Растев како ,,дечка” (се смее), од петто одделение сум 175 цм и 50 кг. Наставникот по физичко ме викаше Олива. Кога на другарките им растеа гради, мене ми растеа влакна. Менструален циклус речиси сите добија во седмо-осмо одделение, кога јас добив варичела. Менструација добив дури во втора година средно. Тогаш си ,,фатив” дечко со кого сè уште сум во брак (се смее). Со мали дојки доев два сина.
Комплексите се недостаток на самодоверба уште од раната возраст, најчесто како последица од недостаток на родителска љубов.
АЈ: А култот култот кон младоста?
TA: Најприродниот „антиејџ“ метод е водењето љубов! Човек е млад сѐ додека е сакан и сака, додека е вљубен во животот. Tаквиот третман на зрело стареење не прави фетиш од младото тело, ниту култ кон младоста. Носталгијата или ,,жал за младостa” често е чиста патетика, бизарна како старецот со видливо исфарбан корен кој се забавува со младите кои му се потсмеваат, додека славниот писател и професор во пензија Густав Ашенбах го гледа со одвратност не насетувајќи дека наскоро ќе се вљуби во момче убаво како божество и ќе го напудрува своето старо лице… Ете ви малку рефлексии од романот ,,Смртта во Венеција” на Томас Ман.
AJ: Минатиот месец ве фати носталгија за вашите ученици, па искрено напишавте: „Сакам да си ги видам учениците пред мене, во живо, не онлајн туку ,,онлајф”, да ги гледам како здраво чекорат низ животот! Скриени зад екрани и тастатури, се sиркаме како телетабиси. Плацебо комуникацијата не гради трајни вредности. Ние учителите сакаме да чекориме заедно со учениците сѐ додека им требаме, а после да ги гледаме како нѐ престасале во секој чекор“.
Се приближуваме кон почетокот на новата учебна година, со сите реални проблеми и предизвици што пандемијата на вирусот корона ни ги сервира, и сè уште не знаеме дали Министерството за образование нуди опција наставата да почне со физичко присуство, опција наставата да биде комбинирана во мали групи (половина паралелка да следи настава со физичко присуство, а другата половина онлајн, па да се менуваат) и третата варијанта е комплетно учење на далечина. Какво образование сметате дека би било најсоодветно од септември? Дали сте за онлајн настава?
TA: Бројот на смртни случаи и новозаразени расте и најбенигно за сите би било барем септември да го стартуваме со онлајн настава. Ние наставниците би биле во училница со отворен дневник и компјутер, за да ги регистрираме преку соодветна платформата своите ученици кои се дома пред своите компјутери, присутни на онлајн часот. Во училницата има оптимални услови за нас, наставниците. Ако некои ученици немаат можност за следење настава од дома (немаат компјутер) може да бидат со нас во училница. Триесетина минути им предаваме, остатокот е интерактивност, само без опција за фронталност и спонтаност, туку еден по еден ученик да се произнесе. Првиот ,,час” треба да е физичко за да се разбудат, но во услови на домашен амбиент (не кошарка и ракомет). Овој период да не си им во кожа на одговорните во МОН како и директорите на школите, свесни за поделеноста на ставовите меѓу нас, учениците и родителите. Тоа укажува дека најизбалансирано би било вакво комбинирано решение, но со флексибилност за постепено доаѓање во училница, не сите одеднаш на први септември. За следењето протоколи за хигиена и безбедност нема да дискутирам, тоа е нужно и неопходно, беспредметно е да се расправаме дали имаме топла вода и течен сапун, срамота е! А кога сме веќе кај срамењето, еве да си кажам дека од 11 март ние, наставниците, бевме најбезбедни. Седевме дома со опција за целосна плата, додека медицинските лица беа директно во битка со невидливиот. Се одморивме и отспавме како никогаш до сега со импровизација на онлајн настава (зборувам за себе, секоја чест на исклучоци кои беа комплетно спремни за онлајн настава по сите стандарди).
AJ: Пишувавате и за ѓубрето, метафорично се разбира. Зборот ѓубре, и во информативен, но и во вулгарен контекст, станува метафора на чинот сеење семе на омраза и негово секојдневно ,,поѓубрување“, за да вирее здивено во сите сфери на општеството. – „Материјалното ѓубре го има многу повеќе надвор од корпите за отпадоци и контејнери, таму каде што не му е местото, исто колку што и вулгарното изразување излегува на виделина од устите на поединци, што не прилега на нивното место во општеството“. Потоа го цитирате Његош од Горски венец: ,,Во арно лесно е да си арен, на мака јунак се познава“.
Кое ѓубре во општеството ви е неподносливо. И како би се исчистиле од него, а да не е тоа со метлите на насилството?
TA: Ми пречи кога ќе се утне корпата за отпадоци, кога се вежба слободен пад со кеси полни ѓубре од некоја катна височина, оставање траги зад себе со празни конзерви, шишиња и догорчиња, бербатење на јавниот простор, чкртање по спомениците, фрлање пластика во вода, апсорборана потоа во плуќата на некое водено суштество, делфин или патка, сеедно. Треба поригорозни казни за јавниот простор, доцна е за превоспитување со разговор, видовме што се случи во Охрид. А за она другото, метафоричното ѓубре од човек, ќе ни треба долгорочна рехабилитација на депонијата од луѓе-ѓубриња, кои не ретко мирисаат и на скапоцен парфем.
Ќе ни треба долгорочна рехабилитација на депонијата од луѓе-ѓубриња, кои не ретко мирисаат и на скапоцен парфем.
AJ: „Кога не можете да видите нечија светлина, останувате во неговата сенка“. Дозволивте ли некогаш да бидете во нечија сенка?
TA: Би останала во сенката на оние кои знаат да љубат, кои имаат разбирање, кои зборуваат и кога молчат. Би се мушнала под нивната ,,сенка”, која всушност е светлина, доволно јасна да ти покаже дека ти е местото крај нив. Тоа се тие луѓе чиј авторитет е чиста светлина, имаат ореол околу нив. Оние кои не можат да препознаат такви светли ликови, остануваат заробени во сопствената сенка, во сопствената темница на завист и љубомора.
AJ: За време на посетата на вашиот татко во Србија напишавте: „Вдишувајќи го секојдневието во Сокобања ја сфаќаш важноста на кислородот и на спокојот. Нобеловецот Иво Андриќ често го поминувал своето креативно време во апартманот 144 во хотелот Моравица, вгнездена во борова шума од каде се слуша жуборење на бистрата и брза река Моравица“. Од една страна раскошната природа и шумскиот воздух, од друга страна книгите и библиотеките, од трета страна грижата за вашиот 90 годишен татко. Како ги спојувате овие работи?
TA: Тие ми се секојдневието кое го дишам овие летни месеци. Чистиот озон од планинскиот воздух, особено после дожд, го бистри умот. Бистриот ум бара вистина и ја пронаоѓа во книгите од полиците на кои со години се местеле, преместувале и читале книги, од 91 годишен старец – жива книга! Мојот татко сѐ уште памети стихови и ги рецитира наизуст, но свесен за тегобноста на староста на шега знае да каже: ,,Veche bruke od starosti nema” цитирајки го Вук Миќуновиќ од ,,Горски венец” на Његош. Сѐ додека имаш жив родител имаш право да бидеш нечие дете.
AJ: За време на истиот тој престој во Сокобања на Фејсбук напишавте: „Сѐ повеќе ќе ни треба шумскиот воздух и амбиент, дури и волкот да ни излезе побезбедни ќе сме од демнежот на невидливиот sвер“. На кој ѕвер мислите?
TA: На вирусот кој нè демне насекаде. Ја засакавме природата и ѝ се доближивме, откако добивме црвен картон и опомена пред отстранување. Впрочем природата се одмори од нас. Им го окупиравме слободниот простор на оние вистинските вљубеници во природата кои и пред Kовид-19 ја уживаа нејзината тишина, без позирање и чекирање (ова на своја сметка :)) Се посрамив пред другарка ми Мила, страственa планинарка, кога ме однесе на Козјак. Сфатив колку години наназад не ми текнало да отидам. А Македонија ги има најубавите планини, раскош од природа!
AJ: Велите: „Научете да се радувате – тагата е сунѓер за болести“. Што ве прави тажна? И кои се вашите ресурси со кои илзегувате од вртлогот на тагата?
TA: Сентиментална сум, знам да тагувам, но и да се исплачам. Тажна сум кога сум причина за нечија тага или нервоза. Не поднесувам тажни детски очиња, може во момент да се расплачам кога ќе видам расплакано дете. Истите тие деца ми се причина за радост и ме влечат од вртлогот на тагата. Имам многу блиски пријател(к)и и „друшки“ од детство што ме прави посебно радосна. Сакана сум и знам да сакам.
Фотографија: Мики Трајковски – Манца и Кристијан Ѓорѓевиќ