Кога на 29 ноември 1986 година почина Кери Грант, светот изгуби уште една вистинска икона од златното време на Холивуд. Тој бил еден од оние актери за кои луѓето немале лош збор.
Весниците биле исполнети со натписи за тага по неговата смрт. Пишувале дека воопшто не требал да умре, туку вечно да остане на Земјата.
Истовремено, како да заборавиле на бројните пишувања дека бил хомосексуалец. Па иако се женел пет пати, озборувањата не престанувале.
Британскиот актер е роден во Бристол 1904 година. Неговото вистинско име е Арчибалд Александар Лич. По лошото детство, откако решил да го напушти училиштето, ѝ се придружил на театарска трупа што завршила на Бродвеј во Њујорк.
Оттаму заминал во Холивуд, каде што од самиот почеток препознале дека е актер со посебен дар. По неколку години станал доволно познат за да потпише договор за долготрајна соработка со студиото Парамаунт.
Така и го запознал Рендолф Скот, на снимањето на филмот „Hot Saturday“, 1932 година. Се пишувало дека меѓу двајцата нив веднаш се појавила огромна привлечност и според нивните пријатели, тие биле чести гости на холивудските геј клубови.
Набрзо потоа почнале да живеат заедно, а делеле и вила на море. Во јавноста се појавиле бројни заеднички фотографии, ама конзервативците од тој период не можеле да преминат преку фотографијата каде што двајцата биле во кујна, со престилки.
По оваа репортажа, студиото го натерало Грант на венчавка за да престанат гласините поврзани со неговата хомосексуалност. Во 1934 година Грант се венчал со Вирџинија Черил и останале во брак 13 месеци.
Се зборувало дека ја тепа, а таа тврдела дека постојано пие и дека не покажува никаков сексуален интерес за неа. Всушност, во целото време додека биле венчани, ниту еднаш немале секс, велела таа.
По разводот Кери се преселил кај Рендолф, а студиото започнало нова кампања за да му ја подобри репутацијата. Актерите живееле заедно 11 години, што е многу повеќе од просечен брак во Холивуд.
Неговата ќерка, актерката Џенифер Грант, во своите мемоари напишала дека татко ѝ не бил хомосексуалец.
„Не можете да ги обвинувате мажите затоа што го посакувале, а не би ме изненадило тато и да флертувал малку со нив. До некаде и уживаше во тоа да го нарекуваат геј. Знаеше да каже дека причината за ова е тоа што жените тогаш се труделе повеќе да го побијат тврдењето“, напишала таа во книгата.
Иако престанале да живеат заедно на почетокот на 1940те години, Кери и Рендолф останале пријатели до крајот на животот.
Некои луѓе тврдат дека на крајот на 1970те седеле сами во аголот од некој ресторан во Холивуд и се држеле за раце, молчејќи.
Грант зад себе има пет брака и една ќерка.
Почина пред 30 години. Тајната дали бил во врска со Рендолф никогаш не ја потврдил.
Денес луѓето и не размислуваат за неговата сексуална ориентација, туку за одличните филмови што ги остави зад себе. Тој секогаш ќе остане златното момче на Холивуд.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.