Во Холивуд почнува да се снима нов филм за еден од најозлогласените криминалци на сите времиња, Ал Капоне, а главната улога му е доверена на Том Харди.
И иако постојат многу работи што ги знаете за гангстерот којшто сеел страв во Америка, сепак постојат уште многу интересни факти што сигурно не ви се познати. Дел од нив ќе бидат вклучени и во филмот.
Пред да се сврти кон криминалот, Капоне имал неколку „обични“ работи. Тој работел во фабрика откако го избркале од училиштето бидејќи физички нападнал наставник. И откако се оженил решил да работи легално, па се вработил како сметководител во градежна компанија. Имал само 19 години. И очигледно, не издржал долго.
Во 1917 година Капоне работел како бармен, во барот на гангстерот Френки Јејл. Една вечер гласно искоментирал дека сестра му на Френки има „убав задник“, заради што Френки го претепал и со нож му го исекол лицето, лузна којашто никогаш не зараснала. Оттаму го добил и прекарот Лице со лузна. Го мразел! Тој дури и се обидел да го скрие тој образ од фотографите што го следеле на секој чекор, а јавно кажувал дека лузната ја добил во војска, иако никогаш не служел.
Пријателите, пак, го нарекувале „Снорки“, збор што опишувал човек кој се облекувал убаво. Не е тајна дека Капоне обожавал скапа облека, костуми шиени по мерка кај најдобрите кројачи.
Сепак, за даночната служба во САД, тој бил само Алберт Коста. Тој го употребувал овој псевдоним за да потпишува чекови за да купува имот на Флорида.
Богатството го стекнал од криумчарење алкохол. Се верува дека годишно заработувал околу 100 милиони долари, а дел од нив се од коцкарници и проституција.
И самиот трошел многу пари за алкохол. Пред крајот на животот веќе бил зависен од виски и ноторен алкохоличар.
И покрај бројните убиства за коишто бил осомничен, никогаш не бил осуден за ниедно од нив. На крајот, американските власти го уапсиле за избегнување данок. Бил затворен во Алкатраз, еден од најсилно обезбедуваните затвори во Америка. Таму останал 8 години, по што бил помилуван.
Кога во 1932 година Министерството на финансии на Америка го конфискувало специјално изработениот Кадилак, отпорен на куршуми, тој станал официјален автомобил на Френклин Рузвелт.
Пред крајот на животот тој почнал да го губи умот. Невропсихолозите запишале дека неговиот ум функционира како ум на 12-годишно дете.
Ал Капоне починал на 25 јануари 1947 година од срцев удар. Имал 48 години.
Скоро седумдесет години по неговата смрт, тој и понатаму останува една од најфасцинантните личности на минатиот век.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот