Дискусиите околу тоа кој празник да се слави се одамна надминати. Едни го слават Свети Валентин, а други Свети Трифун.
За првиот знаеме зошто и како се слави. Но, кој бил Свети Трифун и зошто се прославува овој ден?
Свети Трифун е роден во Фригија во Мала Азија. Според христијанските верувања, уште од раното детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство. Тој на изненадување на своите современици имал моќ над болните.
Меѓу многубројните негови чуда кои што ги вршел, се споменува и исцелувањето на ќерката на римскиот император Гордијан. Кога таа се разболела, ниту еден лекар не можел да и помогне и да ја излечи. На девојката кажале дека единствено може да ја излечи “детето Трифун”.
Дознавајќи царот за необичната моќ на фригиското момче Трифун го повикал да ја спаси неговата ќерка. Царските слуги после долго барање во Фригија го нашле момчето покрај езеро како чува гуски. Затоа тој често на иконите се слика опкружен со гуски. Тогаш тие го повеле во Рим и веднаш ја излекувал. По излекувањето настапила неопислива радост во дворот. Царот богато го наградил Свети Трифун, но тој не го задржал добиеното богатство туку веднаш го разделил на сиромашните и бедните, бидејќи и самиот живеел скромно во своето родно место. Негова цел било да прави добри дела и да им помага на болните и немоќните. По смртта на царот Гордијан, кој бил трпелив спрема христијаните, дошол царот Дециј Трајан кој наредил да се прогонуваат христијаните. Сите оние кои не сакале да се одречат, биле мачени и убивани.
Светиот маченик не сакал да бега во пустината и затоа заминал кај управникот на покраината Акилин. Тој му наредил да им се поклони на боговите, во спротивно ќе биде подложен на најстрашни маки. Свети Трифун ја одбил неговата наредба по кое следувало неговото мачење. Кога виделе дека ни мачењата не помагаат решиле да го убијат со меч. Но мачителот претходно наредил да го врзат за еден коњ, така врзан и бос да го поведат во планината каде што умрел.
Христијаните од ова место го зеле телото на маченикот и го пренеле во неговото родно место. Еден дел од светите мошти денес се наоѓаат во Москва во храмот посветен на Светиот маченик Трифун. Православната Црква го слави како исцелител, кој се удостоил на маченичкиот венец.
Секоја година на 14 февруари православните христијани го прославуваат Свети Трифун. Се верува дека свети Трифун е чувар на лозјата и гостилниците, но и на брачната љубов и верност.
На овој ден, винарите одат на лозјата во новата календарска година и почнуваат да ги сечат лозите. Многумина веруваат дека токму на овој ден започнува пролетта. Ако на празникот Свети Трифун врне дожд, се верува дека родот ќе биде добар.
Денешниот ден треба да обезбеди добра берба и успешна година бидејќи со закројувањето се создава идниот род.
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.