Иако е позната како икона на стилот и кралица на модата, Ана Винтур во текот на животот и својата долгогодишна кариера се соочила со неколку искушенија, падови и преперки кои сепак, успешно ги поминала и стигнала до местото каде што е сега, врвот на модната индустрија.
Во 1966 го прекинала школувањето и се испишала од престижниот колеџ на Северен Лондон како би имала повеќе време да ја следи модата. Тоа и отишло од рака бидејќи четири години подоцна, започнува да работи како асистентка на уредникот на угледниот магазин Harpers & Queen.
Во 1975 година повторно ризикува. По неколку жестоки расправии со уредникот, ја напушта работата во магазинот Harpers & Queen, и одлучува да се пресели од Лондон во Њујорк заедно со својот тогашен дечко.
Кон крајот на седумдесеттите години, покрај кратките работни ангажмани во Америка, извесен период работела и за еротско списание за жени. Успеала да го договори светски познатиот фотограф Хелмут Њутаун да направи фотосесии за дотогаш речиси непознатото еротско списание, Вива.
Во 1988 година, како уредничка на американски Вог, одлучува на насловната страна да стави манакенки кои носат фармерки и тоа било првпат во историјата на модните магазини на насловна страна да се појават девојки облечени во толку кежуал стил. Во печатницата неколку пати, пред да го пуштат бројот на печатење провериле да не случајно се работи за грешка. Но, не било грешка, туку сјајна идеја на Винтур.
Само година дена подоцна, во 1989, Ана Винтур уште еднаш привлекува големо внимание во јавноста со тоа што одлучува Мадона да ја стави на насловната страна на Вог и ја прекршила децениската традиција која им дозволувала само на манакенките да ги красат насловните страни.
Во 2004 година, Ана Винтур се надминува себеси. Септемвриското издание на Вог излегува на цели, рекордни 832 страни. Три години, подоцна, за ова издание снимен е и документарен филм.
Во 2014 година, Ана Винтур не останува имуна на популарноста на Ким Кардашијан и Кание Вест, па ги сместува на насловната страна на априлскиот број. Додека многу коментираа дека таквата насловна е крајот на Вог кој цело време има стандарди, илјадници други застанаа на страна на Винтур со коментарите дека таа е одлична затоа што ги послушала другите жени кои ја обожаваат Кардашијан и го задоволила вкусот на многумина.
Очигледно, сите нејзини начини на решавање на проблемите и соочувањето со предизвиците ја направија Ана Винтур она што е денес, најхрабрата и најлуцидната во модниот свет.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот