Понекогаш ни се чини дека колку и да трчаме по среќата, никогаш нема да ја стигнеме. Но, тоа е само илузија. Среќата е тука, околу нас, во нас. Нашите денешни соговорници, имено сите тројца непоправливо вљубени во уметноста одговараат на навидум едноставно прашање, а чиј одговор е цела една филозофија на живеење.
Злата Тошевска, оперска пејачка
За мене среќа се здравјето и насмевките на моите најблиски. Мирисот на првите расцветани липи во Скопје. Пиењето кафе на пауза од пробите. Среќа е тишината и адреналинот пред почетокот на секоја оперска претстава, крцкањето на дрвените даски на сцената, треперењето и спокојот пред секој испеан тон. Среќа е фрлањето во прегратка на човекот кој го љубиш после секој концерт или оперска претстава. Среќа е храбро и одлучно да чекориш, да се бориш и да го живееш својот сон. Среќа е љубовта и радувањето кон животот.
Александар Копања, актер
Среќа е пролетта кога сè се буди. Роден сум во пролет и секогаш кога доаѓа тотално ми се будат сите сетила и веднаш среќата се претворува во љубов. Но, најголема среќа за мене е Театарот. Особено голема среќа е кога имаш правилно поделена улога во претстава и кога заедно со екипата истражуваш различни нешта и кога заеднички фантазираш за публиката и нивната реакција од сработеното. Среќа е и секој миг поминат со најблиските.
Ирена Јовановска, магистер по музички науки
Среќа е да си скромен. Да знаеш да уживаш во она малото. Среќа е да ја прифатиш реалноста и да ја пребродиш. Да ја живееш сегашноста и да не претеруваш за иднината, зашто секако не можеш да ја предвидиш. Да го поделиш и последниот ред од омиленото чоколадо со сестра ти. Да си задоволен со работата што ја сработи денес, не зашто утре работата ќе е полесна, туку зашто денес ти даде дел од тебе за сè да биде како што треба. Среќа е секој поминат миг со твоите најблиски, со мама, тато, сестра ми, дедо, кои се далеку од мене. Среќа се нивните слики кои ги носам во паричникот. Секој повик што ќе го добиеш од нив, секој збор што ќе го разменеш со нив, среќа се празниците поминати со најблиските, со тие кои те сакаат поради тоа што, ти си ти и не те менуваат. Нивната поддршка. Среќа е секоја песна што ја слушаш на „repeat“ и ја пееш на цел глас. Среќа е што сум музичар и што музиката ја доживувам на еден поинаков и пожив начин. Среќа е што сум заљубена и што љубам, зашто имам човек којшто сескојдневно ме инспирира, ме љуби, ме надополнува и ме разбира. Среќа се моите пријатели, кои ги имам доволно, за да не се премногу, а со нив да можам да го освојам светот. Среќна сум поради тоа што мислам дека си го најдов местото во овој свет. Среќна сум зашто животот го живеам на неговиот раб, зашто преземам ризици, зашто се движам и не застанувам. Но, најголема среќа е што сум здрава и во најдобро светло до сега, што се чувствувам пожива од кога било и што знам дека секој миг што поминува е време за кое нема никогаш да се каам што поминало.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот