Што значи да се биде среќен? Дали тоа подразбира нешто да чувствуваш или нешто да имаш? Дали среќата можеме да ја сместиме во неколку реченици или подобро е кога ја сместуваме во очите на оние кои ги сакаме? Три супер лика зборуваа со нас, за да ни кажат што е среќа…
Никола Симовски, мејк ап артист
Среќа е да се разбудиш со порака „Добро утро“ , мал знак кој сите нè прави порасположени во текот на денот. Среќа е на пример кога ќе ти се погоди првото кафе, или кога ќе си откриеш нов вкус. Среќа е да го работиш она што го сакаш, посебно ако и твојата професија ги прави другите среќни. Среќа е кога ќе сфатиш дека твојата среќа зависи исклучиво од тебе и никој друг. Јас сум среќен!
Жанета Христовска, доктор по општа медицина
Среќа е кога има сè повеќе луѓе кои знаат дека жените ги прават врвовите повисоки и не ја премолчуваат неволјата што ги прогонува. Среќа е кога има сè помалку неспособни посветено да љубат и кои се плашат да си признаат себе си без кого животот им е незамислив. Среќа е кога има сè повеќе кои знаат дека за да се наслика празнината, прво мора да се најде и дека лагата е убава работа бидејќи води кон вистината.
Дејан Мицковски, туристички работник
Среќа е кога луѓето што ги сакаш се околу тебе, насмеани. Среќа е кафе и муабет со луѓето што ти се важни. Среќа е откривање на нови дестинации. Среќа е одличен филм, комедија на театар, интересна книга.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот