Човек со кој едноставно се стапува во комуникација и со кој можете да разговарате за сè. Преку опуштениот разговор сфаќате дека си ја обожава професијата. Приватно по малку смирен, но на сцена комплетно посветен на улогата која му е доделена. Денешното интервју е со Едмонд Сотир, актер од Театар Комедија, со кој разговаравме за неговиот живот, за улогите и за неговите амбиции.
Едмонд која е твојата приказна?
Роден и израснат во Леска – Преспа, Албанија, во големо македонско семејство со уште двајца браќа и една сестра. На 18-годишна возраст се преселив во Македонија, во Скопје каде што се запишав и дипломирав на ФДУ, после дипломирањето две години гурбетска авантура, за повторно да се вратам во Македонија и да имам прекрасна сопруга и две прекрасни деца, Александар и Дарија!
Дали ти беше тежок периодот на транзиција, со оглед на тоа дека си роден во соседна Албанија, потоа две години живееш во Германија, за твојот дом да биде во Македонија…
Секој период на транзиција е помалку или повеќе тежок. Но јас си имам посебна врска со „транзицијата“ од самото мое раѓање. Првите 10 години од детството растев во комунистичка Албанија, до моето полнолетство транзитиравме од комунизам во демократија, па доаѓањето од Албанија на студии во Македонија, следуваше заминувањето од Македонија на гурбет во Германија за пак да се вратам и вработам во театар “Џинот” во Велес од кај што „транзитирав“ во театар Комедија – Скопје!
Која беше твојата прва улога, како ја доживеа?
Прва улога надвор од факултетот беше Шарл, во Виктор или деца на власт од Роже Витрак во режија на мојот професор Владо Цветановски во Струмички театар и беше пријатно – охрабрувачко искуство. Сосема поинакво доживување беше со мојата прва улога како дипломиран актер. Тоа беше Клеант во Вообразен Болен од Молиер во театар Џинот – Велес, за на крај сè да заврши добро.
Зошто се одлучи за актерска кариера, постоеше ли опција за нешто друго?
Не знаев како до актерска кариера, но знаев дека тоа е тоа што сакам, одлучна беше поддршката од мојот постар брат за што многу му благодарам. Секако дека имаше и многу други опции, секогаш има друга опција, но кога нешто би променил тоа би било износот на платата .
Која улога ја посакуваш?
Отело, Марк Антониј…..
Зошто токму Отело?
Не поради Дездемона, туку поради тоа што општеството во и со кое живееме изроди многу Јаго-вци. Јаго-вци кои се многу способни во онеспособувањето.
Кога веќе зборуваме за улоги, која е најмоќната улога што некогаш била одглумена на филм или пак во театар?
Кум на Марлон Брандо е за мене најмоќната одиграна улога. Мојата најмоќна се уште ја немам одиграно.
А имаш омилен актер?
Енди Гарсија.
Како се подготвуваш за улога, како изгледа целиот процес?
Секој процес е посебен предизвик, секоја улога. Навидум подготовките и процесот се состојат од проби и повторување на текст, но ликот се бара длабоко во себеси, некогаш и потешко борејќи се со самиот себеси додека не извлечеме тоа што мислиме дека е потребно за одреден лик.
Дали си суеверен пред премиера?
Не и да. Верник сум, и се крстам пред да излезам на сцена. Ако нешто не тргне како што треба, мислам дека сум претерал со крстењето.
Кажи ми за “Вардарски пастуви”, минатата недела се случи премиерата и помина одлично. Како се подготвувате со колегите за преставата, претпоставувам дека било многу забавно со оглед на тематиката?
Забавно е кога се игра претставата. Најзабавно е за публиката. Процесот не секогаш њ забавен, а е физички напорен, посебно за помладите колеги кои играат тешка кореографија. Затоа имаме одлична претстава!
Се гледаш себе си надвор од Македонија, во Холивуд можеби еден ден?
Да, надвор од Македонија со господ напред во догледно време. Холивуд не е во моите соништа. Сонувам остварливи сонови.
Работиш напорно, како и секој актер..Како го поминуваш слободното време?
Поголемиот дел од слободното време е резервиран за дружење со Александар и Дарија, малку време за себе, за другари, за 388а. Секогаш недостига време, дури и летово кратам од одморот и дружењето со децата за да го организирам фестивалот во Албанија “Македонско културно лето“.
Дали би сакал твоите деца да ја почувствуваат прашината на театарската сцена еден ден, дали би ги одвратил или охрабрил во идејата да бидат твои наследници?
Јас би бил среќен ако моите деца бидат среќни со нивниот избор, не би им наметнувал ниту би ги одвратил. Секако би се подрудил најдобро што можам самите да направат вистински избор.
Која е актерската клетва?
Не знам клетви, но ова мислам е доста клета -Никогаш да не ја одиграш посакуваната улога. Инаку, наскоро во филмот на Коле Ангеловски, “Ах љубов моја”, кој се снима според истоимената претстава на Театар Комедија ќе го играм ликот на Азем Фона, истиот лик што го играв и во претставата.
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.