Овојпат СЕДУМКА со Александар Белов, момчето кое, кога пее знае да ви ја растрепери душата. Избрoивме до СЕДУМ зборувајќи за дневните навики, омилени филмови, идеално место за живеење и уште неколку други работи кои можеби не сте ги знаеле за него.
Која ти е дневната рутина?
Дневната рутина ми се состои во будење наутро и правење на утринското кафе. Сакам да се разбудам со некоја добра музика во позадина додека јас на лаптоп гледам што се случува во виртуелно – реалниот свет на социјалните мрежи. После појадокот продолжуваат дневните обврски, одам на тренинг во фитнес сала, времето во попладневните часови ми е за дружење со пријатели. Ако е викенд сигурно денот завршува со некој настап, а ако не, со некој одличен спортски натпревар, добар филм или неколку часа релаксација со мојата прва детска љубов плејстејшн.
Кога веќе спомена филм, кој е последниот кој што те воодушевил?
Еверест е филмот кој ме воодушевил во последно време. Вистинска приказна за катастрофата во која 1996 година загинаа 8 планинари. Филмот е реално изработен и изобилува со прекрасни визуелни ефекти.
Што не можеш да поднесеш кај луѓето?
Кај луѓето не можам да поднесам лаги односно неискреност, а се почесто ја има. Она кое најмногу ми смета е дволичноста. Јас навистина не можам да разберам зошто тоа постои и зошто некои луѓе ги имаат овие особини. Се прашувам дали тоа е некој нов тренд за да спијат полесно навечер, а јас не знам!?
Како изгледаш кога си заљубен?
Сите ние кога сме заљубени знаеме да бидеме и изгубени… Јас сум заљубен веќе две и пол години и фино изгледам 🙂 Едноставно како што сум отпеал во една моја песна Ме води љубовта, баш така се чувствувам и колку и да не сака некој да признае тоа чувство е мотив плус во животот да одиш напред и напредуваш во секој поглед.
Без кои три материјални работи не можеш да си го замислиш животот?
Без кола (која моментално ја немам од непланирани причини) без мобилен (имам ама може и ајфон седмица) и без свој стан (доста веќе плаќам кирии).
Како изгледа твоето идеално место за живеење?
Можеби ќе звучам скромно, но сакам да живеам некаде на море(било кое) но да тоа не биде пустина или мртво место кога е зимска сезона…да нема чекање на семафори и гужви во сообраќајот…едноставно мирно место. И нормално да не се лажеме најбитно е тоа место на живеење го делиш со одличен партнер за да биде комплетно.
Последна лага и најголема е тоа дека на моите родители им раскажав дека имам ќерка 2 години и дека заради мојата кариера сум решил да ја тргнам настрана затоа што сега не е време за тоа… Докази имав доста затоа што бев опкружен со толку бебиња од мои блиски пријатели, имав слики како докази еден куп, а кулуминацијата се случи кога започнав и да плачам… Среќа само со висок притисок се заврши целата ситуација за моите родители. Еден совет: немојте да си играте по дома со вакви лаги.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.