Се сеќавате на времето кога телефоните не беа првото нешто по што посегнувавме наутро? Кога цело семејство се собираше во времето за ручек и сите споделуваа по некој нов, мал дел од себе? Кога навечер се собиравме сите заедно и се смеевме гласно на филмот или одговаравме прашања од телевизиските квизови?
Периодов на изолација, ме потсети на сето она што сум го занемарувала последните години. Колку значи кога ќе седнеш со родителите и ќе ги прашаш како им прошол денот, како се? Да слушаш со внимание, да се пошалиш и насмееш додека кучето во позадина те гледа збунето и се прашува што ли е толку смешно, а во меѓувреме лае по колачите на масата.
Одеднаш се сеќаваш и колку поважни работи има на овој свет, од сето она со кое сме биле преокопирани во целиот тој брз и модерен тек на живот. Се запрашуваш, дали сакаш своите деца да ги израснеш така?
Земи дел од денот, дозволи креативноста да те води и да откриеш милион начини на кои можеш да го потрошиш времето, а пак да ги завршиш сите обврски и да имаш на крај и 40 минути да се почастиш со епизода од омилената серија пред спиење.
Денот сепак и не е толку краток, ако минутите се искористат разумно.
Ако си дадеш ронка време да се сетиш што е тоа што навистина те исполнува и кои луѓе ти носат секој ден по малку среќа, погрижи се да знаат. Не мораш да им кажеш, доволен е мал гест на грижа и внимание за да им покажеш. Зборовите избледуваат, но делата никогаш.
Стори го истото и со себе. Откриј што сакаш кај себе и негувај ја таа површина, исто како и мебелот во домот. Сега е одлична можност да ѕирнеш меѓу страниците на твојата книга. Потсети се дека времето побрзо минува ако не му обрнеш доволно внимание и ако не застанеш барем на момент и погледнеш околу себе. Зароби ги сите моменти кои значат и дај им дел од себе, онака вистински. Не само попатно.
Додека ја даваш својата поддршка за колективното здравје со тоа што седиш дома, помогни си и себеси и негувај го и своето ментално здравје. Тоа е најголемата мерка што можеш да ја превземеш за да водиш долг, среќен и исполнет живот. Искористи го времето дома паметно, има толку многу нешта на кои ќе се радуваш.
*Текстот е авторски, испратен од читателката Марија Стојановска, како дел од повикот за меѓусебна поддршка во овие денови
#СедиСиДома и #Креирај
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.