Меѓу Битолчани, името и споменот на Сашка Петковска – Липша сè уште е жив. Повозрасните генерации ја паметат како девојката со најубавиот глас на сите времиња и секогаш насмената Сашка. Не зборуваат многу за неа оти кога и да ги прашате за Липша, очите им се полнат со солзи.
Сашка е родена во Зрењанин, 1951 година и како многу мала се преселува во Битола, бидејќи татко и e воено лице. Основно и средно образование завршува во Битола, а Филолошки факултет, група англиски и француски јазик завршува во Скопје. Уште во основно образование таа пее во пионерските домови, зачленета е во драмски секции и е препознатлива како “девојчето со убав глас”. Ангажирана е од групата „Скромни“, предводена од Славе Димитров, Кире Костов, Сашо Барабанов…
Во седумдесеттите години на минатиот век Сашка е голема ѕвезда. Зад себе има шеесетина снимки, неколку емисии на просторот на бивша Југославија, неколкукратни забележливо успешни настапи на националните телевизии на Австрија, Бугарија, Советскиот Сојуз и Полска. Нејзиното деби на забавно-музичката сцена е на фестивалот во Суботица во1970 г. Следната година е во интернационалниот состав интерпретатори на забавни мелодии на „Кантаџиро“ во Сан Ремо. Потоа следуваат нејзините настапи на сите фестивали на забавни мелодии во нашата земја, како и учество на „Златен Орфеј“ во Бургас, Р Бугарија. Добива повеќе награди и тоа: Прва награда за интерпретација на композицијата „Еден пораз не е крај“ во Суботица, Втора награда за интерпретација на „Кантаџиро“ во Сан Ремо, Втора награда за интерпретација на „Толку љубов“ во Бургас, Прва и Втора награда на Фестивалот за забавни мелодии – Скопје за „Никогаш, никогаш“ и „Бакни ме“.
https://www.youtube.com/watch?v=ZRJBaVR1o9w
Сашка Петковска – Липша има околу педесетина снимки на Радио Скопје, шоу емисии и настапи на ТВ Скопје, ТВ-шоу на австриската телевизија и снимка за Интервизија. Најголем успех постигнува со композициите: „Бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Грижа“, „Среќна сум што живеам“, „Чувство“, „Чао, адио“, „Запри срце“…
Сашка Петковска – Липша одреден период беше и членка на легендарната вокално-инструментална група „Македонија“ предводена од трубачот Благој Чешларов, заедно со Даниела Панчетовиќ, Кирчо Поп Лазаров, Зорица Поп Панкова, Верица Ристевска, Панче Кочовски… Беше сопруга на познатиот естраден работник и менаџер Марио Липша, кој долги години беше на чело на најпознатата естрадна институција во Македонија, здружението на естрадни уметници „Естрада“.
Сашка почина премлада. Животот го загуби во собраќајна несреќа на 32 години. На 31 август 1983 година меѓу деветте жртви во тешката сообраќајна несреќа на патот за Свети Николе несреќа беа Сашка Петковска, како и членовите на балетската група „Авона“. Но, нејзините песни остануваат. Преку нив таа сè уште живее.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот