ДИЈАБЕТЕСОТ НЕ Е БОЛЕСТ, ТОА Е ТРАЈНА СОСТОЈБА
Која е всушност Сашка во приватниот живот?
Јас сум сопруга и мајка на прекрасен тинејџер Јан, дополнително сум и менаџер во компанија, па и мојот живот е динамичен сам по себе. Семејството ми е најважно во однос на поддршката и помошта во борбата со дијабетесот т.е. мојата состојба. Дијабетесот, всушност, не се смета за болест туку за трајна состојба. Истата бара многу од нас дијабетичарите, но и од нашите семејства, а пред се бара трпение и посветеност. Благодарна сум што во најтесниот круг имам прекрасни луѓе околу мене за да ми помогнат во контролата и борбата со дијабетот.
Кога и како дознавте дека имате дијагноза со дијабет?
Наскоро ќе заокружам 10 годишен јубилеј откако сум дијагностицирана со овој проблем. Дознав сосем случајно. Во еден момент почнав да гледам заматено, а имав одличен вид, имав вртоглавици и одеднаш за една недела изгубив доста килограми и мислев дека тоа е дел од секојдневниот живот. Во тој момент спремав и магистерски студии и мислев дека тие светки и таа заматеност во погледот ми се најмногу заради начинот на живот во тој период. Затоа, сопругот ме посоветува да одам и да направам барем една крвна слика. Тоа и го направив. На овој тест шеќерот во крвта ми беше навистина висок , многу над горната граница и тоа беше почетокот на сите активности кои следеа понатаму, како и на моето дружење и борба со дијабетот.
Кога почнавте да се лекувате и дали бевте задоволна од тогашниот третман?
Во самиот старт бев многу исплашена и во тој момент фамилијата многу ми помогна, па веднаш почнав да се лекувам. На почетокот бев многу задоволна од терапиите и од докторот кој што ме водеше, и се одеше во најдобар ред па веднаш почувствував подобрување. Покрај терапијата со инсулин, добив насоки и да се движам повеќе, да ја контролирам исхраната, да намалам тежина и бев задоволна од начинот на кој сето тоа се регулираше. По извесно време, почна да се чувствува криза во однос на терапиите, за да пред некое време го достигне врвот во хаосот со паралелниот увоз. За жал, јас бев еден од пациентите кои што имаа сериозни проблеми со контролата на шеќерот во крвта во тој период, односно ми се случуваше да едно пенкало делува, друго сосема да не делува. Имав тежок период во кој шеќерот во крвта ми беше многу повисок и потешко го регулирав секојдневното ниво на истиот.
Инсулините со сомнително потекло и квалитет без соодветен сертификат кои не делуваат на намалување на шеќерот во крвта го зголемуваат и ризикот од друг тип на заболувања поврзани со дијабетот . Поради неконтролираното ниво на шеќерот во крвта се јавуваат заболувања на: срце, крвни садови , бубрези, очи и сл. Токму поради тоа проверениот и докажан квалитет на инсулините е од клучно значење за нас дијабетичарите .Треба многу да се внимава кога се прима инсулинска терапија, кај мене на пример, шеќерот во крвта во тој период многу варираше. Имав на моменти огромни вредности кои и колку и да се боцкав не се спуштаа. Многу бев исплашена во тие моменти. Често менував инсулински пенкала надевајќи се дека следното ќе си ја заврши својата работа и вредноста на шеќерот во крвта најпосле ќе се намали. За среќа, во последно време се случи промена на гарнитура на раководството и најпосле некој имаше слух за овие наши сериозни повеќегодишни проблеми и не дозволи да помине оваа приказна со набавка на инсулин од паралелен увоз од сомнително потекло и без докажан квалитет. Со новите закони и правила кои се воведоа и со изострен слух за потребите на нас дијабетичарите, сега добиваме инсулини од проверен квалитет кои што навистина функционираат и ни помагаат да го контролираме нивото на шеќер во крвта.
Како се чувствувате сега откако почнавте да ги користите новите инсулини? Колку време ги користите? Што се промени? Дали сте задоволна?
Новиот инсулин го земам повеќе од 6 до 8 месеци и сум апсолутно задоволна од новите видови на инсулин кои ги употребувам, а со нив успевам максимално да го регулирам и пратам нивото на шеќер. Во суштина и нормалниот вид на инсулин, со проверен и докажан квалитет нема многу висока цена и јас и моите пријатели дијабетичари приметивме дека функционира и сме среќни. Од друга страна можам да кажам дека сите вработени во клиниката за ендокринологија, барем оние со кои што јас сум имала можност да се запознаам се прекрасни, од шалтер, до медицински сестри и доктори и навистина се трудат да ни помогнат, дали со совет, поддршка или со терапија, секогаш се спремни да ни излезат во пресрет.
Имате ли препорака за дијагностицираните пациенти со слична или иста терапија како Вашата?
Во суштина би сакала да им препорачам на новодијагностицираните пациенти со инсулинска терапија да не се плашат и да не ги занемаруваат фактите туку да зборуваат гласно за својата состојба и храбро да му се спротистават на дијабетот. Не е лесно и не секој пат што и да правиме функционира, меѓутоа најбитно ни е кога ќе го провериме средното ниво на шеќерот, истиот да е регулиран.
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.