Колумна:
АНА ЈОВКОВСКА
новинарка, писателка и едукаторка за личен и професионален развој
Седнувам да пишувам и чудни пеперутки ми брмчат во стомакот. Повеќе молци, отколку пеперутки. Неизбежно ми се наметнува темата за коронавирусот, она што ме опседнува периодов. Силна емотивна преплавеност чувствуваме овие денови. Многумина се како полна чаша на која ѝ фали само една капка за да прсне или да се прелее. Долгото седење во нашите домови ко бетонски кутии, меѓу стравот и четирите ѕида, рестриктивните мерки, карантинот, полицискиот час, некатарзираните емоции… сите овие работи нè претвораат во „темпирана бомба“.
Во едно вакво расположение деновиве го читав познатиот хрватски филозоф, Сречко Хорват, кој ме потсети на приказната на Шопенхауер за дилемата на ежовите, реферирајќи на неможноста за интимност. Ежовите во студената зима сакале да се прибијат едни кон други за да се стоплат, но не можеле бидејќи се повредувале со своите боцки. Така и ние, луѓето, денес – изолирани, без физичка близина, без допири, без гушкање, без бакнување… Психолозите зборуваат за „телесната отсеченост“, велејќи дека преголемата преплавеност од новонастанатата ситуација со коронавирусот може да направи делови од телото да бидат исклучително згрчени, а да не бидеме свесни за тоа сè додека згрченоста не почне да се манифестира како болка. И од тука ќе започнам… од начинот како болката да ја претвориме во процес на растење. Се разбира, не ми е инспиративна физичката болка, туку онаа другата.
Начинот на прилагодување на секоја нова ситуација пред сè зависи од диоптријата со која ќе ги погледнеме работите, песимистичка или оптимистичка. Колумнава ја почнав визуализирајќи чаша (онаа штo е подготвена да прсне или да се прелее :)) па, повторно ќе ви дадам една таква слика на работите. Оптимисти се оние луѓе на кои чашата им е секогаш полу-полна, а не полу-празна. Оптимизмот се гледа и во односот кон професијата. Оптимисти се луѓето кои одат напред дури и кога околината или општеството не ги поддржува, oние кои успеваат креативно да ги променат нешатата на подобро. А вербата е најсилниот мотор на духот. И од тука продолжуваме, од идејата дека сакаме и можеме да бидеме подобра верзија на себе си дури и во лоши времиња! Можеби не можеме да ги промениме работите во светот, но со сигурност можеме да ги промениме работите во нашиот свет. Соочени со кризата, а ако здравјето добро нè служи, наместо да се жалиме дека ни е тешко и здодевно, конечно имаме повеќе време да бидеме самите со себе. Во една таква себе-лабораторија, убаво би било да се прашаме – што е она што го работам со љубов и страст?
Многумина од нас периодов работат од дома. Како фриленсерка и како консултантка тоа често го правам и во нормални услови (пред коронавирусот), па свесна сум колку е важно да го развиваме капацитет за самомотивација и самодисциплина, нешто што ќе ни биде многу потребно во променетата професионална динамика, сега и во иднина. Неизбежно се наметнува прашањето – каков свет нè очекува во иднина? Ќе се редифинираат ли професиите и работните услови? Ќе се смени ли архитектурата во правец на поинакви канцелариски простори со соодветна дистанца меѓу вработените? Ќе биде ли човекот уште поотуѓен и роботизиран, комуникациите дигитализирани, или, пак, ќе станеме посвесни и разбудени? Дали после сево ова човештвото ќе направи квантен скок кон свесноста? Прогнозите се неизвесни, и иако спортските обложувалници ги отворија, ова не е спортска прогноза на која би можеле да типуваме. Извинете за цинизмот. Сепак, секое наше прашање е легитимно, секоја чудна емоција е нормална во ова чудно време. Стравот, како емоција што има заштитна функција е исто така легитимен. Но, дали прекумерниот страв нè поттикнува или нè парализира?
Рузвелт велел: „Единствената работа од која треба да се плашиме е самиот страв“. Стравот всушност ги парализира потребните напори, па за да се ослободат луѓето имаат потреба да се засолнат во психолошки механизми на одбрана и на одбивање, или како што често знаеме да се најдеме во состојба на „динајл“. Во овој контекст ве потсетувам на мудрата мисла на еден од најголемите драматурзи и поети на сите времиња, Вилијам Шекспир: „Знаеме кои сме, но не знаеме кои можеме да бидеме/да станеме“. Оваа убава порака ја наоѓам исклучително слична со онаа на Ерих Фром: „Најважната задача на човекот во животот е да се роди самиот себе, да стане она за што има потенцијал“. Инспиративниве цитати би требало да нè поттикнат да размислиме дали вонредните состојби создаваат можности за луѓето кои се креативни и желни да излезат надвор од зоната на удобноста. Дали е ова шанса да видиме како би ни изгледал животот надвор од зоната на комфорот? Се разбира, секогаш е полесно да ја преземаме улогата на жртва, бидејќи така одговорноста не е кај нас, туку на другата страна, но дали е тоа решението?
Имаме два избора – да го набљудуваме сопствениот живот или да ги земеме конците во свои раце. Затоа, наместо да се предадеме на досадата и летаргијата, на неизвесноста и на безнадежноста, и да се чувствуваме како штрафче во машинеријата кое ништо не може да промени, можеме да се насочиме кон принципот: „Јас сум движечката и креативната сила во сопствениот живот“. Тука, најважна е етиката на карактерот како темел на успехот. Под етика на карактерот се подразбира интегритетот, упорноста, лојалноста, смелоста, праведноста. На сето ова би додала и малку ПМС. Не мислам на оној добро познат женски, предменструален синдром (ПМС), туку на позитивниот ментален став (ПМС). Со други зборови, да ја ставиме на проба парадигмата „што и да може да смисли човековиот ум, во истовреме верува дека тоа може и да го оствари“. Зборот парадигма е од грчко потекло и е термин кој често го користиме во својство на модел, теорија, перцепција, критериум. Тоа е начинот како го поимаме и толкуваме светот. Аголот од кој го гледаме светот. А начинот како гледаме на нештата е начинот на кој мислиме и на кој се однесуваме. Тоа значи дека мораме да ја промениме нашата дипотрија ако сакаме креативност, постигнати цели и благосостојба. Ќе се согласите ли со она што Алберт Ајнштајн го рекол: „Значајните проблеми со кои се соочуваме не можат да се решат на исто ниво на размислување на кое сме биле кога сме ги создале“? Навистина, ние мораме да се менуваме, а најдобриот пат на промените е преку конкретна акција.
Се прашувам како најдобро би дефинирала проактивност, па ми доаѓа примерот дека некои луѓе живеат како во рално шоу. Секогаш другите им се виновни и одговорни за нивната иднина. Некои, пак, заземаат проактивна општествена улога и самите се креатори на резултатите во својот живот. За жал, сите луѓе не сакаат да го прифатат ова, оти полесно е да се биде во нечие туѓо засолниште. Теоријата дефинира два типа на личности: реактиви и проактивни. Реактивните личности зависат од физичкото опкружување и од општествената клима. Тие градат емоционални штитови во зависност од однесувањето на друите. На пример, ако времето е убаво, тие се чувствуваат добро, но, ако е лошо, тоа влијае на нив. На овој тип на луѓе пандемијата на коронавирусот силно им влијае на однесувањето. Проактивните луѓе, пак, го носат своето време со себе. Тоа се луѓето кои се адаптибилни на промени.
Повторно доаѓаме до тоа дека најважно е како реагираме на тоа што ни се случува во животот. Резилиентноста нè води во изворите во психологијата каде се вели дека „не е толку важно што се случило, туку како е доживеано”. Даниел Гилберт тоа го објаснува со постоење на психолошки имун систем. Секој од нас поседува ресурси во себе. Тие би можеле да бидат нашиот храбар одговор на ситуацијата во која се наоѓаме. А што се всушност ресурсите? Ресурсите се знаењата, вештините и искуствата на личноста. Затоа, луѓето кои сакаат да се изборат да им биде подобро копаат длабоко во своите ресурси. На другата страна се реактивните луѓе, чијшто јазик ги ослободува од одговорноста. Често може да ги слушнеме како велат: Тоа сум јас, не можам да се променам; што да правам, таков сум; нема начин да го сменам тоа, така морам. Нивниот фокус е насочен кон проблеми, обвинувачки ставови и кон слабостите на другите. Тоа се луѓе со „емотивна кратковидост“. Продолжувајќи со низата, постои и „теорија за местото на контрола“, која ги дели луѓето на два типа: луѓе со внатрешно место на контрола (тие веруваат дека целосно го контролираат својот живот, се чувствуваат силни, моќни и полни со самодоверба и се чувствуваат одлично во сопствената кожа) и луѓе со надворешно место на контрола (оние кои чувствуваат дека се под влијание или контрола на шефот, сметката во банка, бракот, проблемите од детството, родителите… и најчесто се негативни и нерасполежени). Во која категорија се препознавате себе си?
Искрениот одговор е важен за да сфатиме дека колку поголема одговорност прифаќаме, толку стануваме посреќни. На тој начин чувствуваме дека го држиме животот во сопствените раце и дека со него можеме да направиме што и да решиме. Науката докажала дека со завршувањето на некоја задача, нашиот мозок ослободува мало количество на ендрофин, а тоа ни пружа задоволство и благосостојба. Па, така, периодов додека сме заседнати дома, во изолација, без социјални дразби и комуникации, или ако одиме на работа под голем страс заради опасноста од потенцијалната зараза со Ковид-19, убаво би било да си поставиме нови задачи и цели. Нашите цели се всушност нашите остварени соништа. Тие ќе ни дадат свежа перспектива во новата реалност и ќе ни помогнат да ја пронајдеме својата улога во новата животна ситуација. Затоа, во ова кризно време во кое сите сме опседнати со болеста што ја предизвикува вирусот, со црни статистики, рестриктивни мерки и економска рецесија имаме избор: да бидеме уплашени и непродуктивни или мотивирани и зајакнати? Што одбираш?