Децата тргнуваат на училиште за да научат да читаат и пишуваат, но добрите манири се учат од дома. За жал, се почесто гледаме деца кои не ги совладале тие правила на однесување дека љубезноста е доблест, па употребуваат непристојни зборови, или не отстапуваат место на повозрасните, не знаат да кажат те молам, благодарам … Наставникот не е тој кој треба да го воспитува детето, тој само го надоградува веќе наученото. Никогаш не е премногу рано за да почнете да го учите детето за разликите помеѓу добро и лошо однесување.
Мојот предизвик во животот не е само да преживеам, туку да се развивам и тоа да го правам со страст, емоција, хумор и со стил. Така се трудам да го воспитувам и своето дете. За да бидеме успешни во некоја работа, треба како и со се друго да почнеме од самите себе, што значи дека ако сакаме да го промениме детското однесување, мораме ние да се смениме.” Не можеме да водиме други, ако не сме научиле сами да се водиме”. Секој од нас влијае на личностите кои не опкружуваат, а најмногу можеме влијаеме на своите деца. Запомнете, бонтон не е за возрасни, премногу е доцна ако тогаш одлучите прв пат да почнете да го применувате или читате. За нашите деца да пораснат во пристојни личности кои знаат како да се однесуваат во секоја прилика и да распознаваат што е добро а што не, мораме уште од мали да почнеме да ги учиме на тоа. Но, да почнеме редоследно. Пред се’ како родители мораме да бидеме свесни дека децата не знаат кога прават нешто непристојно, не умеат да го препознаат секогаш тоа. Ние родителите ја имаме таа важна улога да ги научиме, и тоа на најубав можен начин.
НА ДЕЦАТА ПРВО ТРЕБА ДА ИМ ПОКАЖЕТЕ, А ПОТОА ОД НИВ ДА БАРАТЕ КАКО ДА СЕ ОДНЕСУВААТ
Бонтон е збир на договорени норми на човечкото однесување, а ние возрасните со своите примери во секојдневниот живот мораме да покажеме што е убаво однесување и на тој начин да бидеме нивниот најдобар пример, бидејќи децата најмногу учат кога не гледаат нас возрасните ( имитираат). Децата на тој начин ќе ја сфатат најважната можеби животна лекција а тоа е: не го прави на другите тоа што сакаш да ти го прават тебе и однесувај се кон другите онака како што сакаш тие со тебе да се однесуваат.
Трпение
Една од најважните работи кои мораме да ги научиме своите деца е дека мора да се воздржат и да почекаат додека некој друг зборува, да не ги прекинуваат. Многу родители ова често го забораваат па сретнуваме деца кои тоа го прават (упаѓаат на другите во збор), се наметнуваат во разговор и не допуштаат другите да зборуваат. Објасните им дека тоа не е пристојно, дека секогаш треба да ги сослушувате другите луѓе и да не ги прекинувате додека зборуваат, бидејќи на тој начин покажуваме дека ја почитуваме личноста. Тоа можеме да го примениме на поголемите деца, но што е со помалите? Децата до 4 години мислат дека светот се врти околу нив и навистина е тешко да му објасните дека мора да почека, но обидете се и кога ќе го добие неговото право за збор, посветете му се во целост со внимание.
Благодарам и те молам
Толку убави два збора, а не ги слушаме така често, колку што би требало. Научете ги децата уште од мали како да ги користат. Да бидат благодарни за се што имаат, а најобар начин е да им го покажете тоа со вистински пример. Колку и да се мали Вашите деца секој пат кажувајте им молам и благодарам, тоа ќе им се всади во нивните глави и ќе почнат сами да ги употребуваат многу набрзо.
Магичниот збор извини
Да му дозволиме на своето дете да ја препознае грешката и да умее самиот да се извини за истата. На грешките се учи само тогаш кога ќе ги признаеме. Искажувањето емпатија и љубезност се едни од најголемите вредности на човекот, кои за жал полека стануваат “редок вид “ – да им ги засадиме.
Како треба да се однесува на маса
Уште едно од првите правила на кои децата се учат е дека не треба храната да се фрла, ниту да се игра со неа. Во најголем број случаеви децата тоа го прават за да привлечат внимание, или ако нешто ги разлутило. Одговорноста е на родителите да го научат дека тоа не е убаво. Не заборавајте детето да го научите како се јаде со затворена уста и да не зборува со полна уста (додека џвака). Важна лекција е и правилната употреба на приборот за јадење. Со текот на годините, ќе ги научат и финесите кои се дел од тоа дека не е пристојно да се чуваат лактите на маса додека се јаде. Бидејќи децата најдобро учат низ игра, можете дома да глумите заедно дека сте во некој ресторан.
Прсти надвор од нос
Децата се вистински мали истражувачи, а носот им е едно од омилените места за откривање. Научите ги дека не е пристојно да се ставаат прстите во нос во присуство на други. Ако ги уловите во акција, извадете им ги Вие и објаснете им дека тоа не е пристојно.
Не толерирајте пцовки
Многу е важно како разговарате во својот дом. Ако самите ги користите, очекувајте дека и детето ќе ги впие непосакуваните зборови. Поради тоа внимателно бирајте ги зборовите и својот начин на изразување.
Ставање рака на уста
Кога се прозеваат, кашлаат или киваат пожелно е да ставаат рака на уста. Многумина мислат дека децата не треба да се оптеретуваат со такви работи. Баш спротивно : уште од мали нозе покажете им со свои примери, па децата ќе ги усвојат тие убави навики.
Искреност
Со децата секогаш зборувајте отворено и искрено. Од Вас нека ја научат вредноста на вистината. Не толерирајте лага, бидејќи само така ќе ја оправдате чесноста. Ако нешто им ветите, тие ќе Ве “држат за збор”, затоа секое ветување нека биде исполнување.
Однесување на гости
Постојат некои непишани правила, како треба да се однесуваме кога одиме некаде на гости. Не смееме пред се детето да го оставиме да прави што сака. Една од најважните работи е да го научиме детето да праша дали може, пред нешто да заме. Играчките кои ги растурило на сите страни е убаво да ги собере на крајот од играта. Покажете му Вие како, соберете ги заедно. Децата мора постојано да се поттикнуваат. Секако потоа пофалете ги за добро направената работа. Но, за да бараме од нив да ги задоволат друштвените правила на однесување, треба прво ние да ги задоволиме нивните емоционални потреби.
Грижа за себе и околината
Децата во предшколската доба веќе би требало да научат сами да водат грижа за својата лична хигиена. Колку е важно да ги миеме на рацете, лицето и забите и да се грижиме за своето здравје. Исто така треба да научат дека не е убаво да се фрла ѓубре дома, ниту на улица. Покажете им со свои лични примери како треба да се грижиме за својата средина да биде чиста и колку е важно тоа.
Чукање на врата
Почитувањето на туѓата приватност, тропање на врата која е затворена исто така е една од важните манири.
Делење
Од посебно значење е децата да научат да ги делат работите, дека е убаво да ги споделуваат играчките со другите деца. Една од поубавите особини кај луѓето која е за восхит е несебичноста. Покажете му ја дека ја поседувате Вие, од Вас нека ја научи.
Воздржување од непотребни коментари
Децата треба да знаат дека не е пристојно да се зборува гласно , посебно не на јавни места, во театар, кино, на концерт, или пак да се коментира нечии изглед. Научете ги дека не се зборува за туѓите телесни особини, фризури, недостатоци..Објасните му на детето со негов пример : како би се почуствувало некој друг така нему да му се потсмева.