Интервју: РАДМИЛА ЖИВАНОВИЌ, психолог и психотерапевт
Пишува: Ана Јовковска
Животот се промени радикално. Стравот, стресот и неизвесноста со кои се соочуваме во оваа светска здравствена криза предизвикана од коронавирусот се составен дел од спектарот на нашите емоционални состојби. И додека ја анализираме кривата на растот на инфицираните лица со Ковид-19, кривата на емоции вртоглаво ескалира во сите правци, ставајќи ги на нашиот ментален тапет прашањата: Како да го ослободам грчот што тивко, но хронично го развивам? Каква ќе биде слободата кога работите ќе се вратат во нормала? Што е она што ми е потребно за да бидам задоволна и среќна? Која е мојата одговорност и каде можам да делувам? Какви релации развивам? Каков ќе биде светот после пандемијата? Како стресот и стравот од болеста и смртта ќе ги промени нашите животи?
AJ: Менталното здравје е исклучително важен фактор во борбата со пандемијата. Пред да зборуваме за стручните совети би сакала да ве прашам како сте? Како еден психолог и психотерапевт се чувствува и се соочува и со новонастанатата ситуација?
РЖ: Исто како и сите други, со сопствените капацитети и ограничувања. Мора да признаам дека во ситуацијава нема „надвор“ и сите сме „внатре“, во даденоста на семејството, во дадената реалност, во создадените релации. Ми доаѓа и мене да рикнам, да викнам, да клоцнам, да скубнам, да се исплашам, да не заспијам, да ме стега нешто во градите, да ми стои солза на окото, да ми се вари храната во желудник многу повеќе од порано, да чувствувам грутки насекаде, да не можам да дишам, да ми е страв од смртта, да ми треба сопствен простор да се затворам за да не може никој да ме најде… но, имам и сочувство за себе и ги разгледувам новите можности, па си дозволувам да се изненадам од себе, да се прегрнам и да прегрнам. Сепак, после долги години интензивна работа на себе и развој на вештини за разбирање и раководење со себе, добро ги познавам своите замки и можности.
AJ: Неизбежна е емотивната преплавеност што ја чувствуваме периодов, кога многумина се чувствуваат како полна чаша на која ѝ фали само една капка за да прсне или да се прелее. Сите имаме различни реакции и психолошки одбрамбени системи, но, кои се најчестите манифестации кај луѓето во вакви состојби на стрес?
РЖ: Постојат три познати реакции на стрес: Бори се! Бегај! Замрзни! Дополнителна е реакцијата на: Угодувај! И тоа е најчестата реакција кај оние кои имаат преживеано пролонгирани детски трауматски односи. Оваа реакција е специфична бидејќи личноста е изземена од реален контакт со себе и е во интензивен контакт со потребите и барањата на другите. Стресогената ситуација која трае подолго може да прерасне во трауматичен стрес, особено ако имаме личносни и контекстуални услови за тоа. Стресот ги исцрпува нашите ресурси за ефикасно реагирање, па нашиот систем слабее и сè помалку може да се бори со она што претставува закана, па, таа борба прераснува во откажување и предавање во очај. А што е она што ја прави одредена ситуација живото-загрозувачка? Честопати тоа е нашата перцепција за нејзината големина. Затоа, ако ги фиксираме нашите ресурси единствено врз интензивна контрола над она што е видено како животно-загрозувачко и не се осврнеме на ништо друго што би можело да ни ги наполни батериите, нема да го најдеме изворот на енергија што би ни овозможил соочување и надминување на ситуацијата. Во каква било ситуација да се наоѓаме, секогаш постои еден аспект што не зависи од нас, но има и еден што зависи од нас и е наша одговорност.
Во ваква ситуација, кога под принуда го намалуваме ехото на надворешниот свет, појасно гледаме во она што го имаме или она што го немаме, што ни се допаѓа или не ни се допаѓа.
AJ: Физичкото дистанцирање, изолацијата, долгото седење дома затворени меѓу четири ѕида, адаптирањето на новите услови, рестриктивните мерки, карантинот, полицискиот час, некатарзираните емоции… сите овие работи нè претвораат во „темпирана бомба“. Дали пандемијата може да биде тест за партнерството и бракот?
РЖ: Сметам дека е тест и за родителството и за семејството. Оваа ситуација може да биде видена на два начина – како можност да поминеме повеќе време заедно и да го обновиме она по што сме копнеале кога сме биле впрегнати во машината на постојана ефикасност и печалење пари, или може да преставува соочување со нашите постојани обиди за бегство од средината во која навидум припаѓаме. Во денешното општество сите сме отуѓени до некој степен, во трка да ги стигнеме сите можни промени што ни се случуваат и да ги постигнеме зацртаните цели и визии. Уште пред самата ситуација да ни се плесне в лице се боревме со недостатокот од време да се сретнеме и погледнеме себе и животот, партнерот и соживотот, родителството и заедницата што ја градиме. Сега, во ваква ситуација, кога под принуда го намалуваме ехото на надворешниот свет, појасно гледаме во она што го имаме или она што го немаме, што ни се допаѓа или не ни се допаѓа.
AJ: Комуникацијата е наша насушна потреба! Во овие вонредни услови, потребата за стумилација, дразби, строукови… ја компензираме наоѓајќи виртуалени начини да ја задоволиме социјалната интеракција, Исто е, ама не е исто. Од друга страна, дигиталните комуникации не им се достапни или познати на сите граѓани. Некои од пензионерите кои често ги судиме на социјалните мрежи живеат сами и тие веројатно најсилно ја чувствуваат осаменоста во време на корона. Што се случува кога осамата станува посилна од стравот од смртта?
РЖ: Ова е време на осаменост и изолација од светот во којшто најлесно е да се функционира со она што го познаваме, со голем страв да запознаеме нешто ново. Затоа, познатото станува наша оаза на мирот. Живееме во несигурен свет, или убедени сме, најчесто медиумски, дека сме дел од нестабилен свет. Осаменоста станува опција како одговор на голема повреда од другите, што придонесува за недоверба и чувство на неадекватност. На тој начин, индивидуата станува самоодржлива и самодоволна, но во исто време и многу повлечена и незадоволна. Ние, биолошки и културолошки, сме битија на контактот, дијалогот и размената. Осамувањето е потребно за да се свртиме кон себе, но кога тоа прераснува во навикнато, ригидно движење и кога опстојува подолго време, знае да се залепи за нас и да не дестабилизира. Оној што е сам, не мора да се чувствува осамен, а оној што е осамен многупати може и да не е сам. Осаменоста го интензивира стравот од смртта. Една од компензациите на осаменоста е животот на социјалните мрежи. Така создаваме привид дека не сме целосно сами, дека сме поврзани со некого. Кога долго време водиме исклучиво „онлајн“ живот, тогаш станува потешко да се прилагодиме на „офлајн“ барањата на животот. Осамата е резултат на постојаната празнина и испразнетост што ја чувствуваме во себе. Таа има силна внатрешна дозвола да остане непроменета. На моменти е и став кон животот – „мене никој не ми е потребен“. Ја замислувам како научен одговор на силно повреденото дете кое не им верува на луѓето и на средината, па глуми моќ, без капацитет да признае и да побара помош, а кога ќе ја затвори вратата од надворешниот свет, се крши на милион парчиња во празниот и тивок простор, со чувство на напуштеност од сите. Во осаменоста нема комуникација со другите, поточно нема потреба за комуникација со другите, но има едно постојано чувство на ранетост. Понекогаш е личен избор.
AJ: Честопати луѓето го растоваруваат интензивниот стрес врз плеќите на својот партнер. Дали сексуалната интимност е еден од механизмите за одбрана од стравот од смрт?
РЖ: Не би ја ставила сексуалната интимност во иста релација со стравот од смрт, но сексуалната злоупотреба, малтерирање, сексизмот и сите други облици на сексуално вознемирување би ги позиционирала во иста линија. Интимноста се развива во најличните моменти на заедништво помеѓу партнерите. Ако партнерите оствариле соодветен капацитет за интимност и доверба еден кон друг, која било пречка да се појави периодов, лесно ќе ја надминат. Сепак, лицата на кои им се битни моќта и доминацијата, чувството на немоќ знаат да го компензираат со нагласени насилни однесувања врз послабиот или да се повлечат и да го игнорират постоењето на другиот и неговите потреби.
Технологијата е нашето платно за проекција, па, сè она што не можеме да го прифатиме кај себе, го отфрламе во некаков си виртуелен простор што навидум не носи никакви последици. Можеме да го пуштиме нашиот отров, да го збогатиме отровот на другиот, да го рециклираме, или, пак, да го спречиме она што сметаме дека нè труе.
AJ: Инфициран е и сајбер-просторот. Не со коронавирус, туку со нервоза, паника, лажни вести, лаички експертизи, теории на заговор, етикетирање, судење… Како да ги поставиме границите помеѓу корисно информирање и труење на духот на социјалните мрежи?
РЖ: Границите се поставуваат преку селекција, филтрирање, лична одговорност, исклучување и заштита на личниот простор. Технологијата е нашето платно за проекција, па, сè она што не можеме да го прифатиме кај себе, го отфрламе во некаков си виртуелен простор што навидум не носи никакви последици. Можеме да го пуштиме нашиот отров, да го збогатиме отровот на другиот, да го рециклираме, или, пак, да го спречиме она што сметаме дека нè труе. Важно е да внимаваме колку ќе се изложиме, дали ќе навлегуваме во дискусија во која нема заклучок, да се прашаме дали има само една вистина, дали ќе го користиме јазикот како алатка за креирање и инспирација, или за потценување, омаловажување и докажување. Порано мислев дека технологијата е неутрална, но, веќе не сум сигурна. Секое технолошко решение наметнува сопствени комерцијални услови за користење, па, прашање е колку сме слободни во виртуелниот свет.
АЈ: Изолацијата или нашата „напиканост во домот“ (цело време целото семејство на куп) неизбежно води до редифинирање на приватниот простор. Кои граници би требало да ги поставиме во семејниот круг особено кога станува збор за семејства во кои има деца?
РЖ: Секое семејство најдобро ги познава сопствените граници. Тие не треба да се поставуваат само од позиција на моќ, туку од позиција на придонес и потреби. Поставувајќи јасни и доследни граници, го учиме детето дека е во ред да се омеѓи од светот (од нас) за да најде сопствена реализација и разбирање. Границата нè штити од преплавување, има само-регулациска функција и така многу појасно знаеме кои сме, а кои не сме.
Многу е позначајно да се следи телесниот одговор на емоционалната вознемиреност на детето. Тоа значи обезбедување на телесна поддршка и смирување од страна на родителот (контакт, топлина, игра, смеа, заеднички активности).
АЈ: Кој е најдобриот начин да се комуницира сериозноста на целата ситуација со коронавирусот со децата? Каде е границата помеѓу преголемата изложеност на децата со информации што немаат капацитет да ги сфатат и преработат, и од друга страна индиферентниот однос на родителите што го остава детето без соодветно објаснување за вонредните услови на живеење?
РЖ: Објаснувањата треба да се дозираат соодветно. Преголемата сериозност во пристапот кон она што ни се случува, може силно да го вознемири детето. Возрасниот наоѓа начин да си ги објасни феномените, додека детето, согласно на развојните капацитети на возраста, не секогаш успева соодветно да си објасни. Според мене многу е позначајно да се следи телесниот одговор на емоционалната вознемиреност. Тоа значи обезбедување на телесна поддршка и смирување од страна на родителот (контакт, топлина, игра, смеа, заеднички активности). Важно е родителот да не му нуди на детето супериорен поглед на ситуацијата, туку реален поглед во којшто и тој како возрасен има право да се плаши, но не повеќе од детето. Доколку возрасниот емотивно реагира повеќе од што треба, тоа креира конфузија кај детето во однос на неговата улога во семејството, очекувањата, капацитетите за справување со својата вознемиреност, но и со вознемиреноста на родителот. Во таква ситуација од детето се очекува да го утеши возрасниот за да го добие соодветното внимание. Доколку ваквото однесување е ритуално и постојано, тоа создава хроничен одговор од детето, низ којшто детето ја игра само онаа улога што се очекува од него, додека другите свои грижи и доживувања ги игнорира или потиснува.
АЈ: Неодмна пишувавте за „преродителствување“ – преголемо навлегување и сериозност на преземање на улогата на родител, каде што родителот се обидува да ги стави под контрола сите „неконтролирачки“ процеси на растењето на детето, а притоа да ја задржи, не за себе, туку за другите, сликата на „добар родител“. Во продолжение велите: „Би препорачала нареден пат кога вашето дете ќе се качи на креветот и ќе почне да скока, да му се приклучите и заедно да уживате во магијата што ја создавате. Ви препорачувам и не секогаш куќата да ви е средена, за да уживате. Ви препорачувам да се смеете од срце и да плачете на глас и цело маало да ве слушне. Ви посакувам убава авантура“. Што би надополниле Радмила?
РЖ: Негативните пракси во кои навлегуваме како родители, се реакции на наши необработени стравови, како на пример стравот од губење моќ и влијание, поточно страв од загуба на љубов која ни е особено потребна во вакви несигурни времиња. Многупати ги оневозможуваме нашите деца да ја осетат природната фрустрација на растењето, тој постојан притисок и контакт што нè развива. Ги онеспособуваме со наметнати решенија, наместо да им овозможиме време и трпение да си ги пронајдат сопствените решенија и пракси. И така некако, во асполутната моќ на влијанието, се раѓаат малите „богови“, оние без граници, без почит на минатото и иднината, без смисла за поврзаност, заедништво и соработка, целосни паразити на обезбедениот живот. Бивајќи во таа нереалност, тие за прв пат се судираат со вистинскиот свет во своите дваесетти години и потоа целосно се дезинтегрираат. Тоа се децата на родителите „сèзаштитници“ и „сèгрижници“, родители-пилоти на силно мониторирачки летала. Исто така во мојата пракса сретнувам и родители кои поради сопствените забрани и рестрикции, не успеваат да ја уважат радост на растењето на сопственото дете. Тие се однесуваат како да живеат во војнички кампови, цел живот спремајќи ги за некоја неприлика. Од друга страна, имаме целосно дисфункционални родители и семејства, чии деца цел живот го поминуваат во борба со внатрешни демони, наместо да го искористат капацитетот што го поседуваат. Никогаш не е доцна за промена, затоа и ние како професионалци сме присутни за да им обезбедиме вештини и нови увиди на родителите за поддршка на сопствените деца во вака несигурни услови на живеење.
Човекот кој не е во контакт со себе, не е добар ни со природата. Тој човек не оди на земјата, не вдишува-издишува, не може да се скраси, неговиот апетит е голем, а никогаш доволен. Тој човек е несреќен и незадоволен. Тој никогаш не планира и не помислува на другите, ниту на тоа каков свет остава.
АЈ: На вашиот Фејсбук профил напишавте: „Секое утро правам кратка рутина на шетање со детето покрај кејот, со безбедна дистанца од останатите луѓе, но не со замрзнат и отуѓен поглед, туку со насмевка. Ние опуштени, детето релаксирано. На кејот гледаме во патките што не знаат за изолација, го слушаме шумот на реката или се нервираме поради негрижата и ѓубрето во водата… Битно се прави некој дефокус! Мора да признаам дека има „рикавери“ на природата како резултат на човековата изолација, од нас, најголемите штетници!“ Човекот се самопрогласи за господар на планетата, преминувајќи ги сите граници со алчност, прекумерно загадување, отпад, вулгарен консумеризам, технолошка роботизација, материјална декаденција… Каква лекција ни држи природата сега?
РЖ: Природата одамна ни држи лекции со своите интензивни движења – поплави, земјотреси, истребување на значајните видови на животни… сè со цел да алармира дека сме потполно отуѓени и дека не возвраќаме со благодарност за користењето на нејзините ресурси. Ние знаеме дека сме дел од природата, но многупати се однесуваме како воопшто да не сме дел од неа. Тоа зборува и за нашиот однос кон себе. Поадекватни ни се процесите на деструкција отколку на градење и развој, па, така, појавата на сите хронични, терминални болести, проблемите со зачнување на живот, стерилитет, психосоматски оптеретувања, епигенетски промени, појава на нови заболувања, укажува дека ние самите на себе сме си најголемите непријатели. Најнеприродно е отуѓувањето од сопственото тело, од неговата осетност/чувственост, живост, потреби. Човекот кој не е во контакт со себе, не е добар ни со природата. Тој човек не оди на земјата, не вдишува-издишува, не може да се скраси, неговиот апетит е голем, а никогаш доволен. Тој човек е несреќен и незадоволен. Тој никогаш не планира и не помислува на другите, ниту на тоа каков свет остава. Тоа е најчестата слика на современите луѓе – целосно неавтентични, влезени во матриксот на константно движење без мирување, без повторно енергизирање, без застанување. Сега, природните и невидливи процеси, како што е вирусов, нè стегнаа во нашите бетонски кутии, за да може природата да ги рашири крилјата на слободата и да воспостави некаков баланс во универзумот. И ќе прави така сè додека не ја вратиме почитта на сечие постоење, а најмногу на нашето. Тоа значи дека постои десензитизација и отапеност на себе, штом природата мора да ни ги удри најсилните шлаканици за да нè освести.
Сега, природните и невидливи процеси, како што е вирусов, нè стегнаа во нашите бетонски кутии, за да може природата да ги рашири крилјата на слободата и да воспостави некаков баланс во универзумот.
АЈ: Со здружението „Психотерапика“ ја започнавте кампањата #МенталноЗдравјеПоДома во рамки на која неколку пати неделно на вашата Фејсбук страна споделувате техники и адаптирани психолошки интервенции за самопомош. Каков е фидбекот?
РЖ: Фидбекот е прекрасен! Верувам дека овој проект во идинана ќе се развива затоа што ја нуди моќта за контакт со себе и затоа што е втемелен во силна заедница на психолози-психотерапевти. Проектот е дел од многуте психоедукативни проекти со кои на сите заинтересирани им овозможуваме алатки за да си го искосат плевелот што ги гуши и окупира.
АЈ: Соочени со кризата, кои се најчестите егзистенцијални прашања (оние што сте ги поттурнувале „под тепихот”) што сега ви излегуваат на површина и бараат искрен одговор од вас?
РЖ: Во оваа принудна изолација често го преиспитувам односот кон себе, кон сопругот, моето дете, како и придонесот кон мојата професионална заедница. Се обидувам да не лебдам над ситуацијата, туку да ја чувствувам во нејзината целовитост. Се обидувам да бидам автентична поддршка на сите кои го бараат тоа од мене. Не сакам да се фолирам, туку да сум искрена за сè она што и мене ми се случува. Се радувам кога ќе го почувствувам импулсот во себе, се вознемирувам кога ќе стане премногу, па брзо наоѓам начин како да ја трансформирам ситуацијата. Понекогаш не можам… па останувам цел ден во тој животен мамурлук. Имам право, па си го земам (се смее). Имам прашања што постојано ми се вртат во главата, како на пример: Што ќе се случува понатаму? Како ќе продолжиме да живееме по стишувањето на заканата од вирусот, вратени во навидум нормалниот, но силно променет живот? Како да го ослободам грчот што некако тивко, но хронично го развивам? Каква ќе биде слободата кога работите ќе се вратат во нормала? Дали сè што поседувам ми е потребно? Што е она што ми е потребно за да бидам задоволна и среќна? Во што не сум сакала да гледам кога сум била окупирана со стандардниот живот? Колку е лесно да ме изманипулираат и што сакам да направам во однос на тоа? Која е мојата вистина? Како е кога не брзам да ги завршам работите? Која е мојата одговорност и каде можам да делувам? Како е да се грижам за себе? Сепак, си реков дека нема да се вознемирувам додека реално немам причина за тоа. Сега, многу повеќе го ценам животот. И се сакам себе си (се смее)!
Насловна фотографија: Борче Поповски