На 23 септември, на „Зелената тераса“ на покривот на ГТЦ, со почеток од 18 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Трамонтана“. А што се случува кога една поетеса пишува проза, ќе се обиде да ни долови промоторката Фросина Пармаковска.
„Трамонтана“ е роман за празнината. Длабока критика кон општеството, но истовремено и крик за пронаоѓање на смислата на постоењето. Кога двата централни лика, двете двојнички, Алма и Алба, ќе се сретнат, се случува пресвртот кој ќе ја исполни празнината. А таа знае да биде толку тегобна, исто каков што е на моменти и стилот на Сарџоска кој ја доловува напнатата атмосфера која ја живееме одбивајќи да ја признаеме.
Романот пристигна за време на Саемот на книгата, но она што Наташа Сарџоска има да ви го каже пред да дозволите да ве одвее ветрот наречен „Трамонтана“, вреди да се чуе. Сега ви се познати местото, времето и авторот. Недостига само вашето присуство кое ќе застане очи в очи со слободата.
Оваа ослободена стварност обликувана во роман е веќе достапна во книжарниците на ТРИ и онлајн на kniga.mk.