Роман Абрамович е име кое постојано се појавува во медиумите. Овој руски бизнисмен е деветитот најбогат човек во неговата земја. Во 2003 година, Абрамович беше прогласен за личност на годината од страна на Експерт, руски бизнис магазин, а титулата ја подели со Михаил Ходорковски. Инаку, тој надвор од Русија е познат како сопственик на фудбалскиот клуб Челзи, како и по неговата поширока вклученост во европскиот фудбал.
Роден е на 24 октомври 1966 година во Сибир. На три годишна возраст останал без двајцата родители. Неговата мајка починала од сепса при спонтан абортус, а татко му починал на работното место кога му паднал кран од градилишето на кое работел. Роман бил посвоен од неговиот вујко Либ со сопругата Људмила кои живееле во индустриското гратче Укта.
Во 1974 година се сели во Москва кај друг роднина. Живееле во мал стан во центарот на Москва. На училиште не покажувал посебно поволен успех, но сепак го завршил образованието.
По отслужувањето на воениот рок, тој се запишал на градежен факултет, а потоа се насочил на дејноста што вистински го интересирала, економијата. Во 1987 година ја запознал првата сопруга, Олга Лисова која била ќерка на висок дипломатски претставник, а во 1987 година основал фабрика за играчки, каде се произведувале и патики кои тој ги продавал по улиците на Москва.
Во 1989 година Роман се развел од својата прва сопруга, а една година подоцна се оженил за Ирина Маландина со која има пет деца. Со неа се разведе во 2007 година.
Инаку по распаѓањето на Советскиот Сојуз, Абрамович кој редовно бил ангажиран во Институтот за нафта и гас Губкин во Москва, формирал фирма за трговија со нафта под име АБК, со седиште во Томск, центарот на бизнисот со сибирска нафта. Преку неговата трговија со нафта тој ги направил почетните подвизи кон богатството.
Роман Абрамович е еден од ретките Руси кои донираат пари во хуманитарни цели, а според магазинот Форбс, во март 2011 година, неговото богатство беше проценето на 13,4 милјарди.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.