Во време на социјална изолација, секој од нас бара начин како полесно и поедноставно да го издржи периодот кој е пред нас. На оваа тема, прашавме дел од нашите познати лица, блогерки и инфлуенсери како се справуваат и што прават во моментов:
„Знам дека можеби многумина сега нема да се согласат со мене, но овој карантин ми дојде во вистинско време и мислам дека е токму тоа што ми требаше, не само мене туку на секој од нас.
Сериозно, ни требаше , и бевме многу свесни за тоа. Се сеќавате ли пред месец, два кога зборевме дека посакуваме да имаме малку повеќе време да се видиме со некои личности или да се чуеме со нив, повеќе слободно време за вежбање, готвење, слободни два саати да си го средиме плакарот или да ги фрлиме старите шминки, па да се реорганизираме. Да внесеме нова енергија и дома, но и во нас самите. Барем еден слободен саат да читнеме нешто пред спиење, или само пола саат за да си ги запишеме мислите во дневникот кој сите го имаме во нашите спални соби.
Новогодишните резолуции паднаа во вода моментот кога сфативме дека немаме време, а всушност го имавме целото време на светот ама- лоша организација. Секогаш е ВИСТИНСКОТО време, а сега повеќе од секогаш да ги тргнеме изговорите на страна и да почнеме да ги живееме нашите желби.
Дополнителна околност е тоа што ќе бидеме малку сами, па подобро ќе се слушнеме, ќе се запознаеме и појасно ќе ни биде што навистина ние сакаме од нашиот живот. Сега ова на дел од оние кои ќе го прочитаат ќе им звучи малку психолошки и нема да можат во целост да го разберат и тоа ми е сосема ок. Некој порано, некој подоцна.
Но за да ви помогнам, само поставете си го прашањето ДАЛИ СУМ СРЕЌНА? Заборавете на корона ситуацијата, на карантинот, ова се ќе помине…..ДАЛИ СУМ СРЕЌНА? Тоа е тоа што треба да помине ако не си, а сега ИМАШ време сериозно да размислиш што треба да промениш и од каде да почнеш.
Ете и мала помош, почни од себе! Удоволи си сè за кое зборуваше пред месец дека е просто невозможно оти беше премногу зафатена угодувајќи им на сите околу тебе. Не го сфаќајте ова филозофски, само прифатете ја ситуацијата и искористете ја најдобро што можете во ваша корист.
Ќе ја повторам реченицата од почетокот, овој карантин дојде во вистинско време и сега знам дека ќе се согласите, нели?
Ви посакувам многу здравје на сите. Јас читам толку многу книги на темава што мислам дека следната професија ми е motivational speaker хахах, но искрено, никогаш не сум уживала повеќе.“
– Јелена Спенџарска
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.