Петре Шилегов, градоначалникот на град Скопје во интервју за Hybrid.mk раскажува за неговиот живот, за професионалните почетоци како адвокат, но и како политичар, за животот во Скопје во минатото и денес, за градот кој сите го сакаме.
Во 1995 година дипломирате на Правниот факултет во Скопје, 1997-та го положувате правосудниот испит, а две години подоцна ја почнувате адвокатската кариера. Дали адвокатурата Ви беше прва љубов?
Други беа времињата кога јас почнував да го насочувам образованието. Завршив во тогашното средно училиште „Борис Кидрич“(н.з. денешно „Васил Антевски -Дрен“) во Скопје, правна насока, со крајна идеја да завршам со диплома по право, без идеја за политичка кариера. Откако започнав со студиите, насоките сами по себе се наметнуваа. 90те беа чудни години, се очекуваше сигурност, но јас од друга страна цел живот сум имал други принципи. Кога завршував во 1994 година, одбив вработување во Пивара Скопје, што мислам дека и ден денес се смета за грешка ако некој го стори тоа, бидејќи е солидна фирма, а во тоа време беше уште подобра. Но јас секогаш сум имал склоност да бидам против стереотипите, со оглед на менталитетот кај нас, кој налага да се вработиш некаде, во стабилна фирма и таму до пензија да останеш. Јас не бев таков, секогаш мислев дека можам повеќе да направам работејќи за себе.
Тешко ли беше на почетокот, имаше ли конкуренција?
Со оглед на тоа дека јас почнав да работам крај на 1994 година како приправник, кај адвокатот Драган Поповски, по положување на правосудниот испит останав уште 2 години кај него, а 99-тата отворив сопствена канцеларија, не беше тешко бидејќи правото го знам и го сакам. После толку години, адвокатската канцеларија се уште ми работи, иако јас работам нешто друго сега. Тоа што ми е драго е што кога го организирав системот на адвокатското друштво е фактот што адвокатите кои што работат кај мене се субспецијалисти за помали области и тоа е максимумот што можете да си го дозволите во смисла – да можете да апсорбирате поголем број на предмети имајќи ја предвид димензијата на пазарот.
Како изгледаше процесот на професионална надградба на двете полиња – во адвокатурата и во политиката?
Адвокатурата е моќ на менаџирање, веројатно имам такви склоности, ги манифестирам на мојата сегашна позиција со менаџирање на градот, суштината е да стекнете доверба кај луѓето, на пазарот, односно тие да стекнат доверба кај вас дека вие сте човекот кој што може да им го реши проблемот. Фала му на Бога, луѓето прифатија дека кога одите кај Петре Шилегов имате добри шанси да ја слушнете реалната состојба. Во тој дел сум бил атипичен адвокат, не сум земал предмет со лесни ветувања, туку со програмирање на предметот во смисла на очекувањата, што е тоа што реално може да се добие од тој предмет, а не што е тоа што странката во моментот сака да го слушне. Таков сум и во политиката. Веројатно тоа е карактерна особина. На луѓето не им го кажувам тоа што сакаат да го слушнат, туку тоа што е вистина. Следствено на прашањето, надградбата си беше природна. Правото е многу динамична наука, иако сите мислат дека е материја што се учи на памет, но правото, барем за мене е една од најлогичните науки на светот. Логични се чекорите кога ќе ги следите, а веројатно и капацитетот на природната интелигенција која што ја имам, добар дел од надградбата лесно одеше. Тука некаде во 99-тата, како голем идеалист по природа, јас почнувам да се замешувам во политиката. Тоа е времето на претседателската кампања, втор круг каде што кандидати беа покојниот претседател Борис Трајковски и Тито Петковски. Не знам кој колку се сеќава, бидејќи тоа беше пред 20 години, време кога луѓе масовно се носеа со автобуси да гласаат, имаше немири. Син ми тогаш имаше 2 години и гледавме на вести што се случува, гледајќи го него си реков дека не можам да дозволам детето да ми расте во ваква држава. Тоа не се вредностите што јас ги имам. Тоа беше периодот кога како волонтер влегов во правниот комитет на СДСМ, кој тогаш се создаде. Ние бевме 5-6 луѓе кои го „урнаа“ вториот круг, поништивме 168 000 гласа заради невалидност. Тој акт мислам дека за првпат даде правна димензијата на избори во Македонија. Ангажманот ми беше од тие мотиви. Бев латентно присутен во политика, бидејќи сметав дека треба да се самодокажам и да се реализирам јас како личност во правото и адвокатурата, бидејќи ми е матична наука. Тоа значеше одбивање на високи државни функции во 2005 година. Добив можност, но сметав дека за човек кој тогаш има 35 години, во полн замав во адвокатурата, е прерано да се прекине конекцијата.
Дали жалите денес што тогаш сте одбиле висока функција?
Напротив. Мојот став е дека тоа е дел од едно созревање. Јас бев тотално тргнат од политиката, иако како човек многу ми сметаше начинот на владеење на ДПМНЕ. Мојот круг на пријатели во тоа време повеќе беше наклонет кон СДСМ што е логично. Така што кога се случија локалните избори во 2013 година и заминувањето на тогашното раководство на СДСМ, пред да си замине тогашниот претседател Бранко Црвенковски, јас седнав со неколкуте потенцијални струи кои што претендираа да бидат на чело на партијата, им кажав дека им стојам на располагање затоа што ми беше преку глава од случувањата. Веројатно од тука доаѓа целата жештина која ја имам јас во политиката. Кога ќе ви „пукне филм“ и кога носите идеја за една поинаква Македонија, таа што ни се случуваше или која што се уште ни се случува, бидејќи во добар дел се уште живеам по инерција на вредностите од претходно. Така влегов јас во политиката. Додека бев студент тоа беше период на осaмостојување, се зборуваше за поинакви вредности, тогаш се промовираше совет на Европа како едно од врвните демократски достигнувања, паѓање на комунистичкиот режим, креирање на некои нови демократски вредности, кои што си ги зацртал во глава и гледаш дека функционираат во еден поинаков свет. Општо, светот беше поинаков во 90те, така што тие се вредностите кои што јас ги имам врежано. Многу сум толерантен кон сечие мислење колку и да е безобразно, но не можам да се помирам со тоа дека таквиот начин на креирање или обид за креирање на една паралелна реалност, извитоперување на фактите, може да биде вредност на оваа држава. Се додека постојат такви обиди, јас ако ја имам довербата од луѓето ќе бидам на спротивната страна.
Како прв човек на градот, секако дека го сакате Скопје. Кои се првите сеќавања кои ги имате за градот од детството?
Јас бев дете кога започна фестивалот Златно Славејче. Тоа се работи кои не се забораваат. Мојот покоен дедо беше во Сојуз за заштита на децата, така што во моите семејни албуми се наоѓаат првите фотографии од фестивалот, со голем ревијален оркестар на сцена. Исто така, тоа е период на Скопскиот фестивал, на Скопски саем, односно на новогодишните панаѓури кои што се одржуваа, тоа се работи кои што кога ќе се родиш во еден град и го живееш градот едноставно ги живееш и нив, не можеш да не се сеќаваш.
Периодот на 80те е периодот на мојата адолесцентност, јас всушност бев тинејџер во период кој што се карактеризира како период на најубавите години на експанзија на културата и музиката во поствоена Европа. Тогашна Југославија ескалираше на тоа поле, така што јас растев во навистина интересен период. Дури ден денес сериозно добри хитови се од тоа време. Денешните деца ја знаат и ја слушаат музиката од тогаш. Ова го знам бидејќи моите деца по дома, синот кој има 22 години и ќерката која има 17 години ги слушаат се уште песните од 80те.
Како изгледаше излегувањето тогаш во споредба со денес?
На различно ниво како што е и сега. Јас се сеќавам дека немаше петок и сабота да не бидам во 25 мај, сегашен МКЦ. Тогаш како дискотеки постоеја Мусандра, Панорама и Турист во хотел Бристол. Тие се сметаа за „ин“ места за нас кои што бевме малку поoпседнати не само со мас поп култура, туку на едно поинакво ниво. Јас бев опседнат со поалтернативни места за излегување, што не значи дека не ги посетував дискотеките, но преферирав поинакви места. Денсинг салата на денешно МКЦ, тогаш 25 мај, беше култно место. Зборуваме за една сала која што е многу неакустична, а сепак во својата историја има запишано настапи на многу добри и квалитетни музички бендови како на пример Екатерина Друга која што премина во Екатерина Велика, свиреа Идоли, Филм, Дисциплина Кичме, Азра, Лачни Франз, Булдожер и многу други култни групи. Иако беше акустиката лоша, салата беше доволно мала за да можете да имате сериозна перцепција на тоа што се случува и да ги видите групите од блиску. Јас верувам дека секоја генерација си носи свое обележје. Моето е убаво бидејќи 80те имаат културна вредност, но секоја младост има своја убавина. Не можам јас да судам туѓи младости бидејќи верувам дека и денешните млади си имаат убави моменти.
Што Ви недостига од тоа време?
Ми недостига нивото на култура и вредностите кои што тогаш животот ги носел во споредба со сегашниот т.н културен живот кој носи некакви вредности. Тешко е да се опише тоа на некој друг токму заради разликата во времињата. Денес, се е на допир. Како на некого да му го опишете чувството кога едвај чекате да излезе плоча на омилената група, да чекате во Југотон во ГТЦ за да ја купите, па ако ја начекате добро, ако не барате алтернатива, трчате до вториот Југотон спроти денешна Лотарија на Македонија, па потоа во РТВ кај кино Центар. Се сеќавам и на продавницата на Технометал која што беше во ГТЦ на 2 ката каде што имаше посебен оддел за плочи, но не може да се заборави и одењето во Грција и Италија за да се купи оригинална плоча. Тие беа полесни, пластиката што ја произведуваше Југотон и РТВ на плочите 180 грамска, оваа беше меѓу 80 и 100 грама, полесно се виткаше. Ја купувате плочата, па влегувате во автобус, ги читате текстовите на песните, ја ставате плочата да свири и ја живеете песната, пораките кои ги носи, групата во целост. Не можете да го опишете чувството на некој што не го живеел тоа, моментот кога ќе го добиете првиот систем дома, бидејќи ние слушавме или на касетофон или на грамофон, а во 80те се појавија оние музички столбови и системи што денес исто така ги нема бидејќи се е на „touch“. Исто така, тоа е период на експанзија на книгоиздаваштвото. Период кога многу се преведуваше и многу се читаше. Денес, се е премногу лесно достапно, причина заради која не доволно му даваме значење како вистинска вредност. Ова се други времиња кога за жал се креираат други вредности.
Која група Ви беше омилена?
За мене, дефинитивно најдобриот бенд на сите вреимиња е Queen. Ја имав можноста и задоволството да ги живеам нив, во 80те ги имаа најдобрите концерти кои ги одржаа на Вембли. Во мојот живот имам следено преку 100 големи концерти во живо пред да станам политички активен. Веројатно сум еден од ретките Македонци кои што 3 пати во живо ги има гледано Пинк Флојд.
Каква литература сакате да читате кога имате слободно време?
Многу малку време ми останува, така што е потешко да читам денес за разлика од претходно. Но, во принцип не сакам лесна белетристика. Јас кога бев втора година средно, го читав Ниче. Сакам потешки книги кои што ја опишуваат реалноста, не ги сакам бајковитите приказни. Веројатно и затоа го работам тоа што работам. Мојата младост беше време на Твин Пикс, серија која што тешко можеш да им ја објасниш денес на младите. Ние растевме во време кога имаше 2 тв канали. Интересно е што тогаш, со толку ограничени средства за информирање во споредба со денешните, мислам дека луѓето тогаш беа поинформирани. Се правеше селекција на вистинските информации, не цензура – туку селекција. Денес социјалните мрежи го зазедоа местото на жолтиот печат, а во мое време жолтитот печат се третираше како ниска форма на новинарство. За жал, се соочуваме со девалвација на новинарството, заради тоа што нема со што да се занимаваат, па навлегуваат во која било сфера.
Дали во периодот на лична надградба, размислувате дека ќе бидете прв човек на градот, ќе бидете влијателна личност во градот каде што се родивте и израснавте, посакувавте ли некогаш да го промените градот во кој живеевте, без никакви политички претензии?
Јас мислам дека нема некој човек што живее во својот град, вклучително и Скопје што не посакал да смени нешто во одреден момент. Никогаш не ми било јасно зошто делови од градот се понеразвиени во споредба со другите, зошто не се направи напор убавините на урбаното живеење да станат подостапни за поголем број на луѓе. Денес, кога ќе ме сретнат луѓето ми викаат дека треба да направам нешто што ќе остави белег на мојот мандат. Мене не ми е јасно зошто општото мислење е дека секој владател треба да прави пирамида. За мене е поважно да направам пофункционален град каде што ќе се живее на многу поинакво ниво од тоа што сега се живее, по можност тоа да се дисперзира на територија на целиот град. Секогаш ќе има подобро и полошо развиени делови, но тоа да се намалува што е можно повеќе. Никогаш не ми беше јасно зошто после катастрофалниот земјотрес во Скопје таа историска шанса за обнова кој се пружила после тоа не била искористена. Елитата на светскиот урбанизам го прави мастер планот за обнова на Скопје и се што требало од наша страна било да се спроведе. Но веројатно заради такви какви што сме, повеќе сакаме да импровизираме, отколку студиозно да работиме, причина заради која што Скопје е полуразвиен град. Не бил имплементиран планот што бил поставен и оставен од кремот на светската урбанистичка елита. И ден денес тој план е основа за генералниот урбанистички план на град Скопје и многу од вложувањата што ги правиме во овие речиси 2,5 години е во целосна реализација по тој ГУП. Кога дојдов на позицијата, 51% од главните градски сообраќајници предвидени во ГУП, кои се пресликувале од 1963 година навака во секој ГУП беа нереализирани.
На кој проект што сте го реализирале во изминатите 2.5 години сте посебно горди?
Скопје е комплексна материја, во него живеат во просек по 500-600 000 луѓе кои имаат различни сфери на интерес. Направивме тартан патека во Градски парк, што порано веројатно никој не ни помислувал, но сме истаргетирале добро и погледнете колку навидум мала работа може да смени во животот на граѓаните во Скопје. Не мора да се булевари, мостови, тунели, тие се подразбираат и ги правиме постојано. Памптракот кај Олимписки ни стана култен. Кога го промовиравме, мислам дека 90% од луѓето првпат го слушнаа терминот. Но, сега тоа место е едно од најпосетените, деноноќно има деца, млади луѓе. Уште едно ново култно место е галеријата во ГТЦ. Вредностите кои што јас ги сакам и сакам да ги промовирам се токму овие. Сакам да истакнам дека градењето на улици се подразбира, но создавањето на вредности од страна на секој градоначалник е уште поважно од тоа. Во моментов се градат 4 булевари што не се случило многу години наназад, тоа се работи кои допрва ќе излегуваат на површина и ќе се гледаат. Јас сум посебно горд што граѓаните на овој град ми ја дале довербата да го водам што не е секојдневно остварување. Горд сум што во мојот живот достигнав таква чест токму јас да го водам главниот град.
Дали се случува да Ве застанат на улица и да ви кажат дека нешто сакаат да се промени?
Секако, комуникацијата со луѓе не е исклучена никогаш. Јас сум во постојано движење, се уште пазарам сам, возам сам, немам обезбедување бидејќи не верувам во тие правила и вредности. Во државава, во регионов во изминатите 30 години, најчесто во политиката влегоа луѓе кои што немаат ништо направено во своите сфери претходно. Немале себереализација и мислат дека достигнувањето на политичката сцена е којзнае какво достигнување. На тие луѓе им е потребна таа врева, помпа околу нив. Имате луѓе кои што седат по 20 години во Собрание, ако ги извадите надвор ќе станат социјални случаи бидејќи не се способни да заработат за себе, а камоли да направат добро за граѓаните. Јас во политиката влегов како богат човек, професионално реализиран и мене не ме импресионираат тие работи. Приватно возам подобар автомобил од службениот. Нашата демократија е млада, нема ни 30 години, се уште сме во зародиш на вистинските демократски вредности. Токму заради таквите политичари во земјава отсуствува категорија одговорност. И да му утврдите одговорност, тој жестоко ќе се бори таму каде што е бидејќи нема друга опција во животот. Лично мислам дека го поминуваме тоа, последниве 2-3 години се промовираат такви вредности. Сменивме човек на функција бидејќи се возел со бизнис класа во авион, нешто што порано беше несфатливо. Ние тука генерираме менталитет „да ми се заврши работа преку ред“, а на тој начин секој од нас придонесува да се создаде хаос. Кога ќе отидете во друга земја каде што има ред и секој си застанува зад редот, се завршува побрзо. Јас сакам да го истакнам тоа како вредност, сакам да се смени идејата „да завршам јас работа, па за тој зад мене не ми е гајле“ односно немањето одговорност е главен недостаток на нашето општество. Партизирањето на институциите е исто така уште еден генератор на неодговорност бидејќи секој се чувствува дека е заштитен од партијата. Тоа беше наметнато од претходната партија на власт, а продолжи со сегашната, заради сознанието зошто претходно било така, а сега не може. Тоа е процес кој мора добро да се менаџира, да биде што по глатко бидејќи државните фирми и претпријатија, заедно со администрацијата , не се биро за вработување на партиски членови. Кај мене кога доаѓаат пријатели да бараат да им се заврши работа по партиска линија, тоа не се случува бидејќи сметам дека не е во ред. Тоа што сме во иста политичка партија не не прави различни од која било друга личност. Кога ќе ја разгледате сликата во целина, најголем дел од луѓето не се членови на партија. Со нив што правиме? На крајот на денот тие се подеднакво важни од кој било друг. Тоа е еден процес кој јас го провоцирав да почне да се зборува и применува. Не мислам дека активноста на политичките партии треба да биде фокусирана на нивното членство, туку на интересите на општеството.
Како Ви изгледа еден работен ден?
Тешко прашање. Важно е дека стигнувам да спијам навечер, да не излезе сега дека работам 24/7. Работно време на ваква позиција е комплексно и затоа нема работни часови кои се фиксни во денот. Ако си на манифестација каде што се презентира град Скопје во 8 или 9 навечер, дефакто си на работа. Мобилната комуникација овозможува секогаш да си на работа. Но, и јас сум човек, имам приватен живот и сакам да го вреднувам бидејќи сето ова еден ден ќе престане. Јас стојам на ставот дека политичарите треба да се помират со фактот дека се сезонски работници бидејќи се бираат за определен период , а после тоа на избори може да те гласаат, а може и да не те гласаат, да ти речат дека веќе не си потребен. Така што, ако со таков менталитет почнеме да креираме да создаваме, многу работи ќе бидат поедноставни.
Што правите во слободно време, дали сте љубител на патувањата?
Ретко имам слободно време. Кога имам, сакам да го поминам со семејството, со луѓе кои ми се блиски и се дел од мојот живот, кои што биле присутни и пред политиката. Заради функцијата која што ја имам, гледам тоа да биде во поинтимна локација за дружење, обично тоа е по дома. Што се однесува до патувањата, да, сакам многу, но бавењето со политика значи откажување од многу работи, меѓу кои што и патувањата бидејќи ако го направам тоа од сегашната позиција јавноста може тоа лошо да го протолкува. На пример, ќерка ми е голем фан на Барселона и ние фамилијарно сме гледале преку 20 натпревари на Камп Ноу, сме биле на преку 100 концерти на светски ѕвезди, сето тоа пред да станам политички активен. Повеќе ми недостигаат убавите моменти со семејството кои што ги поминав на тие патувања, отколку самите дестинации.
Ако во моментов стојат сите скопјани пред Вас, што би им кажале, која е пораката што сакате да ја запаметат?
Да си го сакате градот. Мислам дека не секогаш кон градот имаме однос како кон наш дом. Скопје е нашата голема куќа. Да се однесуваме кон градот онака како што се однесуваме кон сопствените станови, домови бидејќи Скопје е токму тоа – голем дом за сите. Веројатно никој дома не фрла ѓубре каде што ќе стигне, не крши столици, не пали оган на сред соба. Мора да разбереме дека градот е нашиот заеднички дом, ако му даваме љубов ќе ни врати со љубов. Скопје нема некоја посебна сентиментална песна како што имаат другите градови на Балканот и во светот. Нашата неформална химна е „Градот убав“. Но, тоа што немаме химна, не значи дека имаме помалку чувства кон својот град, само мислам дека невремињата во кои што живееме не ни оставаат секогаш простор да размислуваме порационално. Скопје е нашата куќа, ако почнеме да го третираме така нашиот град ќе ни врати многу повеќе на секој од нас поединечно од тоа што сме очекувале. Нема друг град како Скопје, каде и да одите кога се враќате е најубавото чувство на свет. Љубовта што ја чувствуваме кон градот кога се враќаме, ако ја имплементираме постојано, градот ќе ни врати многу повеќе. Како што Владо Јаневски испеа – нема други улици за моите чекори. Скопје не се улиците, булеварите, зградите – Скопје сме сите ние, луѓето.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фотографија: Официјални фотографии од архивата на град Скопје
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.