Тip оf the week е прирачник кој обработува теми од секојдневниот живот коишто ќе ви помогнат да си го подобрите вашето лично и професионално работење. Во него има мали и практични совети кои поттикнуваат на размислување како да се справите со предизвиците кои ви ги носи денот. Го напишаа двајца млади луѓе, Петар Лазаров и Калин Бабушку, кои го пренесуваат своето професионално искуство, како и искуството на други луѓе. Интервјуто го направивме со Петар Лазаров, урбан лик кој знае да ве „купи” на прво гледање. Разговорот оди лесно и едноставно, а вие имате чувство дека темите за разговор се непресушни. Веројатно, една идеја како Tip of the week да успее е потребен таков позитивен пристап кон секојдневието.
Tip of the week е вашето “бебе” кое наполни три години. Доживеа две изданија и тоа првото 2013 година, а второто во јуни годинава. Како го почнавте овој проект? Со многу ентузијазам и матна идинина или со подготвена платформа за успех?
Од сите три работи имаше по нешто. Нормално е дека нашиот ентузијазам е еден од нашите најголеми двигатели, без кој немаше воопшто да почнуваме никој од досегашните проекти. Од друга страна, проектот е подготвуван 3 години пред да го лансираме првиот прирачник. Што значи имавме доволно време да го спознаеме пазарот, читателите, нивните потреби, да се подобриме самите и да развиеме концепт кој ќе може да се понуди на пазарот и нормално кој планиравме дека ќе биде успешен. Почнавме во 2009 година (поточно 26.11.2009) со објавување на првиот неделен совет. Од тој четврток и во следните повеќе од 300 четвртоци, ние секоја недела испраќаме совети на различни теми.
Непрофесионалноста е присутен момент во многу бизнис области, а верувам дека секој од нас барем еднаш, ако не и повеќепати, се сретнал во рамките на професијата или надвор од неа. Дали тоа беше иницијална каписла да седнете и да ги напишете прирачниците или искуството ве доведе до точка каде почувствувавте потреба за промена?
Беше вистинскиот момент. Ние во тоа време (а и ден денес) сме постојано бомбардирани на работа од различни текстови за продажба, маркетинг, менаџмент, психологија, комуникација од различни светски автори. Сите советуваа дека треба да ги делите вашите идеи и сознанија со цел да постигнете успех во вашиот бизнис и да се разликувате од конкуренцијата. Во тоа време во Македонија и немаше некој што се занимава со таа тематика. Исто така големо влијание имаше и фактот што од нашето искуство, работејќи во различни индустрии и проекти, сметавме дека може да придонесеме за подобрување на работењето на фирмите и развојот на професионалноста во Македонија.
Во првата книга недостигаат личните искуства, примери од секојдневието. Во втората, како што и самите пишувате со Калин и тимот на Tip of the Week, прифаќате критики и го надополнивте тоа. Дали во моментов луѓето ви сугерираат за некои пропуштени работи што ќе ги видиме можеби во Tip of the week #3?
Ние постојано ги слушаме нашите читатели и ги имплементираме нивните совети. За првиот направивме истражување и нивните коментари ги искористивме за развој на вториот прирачник. Во однос на третото издание сè уште е рано да донесуваме некои конкретни заклучоци, бидејќи сеуште ги очекуваме коментарите и искуствата од читателите. Засега се позитивни и тоа ни дава надеж дека 3-тото издание сигурно ќе се прави, но во која и каква форма ќе видиме.
Човек што работи греши попатно, но учи многу повеќе. Петар, колку научивте сите вие изминативе години пишувајќи го прирачникот?
Ние го кажуваме тоа јавно дека текстовите ги пишуваме првично за нас самите и нашиот тим. Кога разработуваме определена тема, прво гледаме (читаме, зборуваме) кој што кажал на таа тема и со што се согласуваме, а со што не. Потоа даваме свој печат и лично искуство во текстот. И тоа треба да биде максимум една страна. Многу време одзема подготовката и реализацијата, но многу и се учи низ процесот. Тука не завршува нашето учење. Сознанијата ги споделуваме и дискутираме на нашите обуки, а најважно од сè, се трудиме (колку можеме) да ги имплементираме во пракса кај нас и да ги видиме ефектите.
Читајќи ги прирачниците, имав чувство дека не се наменети за една конкретна публика, туку напротив за сите кои имаат потреба од нив. Дали грешам?
Материјалот, содржините, пораките, советите, цитатите и самиот прирачник не е наменет за некоја определена публика. Нив може да ги чита секој што сака да подобри нешто кај себе лично или на професионално ниво. Ние имаме читатели од сите структури, возраст, професии и титули. Убавината кај прирачниците е тоа што може да ги читате кога сакате, каде сакате и од која страна сакате. Текстовите не се поврзани во некоја структура, но сите тие претставуваат свои микроединици (влијаат на подобрување на определена област), а заеднички влијаат на целокупното живеење и работење.
Како знаете дека неделните совети и прирачниците ја исполниле целта, дали ви се јавуваат луѓето да ви кажат или тоа оди обично преку муабет од пријател на пријател?
Многу често добиваме коментари на нашата е-пошта со пофалби и совети за подобрување или обработување на некоја тема. Исто така коментираме постојано на нашите обуки со учесниците кои ги следат текстовите или прочитале прирачниците. Од нив добиваме корисни информации за нашето работење. А секако и разговорите со нашите најблиски и нивните коментари ни се од огромно значење.
Колку ви го олесни/отежна животот создавањето на прирачникот?
За да одговориме точно на ова прашање прво мора да дефинираме што значи олеснување, а што отежнување. А бидејќи тоа е многу длабока тема, ќе кажам само дека тоа сакавме да го направиме. Тоа сакаме да го правиме. Имаме многу убави моменти, има и многу тешки моменти, но ние пробуваме само да уживме во процесот. И веруваме дека уживајќи во тоа што го работиме нема нешто што може да биде лесно или тешко. Од професионален аспект секако дека ни помогна многу во отворање на можности и градење на мрежа на соработници, но најубавиот момент ни е кога ќе слушнеме коментари од нашите читатели дека им се допаѓаат текстовите и дека прирачниците ги имаат на нивната работна маса и постојано се потсетуваат и навраќаат на некои од содржините.
Со оглед на тоа дека зборуваме за книги кои се дел од професионалната литература, дали успеваш да прочиташ нешто друго, нешто за твоја душа?
Се трудам да најдам секогаш време за себе и да прочитам нешто за своја душа. Кога ќе улета некое романче, тогаш ми е нај-ќеиф.
Од каде ја црпиш енергијата за секој нареден ден, кој е твојот извор?
Една кинеска поговорка вели, важно е само да креираш енергија. Бидејќи изворите на одлив на енергија денес, со денешниов начин на живеење и работење се безброј, она што може да правиме е да креираме енергија. Затоа, се трудам колку можам да практикувам психо-физички вежби, аматерско спортување, внимавам на исхраната, шетам во природа и пробувам да гледам позитивно на работите околу мене. Еден од најголемите полначи, но и цицачи на енергија е околината. Затоа како гледаме на неа, ќе влијае директно на количеството на енергија што го трошиме.
Интервјуто го направи Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива