Пишува: Ана Јовковска
AJ: Во едно ваше интервју од минатата година изјавивте дека живееме во земја каде што има премногу сонце, а ни недостасува светлина меѓу луѓето. Како ја коментирате општествено-политичката ситуација во земјава?
НМ: Ќе се случи ли политичарите да бидат прашани за книжевноста, а тоа да не биде од нив протолкувано како навреда или разоткривање на незнаењето? Со чесни исклучоци, повеќето од нив кога сакаат да те навредат велат: „Ајде не ми раскажувај приказни!”. Зошто од нас се очекува да изгледаме попаметно ако зборуваме за дневната политика водена од оние кои веруваат дека сè, па и државата, е со минлив рок? Ја забораваме метафизиката на денот. Ја живееме цензурата на новиот век во кој наместо да ти е забрането да кажуваш, принуден си да кажуваш за што и да е.
Денешните политичари и дипломати нè учат дека животот е анатомија на компромисот, но книжевноста не е спремна за преговарање — таму каде што не ѝ дозволуваат да раскажува, таа симболизира. Речиси и да не постои разлика помеѓу оној автор кој се претставува себеси како божествен гласник на народот и оној кој се поставува како дневнополитички глас на „антинародноста”. Тоа се два — навидум спротивни, но меѓусебно зависни — одрази во напукнатите огледала на проектираната и замислена важност. Литературата треба да ги оживува, а не да ги препарира усмртените модели на опстоење.
Атласот на книжевноста изгледа сосема поинаку од оној географско-политичкиот.
Верувам дека секој ја води својата битка соодветно на сопствениот сензибилитет и на околностите. Неколку пати имаше обиди за навредување при читањата надвор од Македонија за тоа дека пишувам на јазик кој не постои и доаѓам од земја која не постои, и покрај тоа што верувам дека атласот на книжевноста изгледа сосема поинаку од оној географско-политичкиот, а во тој атлас на книжевната и естетска релјефност најважни се изохипсите, тие тенки криви линии кои ги сврзуваат местата со иста надморска височина, односно авторите со ист сензибилитет, наспроти дебелите и нападни линии на политичките и државни граници.
Темната сенка на гладните националисти на Балканот е широка и затоа мислам дека ни недостига светлина меѓу луѓето. Живеејќи на Балканот, чувствувам како нашите мајки да нè родиле со раширени нозе над обвинителна клупа над која немаме право ниту на првиот плач. Ќе доживееме ли некогаш да имаме политичар како Вацлав Хавел, кој во есејот „Моќта на немоќните” храбро го отвори прашањето за систематската и неоправдана покорност пред сенката на системот? Ќе имаме ли ние Хавел кој ја отвораше вратата и им даваше предимство на книжевниците, или на Френк Запа и Пинк Флојд, пред бирократите со униформирани зборови и сакоа?

Живеејќи на Балканот, чувствувам како нашите мајки да нè родиле со раширени нозе над обвинителна клупа над која немаме право ниту на првиот плач.
Ние го живееме општеството на заборав или уште полошо — културата на миговно сеќавање. Сега се зборува за евтаназија на нашиот јазик, на јазикот на нашето детство, но мислам дека со достојност и чистина на индивидуалната свест ќе исчезне и стравот од исчезнување, зашто стравот всушност е најголем под маската на џелатот. Само тој што е несигурен во своето, посегнува по туѓото. Уморни сме од живеење на наметнати и наследени вини.
АЈ: Живеете духовно богат живот патувајќи со вашата поезија низ светот. Ќе споменам само дел од искуствата низ кои растевте… Бевте ненадејно крвнички нападнат среде ден од неонацисти во Литванија. Десетина дена живеевте опкружен од паравојска во џунглата на границата помеѓу Колумбија и Панама. Неколку дена бегавте од киднаперите низ улиците на Багдад. Скитавте по селата на Жолтата Планина во Кина. Се чудевте на новиот музеј од искористени предмети на дното од исчистениот канал Сан Мартин во Париз. Гледавте кон чистото небо над Берлин или Њујорк кое ги полнеше парковите со луѓе. Зборувавте со имамите во Индонезија. Кажувавте стихови до светлината на живите вулкани во Никарагва и на неколку стотици метри од квартовите во Мумбаи во кои децата и смртта беа гладни. Но, секогаш се враќавте дома да видите синот како расте побрзо од вашиот копнеж по безбеден дом…
Мал е светот кога ни е на дланка. Безбојни се границите кога со поезија се рушат. Но, големо е бремето кога „се парчиме на две“ за да стигнеме и постигнеме сè и секаде. Како ја живеете оваа двојба?
НМ: Никогаш не би можел да ја опишам подвоеноста на умот и чувствата кога треба да заминам далеку од синот, од неговите бескрајни разбирања за моите отсуства. Жртвите на таквата (п)одвоеност нема никогаш да бидат регистрирани, зашто историјата не пишува за внатрешните битки и загуби. А неретко таa подвоеност продолжува и по смртта. Пепелта од телото на британскиот поет и прозаист Томас Харди била погребана во Поетското ќоше во Вестминстер Аби каде што почиваат Тед Хјуз или Филип Ларкин, а неговото срце, истиот ден, 16 јануари 1928 година, било погребано во Стинсфорд, веднаш до гробот на неговите родители и првата сопруга. А самиот тој има кажано дека пишува за да го допре срцето на останатите луѓе преку изложување на сопственото срце. Поезијата може да ги поништи границите на разделеноста во светот, но честопати е немоќна пред разделеноста на поетот. Како да се биде присутен секаде во кафезот на нашата телесност? Единствено со себепростување за сите отсуства.
Никогаш не би можел да ја опишам подвоеноста на умот и чувствата кога треба да заминам далеку од синот. Жртвите на таквата (п)одвоеност нема никогаш да бидат регистрирани, зашто историјата не пишува за внатрешните битки и загуби.

АЈ: Би сакала да споделиме уште една убава приказна од вашите поетски патувања и длабења низ светот. Онаа кога на улицата во Никарагва, едно сиромашно дете ја испружило раката кон вас, за да проси. Детето почнало да рецитира стихови од Неруда и очекувало да биде платено за тоа… Што почувствувавте во тој миг?
НМ: Да, детето го рецитираше Неруда. Бевме неколкумина поети на улиците на Гранада во Никарагва. Собравме неколку кордоби и му плативме, а тоа се сврте и не престана да ги кажува стиховите. На патот кон блиските активни вулкани, од уличниот продавач на накит купив фигурка на гуштер изработена од вулкански камен. Почнавме разговор за поезијата и стврднатата лава, дека зборовите треба да се изладени ако сакаме да им дадеме форма на нештата, но само врелите зборови осветлуваат околу себе. Ми ги покажа неговите напишани стихови, се обидуваше да ми ги преведе преку движења на телото. Извираше поезија од секаде. Како некој да нè беше втурнал во реално шоу во кое стварноста се изедначуваше со книжевната илузија. Вистините не беа повеќе важни. Размислувам дека во мигот кога на аеродромот во Манагва наместо огромното платно со портретот на нивниот поетски класик Рубен Дарио ќе се појави светлечка реклама за казино, ќе го осведочиме времето во кое децата ќе ги паметат само магичните бројки, наместо острите зборови.

АЈ: Уметниците и писателите ги поделивме на оние кои гласно и ангажирано се спротивставуваат на системот и на оние кои низ својата уметничка тишина го преџвакуваат општеството и светот. Во тој контекст вие ќе речете: „Секој има свој начин на борба — сакав мојата да ја започнам со внатрешна преобразба, онаа за којашто зборува Бродски, битка со самиот себеси пред да се отвориш кон светот. Останатото тој го нарекува „автокомформизам”, најлесен начин себеси да се прогласиш за добар пред да заспиеш, верувајќи дека со агресија можеш да го промениш светот, пред себеси да се промениш“. Во меѓувреме… што успеавте да преобразите кај себе, а што околу себе?
НМ: Кога околу тебе е гласно, не можеш да си го чуеш пулсот на стравот или спокојот. Живееш со гласноста на светот, а најгласни се воените болници, местата каде што најсилно се извикува „Зошто?!”. Го препрочитувам Бродски зашто и покрај сета неправда на системот, тој остана доследен да ги брани книжевните светови изродени од земјата која го осуди за општествен паразитизам. Такво беше и книжевното витештво на Киш. Тие во рудникот на нивната широка мисла направија сепарација на суровиот државен апарат од јазичното и естетско наследство на духот, и не станаа трговци на сопствената болка. Беа тука за естетски полемики, за аргументи со сопствениот текст и со она што ќе ја надмине нарачката на денот, како што велеше Киш. Беа критични кон себе, зашто само на тој начин можеа да бидат критични кон светот. Беа свесни дека само преку преобразбата на себеси и на внатрешниот творечки немир можат да бидат подготвени да одговорат на болката на светот. На начин на којшто нè советуваат во случај на губење на височината на авионот, првин маската со кислород да си ја ставиме себеси, а потоа да му помогнеме на своето дете.

Не сонувам дека поезијата може да го измени светот, но верувам дека таа гради нови. Во последните неколку години се објавуваат многу антологии за бегалците, а сега и за вирусот. Модерниот поет како да стана дежурен лекар во свежо испрана униформа со мирис на омекнувач кој испишува плацебо рецепти. Но, будноста на книжевникот не се крие во неговата статистичка распространетост. Исто како што поразот или победата не се мерат со војнички термини, како што вели Махмуд Дарвиш, така ниту универзалноста на зборовите не може да се измери во тиражи или број на посети на Youtube. Дaрвиш постави јасно прашање: дали поезијата е знак или инструмент на моќта? Кога книжевноста ќе стане инструмент на дневнополитичка агресија, тогаш таа целосно се отуѓува од универзалноста, живеејќи го оргазмот на краткотрајниот медиумски одблесок. Учебниците низ светот се полни со „револуционерни” стихови кои исчезнуваат заедно со ѕидните фотографии на лидерите. Поезијата како знак, а не како моќ, патува бавно, но талка далеку и долго, како писмо без испишана адреса.
Модерниот поет како да стана дежурен лекар во свежо испрана униформа со мирис на омекнувач кој испишува плацебо рецепти. Универзалноста на зборовите не може да се измери во тиражи или број на посети на Youtube.
АЈ: Што работите или ќе работите следно? Што ве преокупира најсилно во моментов? Творечки и лично?
НМ: Се борам со еден вид органска преобразба на зборовите при привршувањето на поетската книга и пишувањето есеи. Oд друга страна со ист трепет очекувам да ја допрам новата книга раскази на Оливера Ќорвезироска, новите романи на Митко Маџунков, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Владимир Јанковски, новата поетска книга на Иван Додовски и сите оние кои ги подготвуваат своите зборови за споделување… Затоа што свесен сум колку е болно раѓањето на книжевноста на убавото, да се биде со компасот на блискоста в раце, во време кога стварноста се остварува како стварност на далечините.
Прочитајте го првиот дел од интервјуто “НЕ СУМ ТРГОВЕЦ НА СОПСТВЕНАТА БОЛКА“.