Пишува: Ана Јовковска
АЈ: Предизвикот да се разговара со некои жени е голем, обременувачки, но и сладок. Со некои се разговара тешко и низ флоскули, а со некои разговорите течат како река… Вие сте од оваа воднава категорија (се смее) – сочни и свежи, во реториката, во науката, во мислата, во емоцијата…
Покрај вашиот академски багаж како професорка и научничка на Институтот за македонска литература, активна сте и на терен како активистка за женски права. Кој е за вас најмашкиот, а кој најженскиот збор во родовата азбука?
AM: Зборовите кријат длабоко значење во широк распон од универзална смисла до сосема лична, животно одредувачка нишка. Секој збор може да биде и машки, и женски, и неутрален, и повеќезначен, и флуиден… Помислете на пример какви филозофски концепти и лирски нијанси крие зборот љубов! Или зборовите среќа, страст, слобода, соништа, сочувство… Но како да им ставиме родов предзнак?! Во мојата интимна азбука зборовите слободно мигрираат во зависност од контекстот и другите зборови кои ги следат. Сепак, зборовите кои најдлабоко ме болат во последниов период се: сочувство и поддршка! Посакувам конечно да научиме да чекоримe во туѓите чевли пред да критикуваме и осудуваме. Да бидеме емпатични и подготвени да се оснажуваме едни со други, да си подаваме рака, прегратка и целосна поддршка во борбата за похуман свет за сите, особено за поранливите од нас.
АЈ: Разговоров би сакала да го започнеме на луцидна нота, па не можам а да не го споменам она што го кажавте во мојата ТВ емисија „Пулс“ пред осум години, кога некој додворувач ви рекол: „Можеш да бидеш и претседател на држава, ама кога ќе дојдам дома од работа, ако нема супа на масата, сè друго е џабе!“.
АМ: Да, Ана, примерот кој го споменувате е показател дека неплатената работа на жената во домот е нешто што се подразбира, што всушност претставува средство за родова опресија и генератор на општествената нееднаквост. Независно од професијата, достигнувањата и успесите на жените, секогаш ќе се најде некој да нѐ убедува дека сѐ е џабе ако нема супа.
По Втората светска војна и согласно заложбите на АФЖ во поранешна Југославија се поттикнува инклузија на жените во социјалниот живот и нивно масовно вработување водено од економските потреби, но, за жал, тоа во исто време не значи и трансформација на традиционалните патријархални матрици внатре во домот. Како да се подзаборава на фамозната „втора смена“ и фактот дека грижата за домот и семејството сѐ уште се сметаат за женска обврска.
Во меѓувреме едуциравме некои нови генерации на мажи кои се поотворени и за кои е поприфатливо мажот да „ѝ помага“ на жената, па веројатно е фер да речеме дека нештата мрдаат во позитивна насока, но не доволно. Статистиките велат дека дури и во најдобар случај жената денес минува барем три пати повеќе време во грижа за децата и возрасните и одржување на домот споредено со нејзиниот партнер. Во време на пандемија овие статистики уште повеќе се оддалечуваат од посакуваната рамноправност, бидејќи за жал жените се поранливи и диспропоционално попогодени од кризата.
Жената денес минува барем три пати повеќе време во грижа за децата и возрасните и одржување на домот споредено со нејзиниот партнер. Во време на пандемија овие статистики уште повеќе се оддалечуваат од посакуваната рамноправност.
АЈ: Во едно интервју ми рековте дека „добар партнер е некој со кој стануваш подобра верзија на себе си“. Низ лични примери што тоа значи?
АМ: Во вртлогот на тривијалноста на секојдневието и токсичните проблеми кои натежнуваат од сите страни, добар партнер е оној кој нема да ти дозволи да потонеш, кој ти дава ветар во едрата, те поддржува во твоите избори и интелектуално те провоцира. Ти ја дава слободата да бидеш онаква каква што си и те поттикнува да го оствариш својот целосен потенцијал. За да не звучи како листа на веќе слушнати фрази ќе додадам и дека во мојата љубовна бајка добaр партнер е оној кој верува во феминизмот, инсистира на рамноправен партнерски однос и се гордее со моите професионални и активистички ангажмани. Тој е оној за кој нашето дете и нашето семејство се центар на светот. Оној кој едвај чека да си дојде дома од работа за да разговараме – од најбанални теми за денот што изминал до најдлабоки размисли за уметноста. Оној кој упорно ми вика „понеси џемперче“ иако знае дека нема да го послушам (се смее). Оној кој се враќа од пат со нови книги со посвета. Оној кој самоиницијативно го чува малиот за да одам на некоја изложба или книжевен фестивал. Оној кој ме научи што е ќунефе и ашуре. Оној со кој можам да го гледам Кар-Ваи по стоти пат. Оној кој знам дека е дел од мојот тим дури и во миговите кога сме лути еден на друг…
Добар партнер е оној кој нема да ти дозволи да потонеш, кој ти дава ветар во едрата, те поддржува во твоите избори и интелектуално те провоцира. Ти ја дава слободата да бидеш онаква каква што си. Тој е оној за кој нашето дете и нашето семејство се центар на светот. Оној со кој можам да го гледам Кар-Ваи по стоти пат. Оној кој знам дека е дел од мојот тим дури и во миговите кога сме лути еден на друг…
АЈ: Низ колумните за родови и културолошки теми во вашата книга „Културна фабрика“ – Огледи за родот, градот и популарната култура, реактуелизирате некои сé уште отворени и контроверзни прашања – протофеминизмот, контролата над телото на жената, порнографијата, болката, уметноста, филозофијата на осаменоста, рекламите, реалните шоуа и многу други теми. Албер Ками ни остави аманет фатен во следниве зборови: „Должност на писателот е да ја спречува цивилизацијата да се уништи себеси“. Се обидувате ли да го исполните аманетот на Ками?
АМ: Тоа сепак би била преамбициозна претпоставка (се смее). Никогаш не сум тргнувала во пишувањето со некаква однапред искалкулирана намера. Впрочем блиска ми е изреката на феминистичката икона Рут Бејдер Гинзбург која ја загубивме неодамна, а која велеше: „Вистинската промена, трајната промена се случува чекор по чекор.“ Во таа смисла, она што се надевам дека го правам е да испровоцирам дебата за прашањата за кои обично се молчи, да размрдам некои закоравени предрасуди и стереотипи, да најдам истомисленици и барем да ги натерам оние другите да се замислат над своите ставови и да ги погледнат и од другата страна. Конечно – да ја продолжам својата учителска мисија и со други средства, да поттикнувам жед за знаење, слободни избори и родова еднаквост. Кога една мајка ми пиша дека нејзините две тинејџерки ја читаат мојата книга на летување, тоа за мене беше прекрасна потврда дека не е залудно и дека мојата капка во океанот можеби нема да направи цунами, но барем малку ќе ја разбранува застоената вода.
Блиска ми е изреката на феминистичката икона Рут Бејдер Гинзбург која ја загубивме неодамна, а која велеше: „Вистинската промена, трајната промена се случува чекор по чекор.“
АЈ: Честитки за новата книга „(И)стории од долапот“ (Избор од македонска народна еротика) која ви излезе минатата недела, или Ars Erotica на македонски начин! Тринаесет години по „Голиот на гости“, уште една еротска и(сторија) се занимава со скокотливоста на сексуалноста, вечната табу-тема заробена меѓу приватноста и фантазијата, низ еротски приказни, песни, гатанки, пословици и други народни умотворби од корпусот на македонскиот фолклор. Каков беше процесот на истражување, архивирање, творење, пишување?
АМ: Благодарам Ана. Оваа книга е уште едно навраќање на темата за еротиката во македонскиот фолклор, за која сум пишувала и порано. Mојот личен афинитет кон проучување на премолчуваните теми продолжува. Процесот на копање по архивите и книгите за мене е секогаш возбудлив. По месеците заглавени во хаосот од белешки, варијанти и креативни дилеми, потрагата по совршените зборчиња и оформувањето на конечниот текст е јаготката на шлагот.
АЈ: Во книгата пишувате дека „зачудува широчината на темите и мотивите за овие еротски творби, почнувајќи од реалните теми од сексуалниот живот на луѓето како на пример верноста и неверноста, сексуалната неспособност или неискуство, бракот и односите меѓу брачните партнери, преку воајеризмот, мастурбацијата, инцестот, нудизмот, хомосексуалноста“… Што претставува сексуалната слобода?
АМ: Прашањето на сексуалноста е врзано со прашањето на моќта. Па, кога зборуваме за сексуална слобода зборуваме и за хиерархиските односи меѓу мажите и жените, за конструирањето и дисциплинирањето на родовите и сексуални идентитети. Во тој контекст, сексуална слобода е да ја провоцираш догматската рамка на патријархатот, да ги предизвикуваш непишаните норми и прифатливи матрици на однесување, да не морализираш за туѓите сексуални апетити, да ги кршиш стеротипните претстави за женскоста и машкоста, да инсистираш на одвојување на сексот од репродукцијата, да бидеш отворен кон сексуалните различности и преференци… А зарем има нешто поскапоцено од тоа да љубиш слободно?!
Сексизмот го има и во перењето мозоци со сапунските серии, во учебниците во кои сé уште тато на работи оди, а мама дома меси, во коментарите за женскиот изглед на работното место…
АЈ: Каде гледате сексизам во нашево општество?
АМ: Се плашам дека немаме доволно простор за сите примери на кои ми текнува во моментов… ќе тргнам од последните напади на социјалните мрежи за мајките кои „не им се одело“ на работа додека цел живот сите ги учеа дека мајчинството е најважната работа за една жена. Сексизмот го има и во перењето мозоци со сапунските серии кои промовираат патријархални вредности. Во учебниците во кои сé уште тато на работи оди, а мама дома меси, во коментарите за женскиот изглед на работното место, во фактот дека квотата од 40% жени во парламентот е мачна обврска за партиите, а родовата рамноправност само предизборна флоскула. Го има и во родово базираниот говор на омраза во медиумите, двојната виктимизација на жртвите на семејно и сексуално насилство итн. Најважно е да научиме да го препознаваме!
Во последно време се фаворизира форма на часовник со тенка половина и голем задник ала Ким Кардашијан. Водени од желбата да станат налик на старелетите и инфлуенсерките, очајно посакувајќи да бидат посакувани, жените, особено младите девојки се изгладнуваат, опсесивно бројат калории, што резултира со нарушувања во исхраната, анорексија и булимија.
АЈ: Во вашите колумни кои ги објавувавте во неделникот „Глобус“ и во дневниот весник „Нова Македонија“ често пишувавте за опсесијата со диети, чудотворни пилули, градници со пуш-ап ефекти и силикони. Притисокот врз мажите за иделаното тело е неспоредливо помал во споредба со жените. Се проценува дека од булимија страдаат пет проценти високообразовани жени, за само еден од 300 мажи. На што се должи ова, според вас?
АМ: Долго време се идеализираше недостижниот идеал на претерано слабо тело, а во последно време се фаворизира форма на часовник со тенка половина и голем задник ала Ким Кардашијан. Водени од желбата да станат налик на старелетите и инфлуенсерките, очајно посакувајќи да бидат посакувани, жените, особено младите девојки се изгладнуваат, опсесивно бројат калории, се измачуваат во салоните за слабеење, што резултира со нарушувања во исхраната, анорексија и булимија. Оваа експлоатација продолжува и од страна на модната и козметичката индустрија, кои ја поттикнуваат оваа опсесија нудејќи производи кои ќе помогнат – волшебни напитоци, чаеви, градници и мидери со пуш-ап ефекти, силикони и пластични операции. Дајте му познат лик на проблемот за да сфатите колку е сериозен, на пр. во одделението на внука ми во една скопска гимназија нема ниту едно девојче без пластични нокти, а ќерката на една пријателка која има 23 години ги оперираше градите по втор пат.
Често ја цитирам Наоми Волф, која тоа го нарекуваше „Iron Maiden“, како концепт кој не само што е недостижен стандард, туку и психички и физички ги казнува жените доколку не го остварат. Жените конечно треба да престанат да бидат пасивни робинки на ваквите предубедувања. Им се радувам на сѐ побројните иницијативи за body positivity и за убавина во секоја величина и форма, кои им помагаат на жените да се чувствуваат добро во својата кожа и да имаат избор да прават што сакаат со своите лица и тела!
Во одделението на внука ми во една скопска гимназија нема ниту едно девојче без пластични нокти, а ќерката на една пријателка која има 23 години ги оперираше градите по втор пат.
АЈ: Во „Културна фабрика“ пишувате за ликот на Лилит, познат уште од Месопотамија, преку арапската и грчко-римската митологија, па се до современиот окултизам, како жена која е спремна да се откаже и од рајот во борбата за слобода и рамноправност. Каде сè го наоѓате патријархалниот модел во културата во македонското општество?
АМ: Каде и да се свртам, сакале да признаеме или не, сè уште сме длабоко заглавени во патријархалната култура, која ги замолчува и поткопува женските искуства како инфериорни, која има двојни аршини за мажите и жените. И тука спаѓаат вербалното насилство, менсплеингот (кога мажите ги прекинуваат жените додека зборуваат и паметуваат), исклучувањето од позициите на кои се носат одлуки, омаловажувањето, фемицидот… Нашата конзервативна традиција наложува жените да се откажуваат од своето име, својот имот и семејно наследство. За среќа, од Лилит наваму постојано се зголемува бројот на хероини, феминистки, активистки и уметнички кои се борат против механизмите за маргинализација, поттикнуваат рамноправност и прават значителни чекори кон поголема видливост и оснажување на жените.
АЈ: Ве цитирам: „Голем број жени сè уште се доживуваат исклучиво како „продолжение“ на својот маж и сметаат дека е нормално да бидат жртва за доброто на сопругот и децата и се тешат дека, можеби, мажот е главата, ама жената е вратот. Според некои истражувања направени во европски рамки, 75% од жените готват секој ден, независно дали се вратобени или не. Поголемиот број на испитанички тврдат дека се чувствуваат емоционално одговорни да го прават тоа за другите членови од семејството. Кујната е сè уште царство на жените! Дури и во поеманципирани општества од нашето, во Норвешка на пример, анкетите покажуваат дека жената минува трипати повеќе време од мажот во кујната и во извршувањето на домашните работи.“
АМ: Најпознатите готвачи во светот се мажи, совршени пред камерите, кога од готвењето се заработува, додека во семејните кујни жените и натаму остануваат задолжени за секојдневното готвење. Јасно е дека жените немаат повеќе слободно време, но сепак ја прифаќаат традиционалната улога на задолжени за исхраната на семејството. Се чувствуваат емоционално одговорни да ја докажуваат својата љубов со тоа што ќе бидат мајки хранителки, и на своите деца, и на своите мажи. Исклучоци има, но недоволни за да го сменат впечатокот. Ми текнува на анегдотата дека дури и на Хилари Клинтон во текот на изборната кампања во САД некој ѝ пристапил со добро познатата изрека: Местото на жената е во кујната! И затоа збеснувам кога ме убедуваат дека феминизмот е мртов и веќе ги извојувал сите битки. Ох колку сакам да беа во право.
Некогаш ги допираме луѓето и без да сме свесни. Дури и малите камчиња можат да предизвикаат лавина.
АЈ: Прекрасна е и корицата на вашата нова книгата „(И)стории од долапот“, станува збор за делото „Жени и сатири“ (1967) од вашиот дедо, познатиот уметник Никола Мартиноски. А зборувајќи за народната еротика на македонската јавна сцена, неизбежно е да се спомене дека прво издание кај нас е збирката „Македонски еротски приказни“ во избор на Кирил Пенушлиски, ваш дедо. Па, длабејќи низ вашите семејни корени, се сетив и на инспиративната приказна за баба ви, која, иако родена во 1914 година во Гевгелија, успеала да заврши факултет, цел живот да ги негува своите женски пријателства (и со нив да се забавува играјќи бриџ или полнејќи ги батериите во Врњачка Бања), да чита руски класици во оригинал и да воспитува генерации франкофони, да биде феминистка, иако никогаш не го искористила тој збор. И сето тоа, покрај несебичната грижа за сопругот, трите деца и многубројните внуци, кои еднакво ги обожаваа нејзините ќофтиња и нејзините приказни за добра ноќ, ќе речете. Ваквите жени, секојдневно и тивко го менуваа светот на подобро. Оние другите кои се решија на политичка борба влегоа во официјалните историски канони. Некои, пак, останаа изоставени од нив. Нивните имиња остануваат да ни брмчат во ушите и да нè потсетуваат дека сме должни да не се откажуваме до борбата за рамноправен свет. Кои жени го променија светот?
АМ: Ме разнежнува помислата на сите мои драги чии животни приказни се навистина инспиративни и кои со леснотија достигнаа врвови кои и денес ми се репер во животот. И најважно, сето тоа без трунка горделивост и самобендисаност, со извонредна човечка топлина, со скромност и доблест да се споделува – и талентот, и знаењето, и емоцијата. Баш неодамна, на годишнината на смртта на баба ми, еден академик ми пиша дека нејзините часови по француски го одредиле неговиот професионален и животен пат. Убав пример за тоа дека некогаш ги допираме луѓето и без да сме свесни дека дури и малите камчиња можат да предизвикаат лавина.
Светот го менуваат и безимените и влијателните! И оние жени кои тивко ги бијат своите битки во својата училница, во своето семејство или своето маало, како и оние кои стануваат јавно препознатлив рол-модел.
АЈ: На кои жени во Македонија „им симнувате капа“? Кои би ги издвоиле како позитивни рол-модели?
АМ: Можеби е неблагодарно да споменам само неколку, ама еве ги моите хероини, мојата надеж дека може и мора поинаку: Јана Белчева-Андреевска и нејзината заложба за град по мерка на граѓаните. Домника Кардула и нејзиниот глас за инклузија и подобрување на положбата на децата со нетипичен развој. Дита Старова Ќерими која со своите лидерски способности и врвно образование одлично ја менаџира Националната галерија на Македонија и тоа на високи потпетици. Урбаната легенда Ангелика Апсис и нејзината заразна љубов за МСУ и Скопје. Мерсиха Смаиловиќ и нејзините напори за помош на бегалците и социјално загрозените, но и против предрасудите за жените муслиманки. Дороти Пачкова и борбата за еднородителски семејства. Искра Гешовска, Бранка Костиќ Марковиќ, Милена Стевановиќ и уште многу други силни, слободоумни и динамични жени кои ги креваат повисоко стандардите на нашата реалност.
Не е исто да бидеш во самоизолација во куќа со тераса додека живееш од пристојни примања или да си исфрлена од домот или работното место, плашејќи се за голиот опстанок.
АЈ: Како жена која успешно жонглира со кариерата и семејството, како професорка и мајка, како колешка и пријателка… во кои притисоци се заглавивте денес во оваа светска криза од коронавирусот? И како современите жени да останат непрегорени во оваа пандемија?
АМ: Корона кризата ги извади на виделина сите слабости на светот во кој живееме. Карантините и другите рестрикции имаа поразителен ефект врз жените, бидејќи домот, за жал, не е безбедно место за сите. Сведоци сме на многукратно зголемување на семејното и домашно насилство во услови на принудна затвореност во домот. И економската бездна има женски лик. Глобално тие почесто работат слабо платени професии, непријавени, во услужни професии кои беа први на удар и кај кои и ризиците и бројките на отпуштени работници беа највисоки. Многу жени ја изгубија платената работа, а од друга страна значително им се зголеми неплатената работа како резултат на затворањето на градинките и училиштата, преоптоварениот здравствен систем и зголемените потреби на возрасните членови на семејството. Овој голем товар врз женските плеќи и дискриминацијата се зголемуваат интерсекциски, во еднородителски семејства, во семејствата со поголем социјален ризик, кај лицата со попреченост… Не е исто да бидеш во самоизолација во куќа со тераса додека живееш од пристојни примања или да си исфрлена од домот или работното место, плашејќи се за голиот опстанок. Затоа и не сакам да се жалам, свесна за својата привилегија пред многу други, но сепак ќе признаам дека како и мнозинството жени, и мене пандемијата ме исправи пред нови, дополнителни обврски и константно чувство на премор од балансирањето помеѓу приватните и професионалните ангажмани.
АЈ: И покрај заморот и балансирањето на многубројните обврски, за време на оваа криза успевате да ја публикувате книгата „(И)стории од долапот“. Професорката и писателка Соња Стојменска-Елзесер вели: „Во областа на фолклорот е сторено многу повеќе во однос на препознавањето и разбирањето на еротиката, отколку во останатото уметничко творештво кај нас“. Зошто е тоа така?
АМ: Не мислам дека има некоја особена причина, едноставно затоа што еден фолклорист прв се одважил на предизвикот. Проф. Пенушлиски навистина беше редок гениј со исклучително отворен ум, надвишен над паланечкиот менталитет и доволно храбар да предизвика револуција во тогашниот научен и културен дискурс. Неговиот пример подоцна го следат Боне Величковски, Иван Котев и други, а се објавуваат и првите истражувања на еротиката и во другите области на културата, вклучувајќи ја тука и антологијата на еротска проза „Гризни го јаболкото“ која ја приреди Соња Стојменска-Елзесер. Листата денес е значително подолга, но верувам дека вистинските книги за еротиката допрва ќе излезат од долапите.
АЈ: Во книгата пишувате и за тоа дека Фројд упатува на „единствената негативна врска што постои меѓу гатанките и вицовите, според која едните го кријат тоа што другите го прикажуваат“.
АМ: Гатанките се исклучително погодни за смели и вулгарни еротски асоцијации. Тие се одличен пример за ефектот на изневерено очекување. Точниот одговор секогаш е погрешен. На пр. „Кусо дебело, на жените им потребало“ и покрај вулгарните асоцијации крие невин одговор – толчник. Процесот на погодување и нудење погрешни одговори создава смеа. Во таа смисла Фројд ги опишува гатанките како „двојници на вицевите“ и упатува на двосмисленоста на зборовите и на мултиплицирањето на концептуалните односи како клучни за жанрот.
Ме вознемируваат статистиките дека осаменоста кај тинејџерите и кај повозрасните луѓе е трократно зголемена и ме плашат последиците од ваквите состојби.
АЈ: Често се вели дека осаменоста е избор на писателите и филозофите. Вие го поставивте прашањето: „Дали секој човек е осамен? Дали се во право егзистенцијалистите коа тврдат дека осаменоста е есенцијата на тоа да се биде човек, кој доаѓа и си оди од овој свет сам?“ Па, ќе прашате дали можеме да му веруваме на Џозеф Конрад кога вели: Којзнае што е вистинска осаменост – не конвенционалниот збор туку самиот терор?
Што за вас претставува осаменоста? И каде е разликата меѓу осаменоста како изолација и алиенација, и самотијата како потреба да се биде сам со себе, за да се биде во дијалог со себе?
АМ: Во младоста ми беше интересна егзистенцијалистичката филозофија за осаменоста како човекова состојба, иако таа во голема мера е спротивна на мојата природа. Добро се чувствувам во сопственото друштво. Не ми пречи да бидам сама со своите мисли и своите интереси, напротив, но тоа се пријатни, куси мигови најчесто кога пешачам покрај реката, дополнително скусени и драгоцени од кога имам дете (се смее). Сепак, кога размислувам за осаменоста, всушност мислам на луѓето кои се чувствуваат сами, отфрлени, отуѓени, празни… Свесна сум дека чувството на осаменост можеш да го имаш и кога си со некого, во врска, во брак, на забава, во сред толпа, но јас само посакувам конструктивна и креативна самотија, а не депресивна осаменост. Тоа особено е важно во ова кризно пандемично (не)време во кое се отежнаа социјалните контакти и кое уште повеќе го префрли нашиот живот во виртуелниот свет. Ме вознемируваат статистиките дека осаменоста кај тинејџерите и кај повозрасните луѓе е трократно зголемена и ме плашат последиците од ваквите состојби.
АЈ: Што ве прави среќна?
АМ: Малку ми треба за среќа. Кога ме буди едно раченце што бара гушкање и галење наместо будилник. Кога маж ми ќе го погоди идеалниот сооднос за вотка мартини или кога ми пее влашки песни. Кога читам добра книга под сенка на „нашата“ плажа на Крф… Но исто така и смеењето до солзи со моите другарки, лезетскиот кафе-муабет со мајка ми и сестра ми, жолчните дебати за машко-женските односи со внуките, Охрид кога е празен, настани од културата кога се полни, црно чоколадо со бадеми, уште еден пар нови чевли, прошетка на Кале, мал гест на добрина, случајно испровоцирана насмевка, многу такви едноставни, секојдневни нешта кои се важни првенствено заради љубените луѓе со кои ги споделувам.