Легендарната изведувачка Нина Симон била пејачка чија музика претставувала микс од џез, блуз и фолк. Таа била голем активист и поборник за човековите права, позната по песните “Mississippi Goddam,” “Young, Gifted and Black” and “Four Women”. .. Таа велела: “Музиката е подарок, но и товар кој го имам откако знам за себе. Таа ми беше вродена.”
Нејзиното вистинско име е Јунис Кетлин Вејмон и е родена на 21 февруари 1933 година во Северна Каролина. Научила да свири пијано на 3 годишна возраст, пеела во црковен хор, а подоцна и студирала класично пијано на Џулијард во Њујорк.Ги напуштила студиите бидејќи немала доволно финансиски средства. Потоа се преселила во Филаделфија за да живее со своето семејство, а нејзината кариера доживува неочекуван пресврт откако е одбиена од Инситутот Куртис. Таа подоцна изјавила дека не била примена поради тоа што била Афро-американка.
Во 50-тите години почнува да пројавува интерес за џез и блуз и да настапува во ноќни клубови. “Нина Симон” станува нејзино уметничко име, а се одлучува на тоа поради шпанскиот збор “niñа”, прекар даден од нејзиното момче, додека “Simone” е инспирирано од француската актерка Симон Сињоре. Првиот албум го издала во 1957 година, а “I Loves You Porgy” веднаш станала хит.
Нина во 50-тите, 60-тите и 70-тите издава музика за различни издавачки куќи со што почнува да ја создава својата историја. Тука спаѓаат добро познатите “The Amazing Nina Simone” (1959), “Nina Simone Sings Ellington!”(1962), “Wild Is the Wind”(1966) и “Silk and Soul”(1967). Таа исто така правела и преработки на поп песни давајќи им свој печат, меѓу кои “The Times They Are A-Changin'” на Боб Дилан и “Here comes the sun” на Битлси. Својата сензуална страна ја покажува со песните како “Take Care of Business” кое се наоѓа на “I Put a Spell on You” (1965) и “I Want a Little Sugar in My Bowl” од “Nina Simone Sings the Blues” (1967).
Музиката на Нина Симон не може прецизно да се дефинира. Таа била музички едуцирана и црпела инспирација од изворите на госпелот и фолкот. Често била нарекувана “Високата свештеничка на соулот”, но го мразела тој прекар. Исто така не сакала да ја нарекуваат и “џез пејачка”.
“Ако веќе морам да бидам некако наречена, би требало да бидам фолк пејачка затоа што во мојата изведба има повеќе фолк и блуз отколку џез”, вели таа во својата автобиографија.
Во 60-тите години нејзината кариера зема замав и почнува да се ангажира и во движењата за човекови права. Како што одминувало времето, таа се заморила од американската музичка сцена и длабоката политичка поделеност, пред се расните конфликти.
Нина Симон подоцна живеела во неколку држави (вклучувајќи ги Швајцарија, Англија и Барбадос, за на крајот да остане во Франција) и се соочувала со сериозни психички и финансиски проблеми.
После подолга пауза се враќа во 1978 година со албумот “Baltimore”, за кој од критичарите добива позитивни коментари, но комерцијално не поминува баш најдобро. 80-тите години се период за преродба на Нина во поглед на музиката. “My baby just cares for me” била употребена за рекламата на Шанел 5 во Велика Британија, но вистински хит станува во 1985-та. Нејзината автобиографија “I put a spell on you” е издадена во 1991, а во 1993-та излегува синглот “A single woman”. Таа периодично одела на турнеи и стекнала многу фанови, а салите биле преполни кога и да настапувала. Била гостинка на прославата за 80-от роденден на јужно-африканскиот лидер Нелсон Мандела.
Лиза Симон Кели, ќерката од вториот брак на Нина со менаџерот Ендрју Страуд, ги следела стапките на својата мајка. Заедно настапиле на неколку песни на фестивал во Даблин, а Лиза се појавила и на Бродвеј во “Аида”, користејќи го уметничкото име “Simone”.
Постојат индикации дека во последните години од својот живот се борела со рак на дојката. Умира на 21 април 2003 година во својот дом во Франција, но долго време по смртта останува инспирација во светот на музиката, уметноста и активизмот за артистите ширум светот.
За нејзиното огромно влијание зборува и фактот што за неа има снимено и документирани филмови: “The Amazing Nina Simone” и “What Happened, Miss Simone?” во кои се прикажуваат многу детали од нејзината кариера и приватниот живот.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот