Мирослава Деспотовиќ е дел од тимот на СОС телефонот Врање чија основна функција е заштита на човековите права, пред сè на жените кои се жртви на семејно и партнерско насилство. Зборувавме поддршката која ја даваат, заштитата и едукацијата, за досегашните подвизи и за идните планови на ова поле.
Во 2002 година во рамките на ОЦД Одборот за човекови права, се формираше СОС телефон специјализиран за поддршка и помош на жените жртви на семејно насилство. Во кој момент ја почувствувавте потребата за формирање СОС телефонот?
Во рамките на ОЦД Одборот за човекови права Врање, група жени во 2002 година формираа специјализиран СОС телефон за помош и поддршка на жените кои биле жртви на насилство во семејството и партнерските односи. Потребата за основање ваков специјализиран сервис се појави кога се зголеми бројот на жени со проблеми со семејно и партнерско насилство. Сите тие почнаа да го контактираат Одборот за човекови права за конкретна помош и поддршка.
Кои области од Врање ги опфаќа Центарот за помош?
СОС Телефонот Врање работи нон-стоп 14 години и до ден денес е единствениот специјализиран сервис за помош на жените жртви на насилство во семејството и партнерските односи во Пчињската област. Седиштето на СОС Телефонот е во Врање и им дава услуга на жени во седумте општини во Пчињската област: Врање, Владичин Хан, Сурдулица, Бујановац, Прешево, Трговиште и Босилеград. На овој телефон се јавуваат жените од цела Србија и регионот, вклучувајќи ги и Македонија (Куманово, Скопје и Битола) и Косово и Метохија.
За каков вид помош станува збор, покрај телефонската линија која работи постојано?
СОС Телефонот Врање дава бесплатни услуги на жените: поддршка, правна и психосоцијална помош преку СОС телефонскиот разговор. На клиентките им е достапна помош и во СОС канцеларијата преку бесплатни информативни разговори, бесплатна правна и психосоцијална помош, координација со надлежните институции за помош на жените кои се изложени на насилство. СОС Телефонот е тука да ги сослуша жените, да разговара со нив, да ги информира за нивните права, да пренесе знаење и искуство од други жени и да им даде поддршка. Со помош на СОС телефонот многу жени го надминуваат чувството на вина, страв, срам дека се дел од семејното, партнерското насилство врз жените.
Колкав тим луѓе работи во Центарот? Дали е претходно потребна соодветна едукација бидејќи се работи за чувствителна тема, а и заради потребата од советување за жртвите кои го користат телефонот за помош?
Во тимот работат правници, психолози и социјален работник. Исто така работат и волонтери, консултанти кои се јавуваат на СОС телефонот. Целиот тим поминува низ основен тренинг за работа со СОС телефон, како и низ многу стручна едукација од областа за заштита и помош на жените изложени на насилство. Континуитетот на обуката продолжува со сите СОС консултанти.
Кои се вашите начела, кон што се стремите, која е пораката што сакате да ја пренесете?
Заштита, унапредување, зачувување, почитување и промоција на човековите права, пред сè на жените во согласност со Конвенцијата на Советот на Европа за спречување на борбата против насилството над жените и насилството во семејството (Истанбулската Конвенција), Меѓународната конвенција на ОН, меѓународни и национални стандарди, низ развој на социјалното друштво, едукација, информација, развој на свеста на граѓаните за човековите права и принципи на демократското општество. Основната порака која сакаме да ја пренесеме е „Оној кој врши насилство е одговорен за тоа, не оној кој го трпи насилството“. „Важно е да се зборува за насилството, важно е жената да не трпи насилство и важно е ВЕДНАШ да го пријави“.
Каков е одзивот од луѓето, дали наидувате на поддршка?
Искуствата се различни. Ние живееме и работиме во локална заедница каде е изразен патријархатот и традиционалната улога на жената во семејството. Во јавноста многу повеќе се зборува за проблемите на семејно и партнерско насилство, а нашата работа станува и социјално сè поприфатлива. Но, трендовите во последните година-две се менуваат, така што на ‘мала врата’ се враќа мислењето дека „многу жени со своето однесување заслужуваат насилство“. Најголемата поддршка за нашата работа ја добиваме токму од нив. Локалната самоуправа на Врање и општината на Пчињската област ја препознава вредноста на СОС телефонот Врање, ја имаме нивната поддршка за проектите, што не беше случај во претходните години.
Профил на повик: психичко, физичко и економско насилство
Карактеристики: манифестира грубо псхичко насилство – отворени закани по животот „ќе те убијам, ќе те убијам на работно место, ќе те фрлам во бунар, имам пиштол, ќе те убијам на спиење…
Кои се најтешките случаи со кои сте се соочиле досега?
Најтешкото искуство е од 2008 година, кога еден ден по доаѓањето во СОС советувалиштето, жената беше убиена со нејзините две малолетни деца и мајка ѝ. Тоа беше случај на четирикратно убиство во село Кршевица кое се наоѓа во близина на Врање. Тешко беше да се бориме и со институциите на југот на Србија во име на една жена која се обрати во СОС канцеларија, бидејќи не можеше да го врати своето малолетно дете да живее со неа. По пресудата и по разводот, детето е доделено на мајката со право таткото повремено да го гледа. Но, на една од тие средби, таткото буквално го киднапирал детето кое немаше ниту една година. По 12 години непрекината борба, адвокатот на СОС телефонот во име на жената напиша претставка до Меѓународниот суд во Стразбур. За неполни 3 месеци Меѓународниот суд одлучуваше во име на овој предмет и го потврди правото на жената да живее со детето, а државата Србија заради неправилности во работата на државните институции да ѝ исплати на жената отштета од 10 000 евра.
Исто така, СОС телефонот ѝ помагаше на една девојка од југот на Србија, која 8 години била во куќен притвор од страна на нејзиното семејство. Две години се боревме со надлежните институции во Врање кои се обидуваа да ја вратат девојката назад во семејството. И успеавме да го одбраниме нејзиното право на слободен живот. Девојката подоцна се омажи и сега живее среќен и слободен живот. Се случува насилници да го нападнат и нашиот тим на СОС телефонот, заради што еден насилник е осуден и издржуваше казна затвор од 6 месеци. Во принцип секој случај е тежок сам за себе. Секој повик на СОС телефонот Врање е еден живот и секој носи своја тежина и карактеристики.
Што е со бројките, дали имате некаква статистика во однос на жените кои бараат помош?
СОС телефоонот Врање во периодот од 01.01.2016 година до 31.10.2016 година забележа 185 повици. Од таа бројка, за помош и поддршка се обратија 93 жени. Од почетокот на годината во Врање на територијата на Пчињската област како последица на семејно насилство се убиени две жени. На СОС телефонот неколку жени имаат пријавено акутно континуирано насилство, кое во еден момент станува закана по животот. Тоа што загрижува е игнорантскиот однос на институциите задолжени за тоа да го препознаат насилството врз жените, факт кој се потврдува со сè поголемиот број регистрирани случаи од страна на СОС телефонот Врање.
Карактеристично е тоа што од почетокот на 2016 година е зголемен бројот на жени кои пријавуваат континуирано следење и надгледување (60% од вкупниот број жени). Постојаните закани упатени кон жената да се врати во семејството или партнерскиот однос „мене никој не ми може ништо, ни полиција, ни суд, имам јас свои луѓе секаде…“
Искуството покажува дека жените кои се обраќаат до институциите за помош е залудно, тие не реагираат професионално и на соодветен начин сè додека насилството не добие екстремен облик
Стереотипи, патријархални ставови за положбата и улогата на жената во семејството, домашното воспитување на некои професионалци во институциите кое го „носат“ на работното место, недоволното специјализирано знаење за механизмите на семејното насилство и видовите семејна тортура над жените во четири ѕида, доведува до тоа надлежните институции за помош на жените жртви на семејно насилство да кажат „па ти смири се малку, зошто го предизвикуваш, мора да си кажала нешто што не треба, молчи малку, имаш деца, сега ли ќе се разведуваш – срамота е, една шлаканица не е ништо, сигурно си ти виновна…“
СОС Телефонот Врање во овие ситуации се повикува на принципите кои се дефинирани во многу протоколи, кои ги применуваат институциите надлежни за постапување во случај на насилство во семејството, како и на меѓународните стандарди каде е дефинирано дека во случаи каде има пријава и евиденција на семејно насилство не се применува случајот на помирување – медијација.
Насилството врз жените во семејството не препознава сиромашани и богати, не препознава образовани и необразовани жени, жени од село и град…
Какви проекти и активности се во план во периодот што следи?
Планираме да лиценцираме уште една СОС услуга. Планираме да станеме дел од национланиот СОС телефон на Србија. Активно работиме на развој на локалната мрежа за борба против насилството во семејството и партнерските односи во 7 општини на југот на Србија. СОС телефонот Врање е член на сите тие мрежи и на наша иницијатива во 2016 година е формирана работна група ЛМ во 5 општини. Веќе три години ја развиваме регионалната мрежа во оваа област со цел брза реакција и конкретна помош за сите жени, без разлика во која општина се случило насилството.
Наша цел е регионално поврзување со НВО од околните земји. Ќе ни биде многу мило доколку воспоставиме соработка и со невладините организации од Македонија кои работат на ова поле.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.